Кој ја крои рамката на детските цртежи?
21 јули 2023Соработката меѓу деца од ликовни студија од РСМ и Бугарија, но не во ликовниот дел, туку во делот на средби со политички личности, ги отвори дебатите за евентуална политичка инструментализација на децата во име на добрососедските односи. Една таква дебата, но и овдешната најава дека ќе се истражат околностите, предизвика реакции во јавноста кај источниот сосед.
„Владата на Северна Македонија стигна до ново дно: министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ѝ нареди на полицијата да започне предистражна постапка против наставник затоа што носел деца да цртаат во Бугарија - пред Народниот театар и во Пловдив, а потоа ги посетиле бугарскиот парламент и претседателството“, напиша на Фејсбук поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.
„Не знам дали колегите разбираат како изгледа ова - како да прават очајнички потези за да се приклучат кон еден многу фамозен светски клуб“, оцени таа, наведувајќи дека не станува збор за ЕУ, туку за клуб на тоталитарните режими.
„Учител може да биде гонет за такво дело само во Русија, Белорусија и Северна Кореја. А сите си мислевме дека на Балканот сме ја затвориле таа мрачна страница од историјата“, напиша Захариева.
Ова уследи откако македонски медиуми вчера ја пренесоа изјавата на министерот Спасовски, во однос на критиките дека деца од РСМ се носат на средби и се фотографираат со бугарски политичари, односно дека се искористени „како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“.
„Секако дека сум запознаен со случајот и кога ќе добиеме каква било информација, постапуваме. Во моментот процесното дејствие коешто стоеше на располагање на Секторот за внатрешни работи - Битола е да се поднесе известување до Јавното обвинителство во однос на овој случај. Очекуваме да видиме дали ОЈО ќе даде одредени наредби за прибирање на соодветна документација“, ја пренесе „Независен“ изјавата на министерот за внатрешни работи.
Тенка линија
Спасовски, кој во рамките на проектот на МВР - „Отворен кабинет“, вчера беше во посета на СВР Битола, според објавените фотографии се сретнал и со раководните лица на „Мал битолски Монмартр“, преку чие детско ликовно студио деца од РСМ често престојуваат во Бугарија. Таа соработка се одвива во рамки на кампањата „Од двете страни на границата“ што ја спроведува бугарската Фондација „Бугарска меморија“ на Милен Врабевски, која исто така помага и бугарски клубови во РСМ.
Според реакции во јавноста, нема ништо лошо во тоа што децата од РСМ во Бугарија се дружат со нивните врсници, цртаат заедно и преку цртежите испраќаат пораки за пријателство, мир и добрососедство. Но, реакциите однесуваат на неликовниот, политички дел од организацијата на престојот - прием на децата кај бугарскиот претседател, кај поранешниот бугарски премиер - царот Симеон Втори (Сакскобурготски), посетата на гробот на неговиот татко, царот Борис Трети и „лекциите“ што таму ги слушаат...
Дали тие активности се соодветни за нивната возраст и дали има политичка инструментализација на деца во име на соработката меѓу младите и доброседските односи? Домашните институции досега не покажаа дека имаат контрола врз активностите кога станува збор за вакви програми на меѓународна соработка во кои учествуваат македонски ученици. Таков беше и случајот од крајот на октомври лани, кога фондацијата „Бугарска меморија“ објави дека во дводневна посета на Софија се ученици од битолското средно Техничко училиште и ги претстави како „истомисленици на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола“. По реакциите во македонската јавност ги отстрани објавените фотографии.
Ако МОН нема пари, друг има
Во однос на последниот случај, сѐ започна кога детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, кое бесплатно го посетуваат деца на возраст од 5 до 18 години и кое го организира детскиот уметнички фестивал „Мал битолски Монмартр“, по цели три децении лани за првпат остана без финансиска поддршка од Министерството за образование и наука. Таму каде што исчезна поддршката од македонската држава, со поддршка се јави и продолжи фондацијата „Бугарска меморија“. Славчо Неделковски - претседател на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола, на прашањето како се доживува во Македонија блискиот однос на неговото студио со Бугарија, дал многу директен одговор во интервјуто објавено на страницата на бугарската Фондација.
„Класична опструкција на сите нивоа. Од прекината поддршка од Министерството за образование и наука, до мала поддршка од Министерството за култура, за резултати кои го промовираат студиото, Битола и Северна Македонија. Јавни квалификации дека веќе сме бугарофили. Но срамот е за нив“, вели Неделковски.
За Милен Врабевски вели дека е пример за човек кој во целост ја оправдува функцијата почесен граѓанин на Европа и филантроп.
„Без негова помош немаше да можеме да го спасиме студиото и да ги одржиме двата настани за 2023. Без него не би имале директна поддршка од Европската Унија и УНЕСКО“, објаснува Неделковски.
Заради таквата помош, Врабевски на 10-ти јули бил удостоен со наградата „Покровител на годината" од Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“. Благодарение на таа помош, во мај во РСМ биле отворени двата најголеми настани за млади уметници во светот - Мал Битолски Монмартр и Светската детска уметничка изложба „Битола“. Претседателот на фондацијата „Бугарска меморија“ подарил околу 18 илјади евра за да можат 120 учесници од 13 држави да ја посетат Северна Македонија во рамките на тие уметнички настани.
Но, голем ангажман има и околу престојот на децата од РСМ во Софија, и при секоја посета се внимава да бидат примени и од висококи политичари, како што беше лани, но и годинава.
„Откако го завршија прекрасниот цртеж, уметниците се сретнаа и со претседателот на Бугарија, Румен Радев, за да го прашаат што уште да направат, за да го привлечат вниманието на властите на Бугарија и Северна Македонија и да им покажат, дека нема место за поделби меѓу луѓето од двете страни на границата“, објави Фондацијата во почетокот на јули.
Неколку дена подоцна биле и во посета на Собранието и добиле на подарок „образовни книги“.
Фондацијата уште лани најави дека во рамките на кампањата ќе го претстави својот модел на работа во полза на подобрување на односите меѓу двете земји, но и ќе се обиде да одговори на неколку основни прашања: Зошто толку години на Македонија и Бугарија им е сѐ потешко да најдат заеднички јазик? Чија е оваа „битка“ - на обичните луѓе или на оние на власт? Што мислат едни за други обичните луѓе од Македонија и Бугарија?
Темите се легитимни за разговор, но дали се и соодветни за деца?
Според домашниот Закон за заштита на децата, како дете се смета секое лице до наполнети 18 години живот (член 11), а се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување (член 12).
На овие членови се повикуваа организации за заштита на правата на децата, на пример, кога пред три години беше објавен конкурс за средношколци на тема „НАТО и јас“, потсетувајќи притоа и на Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба.