Безредија во Велика Британија по смртоносниот напад со нож
31 јули 2024Триесет и девет полицајци се повредени во безредија на десни екстремисти по смртоносниот напад со нож во англискиот град Саутпорт. Регионалната служба за спасување соопшти дека 27-мина од повредените полицајци биле болнички згрижени.
Во нападот со нож којшто се случи во понеделникот (29.07) беа убиени три девјчиња на возраст од 6, 7 и 9 години. Осум деца и двајца возрасни беа делумно тешко повредени. Децата се наоѓале на курс во рамките на нивниот одмор. Настанот, според организаторите, бил еден вид час по танц и јога на тема Тејлор Свифт. Американската пејачка на Инстаграм напиша дека е „потресена“.
Безредија по бдение за жртвите
Учесниците во безредијата по бдението за жртвите од нападот со тули гаѓале полицајци, како и локалната џамија, а ограбувале и продавници, објави полицијата. Освен тоа, тие палеле и автомобили и контејнери за отпад. Според полициски наводи, во безредијата учествувале пред сѐ членови на десноекстремни групи кои не потекнуваат од околината.
Полицајците повредени во немирите меѓу другото се здобиле со скршеници, расекотини, најверојатно една скршеница на носот и потрес на мозокот. Поради немирите, полицијата во градското подрачје добила проширени овластувања во период од 24 часа.
Атмосферата ја „подгреале“ гласини за осомничениот
Нападот со нож, според полициски наводи, го извршил 17-годишник. Мотивот сѐ уште не е разјаснет, но истрагата не поаѓа од тоа дека се работи за тероризам. Лажни вести и гласини за потеклото на осомничениот сторител се причина за безредијата, се вели од полицијата. „Веќе информиравме дека лицето е родено во Велика Британија и во моментов шпекулации не му се од помош никому“, соопштија иследниците.
Осомниченото момче живее во околината повеќе од една деценија. Тој е роден во Кардиф, а родителите му се по потекло од Руанда.
Град во шок
„Ова не е начин за третирање на заедницата, особено заедница која сè уште страда од настаните во понеделникот“, изјави помошник началникот на полицијата во Мерсисајд, Алекс Гос. Британската влада исто така ги осуди немирите на десноекстремната група. „Оние кои со насилство и бруталност го киднапираа бдението за жртвите, ја навредија ужалената заедница“, напиша премиерот Кир Стармер на платформата X, додавајќи: „Тие ќе ја почувствуваат целосната сила на законот“.