Balkan Booster 2022: Годинава одиме на телевизија!
21 септември 2022Мелиса е подготвена за старт. Во родниот град Драч, во Албанија, ќе се качи во автобус и ќе тргне за Скопје. Таму ќе се сретне со својата тандем-партнерка Викторија и ќе снима видео репортажи една недела. Малку подоцна Викторија ќе ја посети Мелиса во Албанија. Двете се дел од 12-те учесници на шестото издание на Balkan Booster. Заедничката работа во тандем е нешто ново за двете млади репортерки.
Тие веќе им ги предложија првите теми на критичките уредници на ДВ и објаснија како сакаат да ги реализираат своите идеи низ слики. Треба да се внимава на многу работи, но двете новинарки се водени од потребата да раскажуваат приказни што недостигаат во локалните медиуми: „Во Албанија сѐ се врти околу дрога, банди и лошите услови за работа на младите“, критикува Мелиса: „Се разбира дека медиумите мора да известуваат за најголемите проблеми во земјата. Но, не смееме да заборавиме на луѓето кои инспирираат и ни покажуваат како можеме да ја подобриме земјата.“ Дали насилството и баналностите едноставно генерираат кликови? Мелиса не добива ништо од тоа.
И Викторија посакува поразновиден медиумски пејзаж и формати кои излегуваат надвор од националните граници. Во нејзината татковина, Северна Македонија, има многу дебати околу улогата на бројното албанско малцинство. Викторија смета дека нема доволно познавања еден за друг: „Во мојата земја постои нетрпеливост меѓу двете етнички групи. Прекуграничното новинарство тука може да има големо влијание. Имаме шанса, преку нашите приказни, да покажеме дека и покрај различните култури и религии ги имаме истите проблеми во секојдневниот живот. Мораме заедно да се бориме за да ги решиме овие проблеми.“ Во медиумите недоставуваа пред сѐ гласот на младите, смета Викторија.
На крајот на август, Викторија и Мелиса ја завршија обуката во Скопје: основи на мобилното новинарство, тематски работилници со уредници, самостојно снимање и монтажа. Сето тоа е предизвик за 21-годишната Мелиса: „Работилницата помина добро. Тоа беа три дена полни со информации и можеби не можам да спроведам сè, бидејќи сè уште се чувствувам како комплетен почетник кога станува збор за видеа. Но, многу сум среќна и имам самодоверба. Ќе дадам сѐ од себе.“
Викторија е сè, само не почетник. Како ТВ-новинарка во Скопје, таа го познава секојдневието на професијата. Со учеството на Balkan Booster, сепак, сака да ги прошири своите професионални хоризонти: „Balkan Booster е сосема ново искуство за мене. Долги години работам како ТВ-репортерка. Но, овде, во работилницата, уште еднаш сфатив колку сликата може да каже без зборови и колку е важен квалитетот. Добрата приказна доаѓа од луѓето. Нивните проблеми се почеток на секоја приказна“.
Balkan Booster на телевизија
Balkan Booster е успешна приказна. Бројот на кликови во последните години покажува колку на Балканот е голем интересот за новите медиумски формати и приказни ориентирани кон публиката. Само во последната година 16 учесници продуцираа речиси 500 видеа на 5 јазици, генерирајќи 17 милиони кликови на социјалните мрежи на Дојче веле.
„Импресивно е да се види како расте семејството Balkan Booster“, нагласува Аделхајд Фајлке, главна уредничка на програмите за Европа и одговорна за Balkan Booster од неговиот почеток во 2017 година.
„Со текот на годините, со Balkan Booster успеавме да изградиме мрежа на млади новинари. Младите репортери раскажуваат приказни кои доаѓаат директно од животот на нивната возрасна група и кои ги објавуваме на социјалните мрежи на ДВ. 20 милиони контакти со корисниците покажуваат дека ги погодуваме нервот на нашата целна група“.
Медиумите во соодветните земји одамна го имаат проектот пред очи. За Фајлке е тоа добра причина за тие во 2022 година да се вклучат повеќе: „Оваа година соработуваме уште поблиску со нашите премиум-партнери. Тоа значи дека видеата на Balkan Booster ќе се емитуваат и на ТВ и на други платформи во сите земји. На овој начин, ја зголемуваме вредноста на нашите млади таленти и поставуваме тренд на Западен Балкан кој го носи прекуграничното новинарство повеќе во фокусот на јавноста“.
Оваа година шест тандеми ќе фрлат нов поглед на земјите од Балканот. Особено во време кога старите конфликти повторно земаат замав, поттикнувањето на млади таленти е поважно од кога било.
Младо новинарство – голем одзив
Млади луѓе и нови гласови - тоа е филозофијата и на шестото издание на Balkan Booster, објаснува Аида Софиќ Салихбеговиќ, раководителка на проектот и уредник во босанската редакција во Бон. Таа особено се радува што годинава нема ограничувања на контакти поради корона-пандемијата:
„Конечно се вративме во една просторија со учесниците. Во изминатите две години научивме колку многу работи можат да се направат и дигитално, но тоа не може да го замени личното присуство. Да се биде заедно во една просторија едноставно создава контакти со различен интензитет и блискост меѓу младите колеги, што е многу важно за проектот. "
Салихбеговиќ е дел од проектот од 2018 година, а проект-менаџер од 2019 година. Оттогаш, Balkan Booster постојано се развива: „Секоја година по малку ја прилагодуваме обуката за подобро да ги комбинираме елементите снимање и раскажување приказни. Зборуваме за тоа како да ги поставиме темите и што е воопшто соодветно како тема за едно видео. Тоа функционира добро. Бевме изненадени колку беа конкретни првите предлози за видеата и колку добро младите новинари меѓусебно се тематски усогласени“.
Balkan Booster има за цел - надминување на границите преку приказни. Како Босанка, таа точно знае колку е тоа тешко на Балканот: „Навистина е инспиративно да се види колку брзо учесниците се усогласуваат - лично и професионално. Тоа покажува колкав потенцијал има да понуди тој регион“.