1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Барањето на Трамп не успеа, судење во март 2024-та

Давид Ел
29 август 2023

Непосредно пред т.н. „Супер вторник“ треба да започне можеби најсериозниот судски процес против поранешниот американски претседател Трамп. Неговите адвокати бараа почеток на судењето во 2026 година - долго по изборите.

https://p.dw.com/p/4VgUG
Доналд Трамп
Доналд Трамп е и натаму популарен во својата партија и кај приврзаницитеФотографија: Alex Brandon/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Важен судски процес против поранешниот американски претседател Доналд Трамп се совпаѓа со претседателската кампања во 2024 година. Судењето за изборен заговор треба да започне на 4 март 2024 година, утврди надлежната сојузна судијка во Вашингтон. Процесот почнува еден ден пред таканаречениот „супер вторник“, на кој се одржуваат прелиминарни избори во повеќе од десетина американски сојузни држави. Трамп, кој повторно претендира да стане претседателски кандидат од Републиканската партија, сакаше неговите адвокати да го одложат почетокот на судењето до 2026 година. Тој сега најави жалба на одлуката за терминот за судење.

Специјалниот иследник назначен од Министерството за правда, Џек Смит, предложи судењето да започне на 2 јануари, околу две недели пред првите прелиминарни избори. Тој го товари Трамп за заговор за измама на САД, попречување на официјален процес, заговор за опструирање на официјален процес и заговор за кршење на изборното право на граѓаните.

Освен во сојузниот суд во Вашингтон,Трамп треба да одговара и во други постапки во Њујорк, Мајами и Атланта. Тој е првиот американски претседател во историјата кому му се суди. И судскиот процес во Џорџија, во кој се обвинети Трамп и уште 18 негови блиски соработници, е за обид за вршење влијание врз изборите. Во 2020 година, Трамп и неговиот тим се фокусираа на неколку сојузни држави со релативно тесен исход на изборите во корист на актуелниот американски претседател Џо Бајден. Обвинението во Атланта, според најавите, треба да биде прочитано следната недела, а временскиот план на судењето сѐ уште не е познат.

Трамп до денес не го признава својот пораз и тврди дека победата на изборите му била „украдена“. Кога изборниот резултат требаше да биде потврден во Конгресот, на 6 јануари 2021 година, Трамп ги „потпали“ своите поддржувачи. Разгневената толпа потоа упадна во Капитол, при што загинаа три лица.

Трамп е и натаму популарен меѓу неговите поддржувачи и во Републиканската партија. Откако минатата недела беше направена официјална полициска фотографија, како што е вообичаено во американските кривични постапки, тој наложи производство на различни фан-артикли со  таканаречениот „магшот“, со што заработи неколку милиони долари.