1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕрменија

Бегалци од Нагорно Карабах: Само да се преживее

29 септември 2023

Ерменците масовно го напуштаат Нагорно Карабах. Но, што ќе се случува натаму со нив, е неизвесно.

https://p.dw.com/p/4WxTn
Ерменија бегалци од Нагорно Карабах
Бегство во неизвесна иднина - луѓе од Нагорно КарабахФотографија: ALAIN JOCARD/AFP/Getty Images

Луѓето бегаат со сѐ што им стои на располагање - со автомобили, трактори и автобуси или со камиони. Честопати на задното седиште се натискани по повеќе од четири лица, возачите имаат скаменет израз на лицето, а лицата на многу жени и деца се облеани со солзи. Во автомобилите се натискани и работите кои можеле да ги понесат со себе. Она што не можело внатре, врзано е за покривот на возилата. Девизата гласи - најважно е да се избега. Нарине Шакаријан, баба на четири внуци, вели: „Ни требаа повеќе од 24 часа за да стигнеме овде. Децата беа гладни и плачеа. Никој од нас не јадеше ништо!“

Горис, мал, тивок град во јужна Ерменија, опкружен со планини. Со нешто повеќе од 23.000 жители, градот се смета за регионален индустриски центар на провинцијата Сјуник. Но, оваа идила лаже. Горис стана и центар на масовниот егзодус на етничките Ерменци од Нагорно Карабах. Во последните неколку дена овде пристигнаа илјадници бегалци.

Ерменија | бегалци од Нагорно Карабах
Целиот живот во автомобилот за бегствоФотографија: Gilles Bader/PHOTOPQR/LA PROVENCE//MAXPPP/IMAGO

Регистрирање, проверка на потребите, натамошно проследување

Горис е на само 30 километри од Корнидзор, првото „пристаниште“ за бегалци од Нагорно Карабах. Среде планинскиот пејзаж се издигаат четири бели шатори. Иако на прв поглед ситуацијата изгледа хаотична, по поблиска проверка станува очигледно дека сè е релативно уредно. Сите бегалци прво се регистрираат во најголемиот шатор. Волонтерите ги внесуваат податоците во специјално донесените компјутери и се обидуваат да откријат каква поддршка им е потребна на бегалците. Тие прашуваат дали имаат можности за сместување во Ерменија. Можеби роднини или познаници во главниот град Ереван кои можат да ги сместат. Оние кои немаат никого, се носат во хотелите во Горис и потоа се дистрибуираат понатаму.

Но, не без претходно да се провери нивното здравје. Еден од бегалците е Валери Хајрапетријан. Откако се пријавил, тој седи наведнат на стол во шаторот на Црвениот крст. Во левата рака има бастун. Постојано го трие лицето, бришејќи ги солзите од очите. Вработените во Црвениот крст клекнуваат до него и му нудат вода и нешто за јадење. Тој одмавнува со раката и покажува кон семејствата со деца. Медицинскиот персонал го тера да ги свитка панталоните - двете потколеници имаат рани кои се третираат со јод и се покриваат со стерилни гази. Валери одбива дополнителна медицинска помош и на крајот го испраќаат до автобус кон Горис.

Голем гнев и страдалнички приказни

Многу бегалци не сакаат да одговараат на прашањата на новинарите. „Тргнете ми ја камерата од лице! Престанете да фотографирате! Ние веќе доволно страдаме, а вие уживате во нашата несреќа“, извикува човек од автобус полн со бегалци. Децата и жените кои патуваат со него силно плачат. Други реагираат луто кога слушаат руски.„Предавници! Нѐ изневеривте! Путин е убиец“, им вика една жена на новинарите кои зборуваат руски.

Некои луѓе сакаат да разговараат, да ја раскажат својата приказна за страдањето. Валери Хајрапетријан, кој претходно беше лекарски прегледан, за ДВ раскажува што доживеал: „Азербејџанците наутро влегоа во моето село. Луѓето го зедоа само она што можеа да го носат. Некои не можеа да земат ништо со себе. Многумина немаат јадено веќе извесно време. Некој се онесвестил од глад!“

Ерменија I бегалци Нагорно Карабах
Валери Хајрапетријан вели дека има луѓе кои при бегството не успеале со себе да земат ништоФотографија: Jennifer Pahlke/DW

На прашањето како им е на жителите на Нагорно Карабах, жена со три деца одговара: „Многу сум им благодарна на руските мировници. Тие нѐ сместија на аеродромот во Степанакерт. Таму ни обезбедија храна и пијалок. Тие самите немаа ништо јадено, а се погрижија сите ние да добиеме по нешто. Потоа нѐ доведоа до тука, до Корнидзор“.

Една мајка вели дека нејзините деца биле тешко истрауматизирани по бегството: „Не побегнавме да живееме, туку да преживееме. Ноќва грмеше. Најстарата ќерка се разбуди и хистерично плачеше. Не можев да ја смирам. Таа цело време велеше дека мораме да заминеме и од овде, дека Азербејџанците и овде ќе дојдат. Дека и овде ќе има војна!“

Ерменија I бегалци во Корнидзор
Пристигнување на бегалците во Корнидзор - децата страдаат особено многуФотографија: Vasily Krestyaninov/AP/picture alliance

На крајот регионот Нагорно-Карабах ќе остане без Ерменци?

Сè уште не избегале сите од Нагорно Карабах. Според проценките, пред воената операција на Азербејџан на 19 септември, во Нагорно Карабах, кој меѓународно правно е признат како азербејџанска територија, живееле приближно 120.000 етнички Ерменци. Според податоците на ерменската влада, во меѓувреме од регионот побегнале 65.000 лица.

По најавеното самораспуштање на Нагорно Карабах на 1 јануари 2024 година, ерменскиот премиер Никол Пашинјан рече: „Нашата анализа покажува дека во следните неколку дена во Нагорно Карабах веќе нема веќе да има Ерменци.“

Роднините, како во Ереван, така и на границата со Нагорно Карабах, се болни од грижа. Еден човек вели дека немал никаков контакт со својата сестра повеќе од 24 часа. Тој само знае дека таа и нејзиното семејство биле евакуирани во Степанакерт од страна на руските мировници.

„Ова е вторпат да мора да ја напушти својата куќа. Последен пат тоа го стори во 2020 година. Едноставно немам зборови за тоа како се чувствувам. Само сакам таа безбедно да стигне овде“, вели тој за ДВ.

Ерменија I бегалци Нагорно Карабах
Овој човек ја чека сестраси, со која немал контакт повеќе од 24 часаФотографија: Jennifer Pahlke/DW

Русија како место на надеж

Бегалка која не сака да го каже своето име ни кажува кои се нејзините планови за иднината: „Не сакам да останам во Ерменија. Морав да оставам зад себе сѐ што имав. Сега сакам да започнам нов живот, за моите деца. А не го сакам тоа во Ерменија. Ќе емигрираме во Русија! Азербејџанците таму не можат да стигнат до нас!“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема