Градежните зафати ќе ја „минираат“ сезоната во Охрид
12 јуни 2023Локалната самоуправа, поддржана од хотелиери, туристички и угостителски работници бара да се одложат градежните зафати на потегот Подмоље - Охрид, планирани за екот на туристичката сезона. Градот кој веќе три лета по ред се соочуваше со проблеми околу концесиите на плажите, сега се наоѓа пред нов предизвик - како да се убедат надлежните институции дека затворањето на главниот пристап кон градот ќе донесе само проблеми и ќе му нанесе сериозен удар и на викенд туризмот, но и на странските туристи кои ја посетуваат оваа дестинација.
Барање до институциите
Состанокот, кој на иницијатива на охридскиот градоначалник Кирил Пецаков се одржа денеска, резултираше со барање коешто ќе биде доставено до Владата и до Министерството за транспорт и врски, во кое се нуди солуција градежните зафати на овој потег да бидат одложени до септември.
„Со оглед дека не станува збор за последни километри за изградба од автопатската делница, градежните активности може да се насочат на друга точка, а од септември да продолжат на оваа“, смета првиот човек на градот, Кирил Пецаков.
Локалната самоуправа смета дека затворањето на главниот приод кон Охрид е погубна одлука за туризмот. Со тоа значајно ќе се намали бројот на гости кои што ќе престојуваат во Охрид, имајќи предвид дека тој пат води и до Охридскиот аеродром.
Како што се наведува во барањето, со ваквата одлука, голем број на семејства чија главна егзистенција е туризмот ќе останат без приходи. Тука, исто така, се создава проблем и кај хотелиерите, бидејќи постои веројатност веќе закажаните резервации да ги откажат и тие да останат без приход. Имајќи предвид дека изминатите неколку години беа тешки години за туризмот и туристичките работници, ова би значело крах на туристичкиот сектор во Охрид, а воедно и во Македонија.
Тесно грло
Автопатот Охрид-Кичево се гради од 2014 година, но се уште не му се гледа крајот. Во текот на летото се планирани градежни зафати на потегот од Подмоље до Охрид, што ќе го пренасочи целиот сообраќај преку стариот пат. Но, токму тука почнуваат новите проблеми. Станува збор збор за пат кој е тесно грло - нема можност за поголем проток на патници, а се создаваат и дополнителни проблеми за брзата помош, особено ако се има предвид дека на овој потег е лоцирана Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ која што е регионална. Со проблеми ќе се соочат и родителите од Охрид кои своите деца мора да ги носат за терапија или итни прегледи на Детското одделение во Општата болница во Струга.
Од одлуката за затворање на главниот пристап кон градот се револтирани и хотелиерите. Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски се надева дека ќе има некаков слух од надлежните и дека ќе се најде некакво решение за брзо отворање на патот. „Мораме да ја ослободиме оваа делница и да имаме непречен сообраќај на влезот на Охрид. До сега имавме околу три часа патување од Скопје до Охрид, а со оглед на ситуацијата, патувањето дополнително ќе се отежни. Требаше да се направи ова или порано или подоцна“, реагираат хотелиерите.
Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Грација Бакраческа, затворање на главната артерија, поточно влезот на Охрид и пренасочување на патот на стариот пат кој нема капацитет да го реализира напливот на сообраќај и возила во сезоната е непромислен потег донесен од надлежните институции, без истите да размислат за последиците, како по безбедноста во сообраќајот, така и за успешноста на летната туристичка сезона на Охрид и охридскиот регион.
„Нема да дозволиме опструкции“
Министерството за транспорт деновиве реагираше дека поддршката од централната власт кон Општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината ги оцени како „се лицемерни и неприфатливи, посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат“.
„Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект“, порачаа од министерството. „Благодарение на напорите и пристапот на оваа Влада се решија најголемите проблеми и се решија преку 3.500 имотно правни пречки помеѓу државата и граѓаните. Се испроектираа и клучките, се репроектираа косините со што денеска има прогрес на терен. Кога веќе градоначалникот зборува за поддршка од централната влада сакаме да го информираме дека Владата преку ЈПДП оваа година ќе почне и со рехабилитација на дел од патниот правец од Охрид кон Свети Наум за кој искрено се надеваме дека нема да биде противник за реконструкцијата и на овој патен правец“, реагираше Министерството за транспорт и врски.