1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Aспирин како заштита од рак

15 декември 2010

Малите дози аспирин можат да го намалат ризикот од рак. По долг период на научна расправа, истражувачите сега имаат цврсти докази. Тие препорачуваат лицата постари од 40 години да земаат по еден аспирин дневно.

https://p.dw.com/p/QYxa
Аспиринот е превентивен „борец" против низа канцерогени болести

Во опширната студија, што следеше 25 илјади пациенти, утврдено е дека оние кои земаат 75 милиграми аспирин дневно имаат 21 насто помалку шанси да умрат од рак. По пет години секојдневно земање аспирин, ризикот наводно се намалува за 34 насто. Аспиринот, според студијата на британските научници, најефикасно го намалува ризикот од тумор на цревниот тракт - дури за 54 насто.

Професорот Петер Ротвел од Оксфорд се осврнал и на ризиците што ги носи аспиринот. Имено, секој илјадити пациент кој редовно зема аспирин има зголемен ризик од внатрешно крварење во стомакот. „Порано имаше предупредување дека опасноста од крварење кај средовечните луѓе е преголема за аспиринот да се зема како превентива за шлог или срцев удар. Меѓутоа, утврденото намалување на смртноста од рак зборува дека предностите од земањето аспирин се повеќепати поголеми од ризикот", рече Ротвел при претставувањето на истражувањето. Тој конкретно предлага да се почне со секојдневно земање мали дози аспирин (75 грама) помеѓу 40. и 45. година, но да се престане помеѓу 70. и 75. година, бидејќи тогаш се зголемува ризикот од стомачни крварења.

Aspirin
Земањето аспирин има и негативни ефектиФотографија: Bayer

Аспиринот штити од рак на белите дробови, дебелото црево, јајниците...

Аспиринот најпрво го разви германскиот концерн Бајер, а овој ефтин лек изворно се користи и против болки или за намалување на високата температура. Според Ротвеловото истражување, аспиринот ја намалува смртноста од ракот на простатата за околу 10 насто, ракот на белите дробови за 30 насто, ракот на дебелото црево за 40 насто, а ракот на јајниците за дури 60 насто.

Петер Елвуд, експерт за аспирин од Кардиф, не учествувал во студијата, но рече дека добрите страни на земањето аспирин сосема сигурно ги надминуваат негативните: „Секако дека е трагедија ако некој добие крварење во стомакот, па мора да прима трансфузија на крв, но, во споредба со она што го спречуваме со аспиринот, тоа крварење е тривијална работа."

Автор: СБ/БГ/Ројтерс /АФП

Редактор: Горан Чутаноски