1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиАргентина

Аргентина го раскина договорот за Фолкландските Острови

СН/агенции
3 март 2023

Аргентинската влада сака одново да преговара со Велика Британија за суверенитетот на Фолкландските Острови и се повлекува од пактот Форадори-Данкан. Лондон веднаш возврати: „Фолкландските острови се британски“.

https://p.dw.com/p/4OC42
Фолкландските Острови (на фотографијата е главниот град Стенли) се под британска управа од 1833 година
Фолкландските Острови (на фотографијата е главниот град Стенли) се под британска управа од 1833 годинаФотографија: Falkland Islands Government/PA Media/dpa/picture alliance

По средбата со неговиот британски колега Џејмс Клеверли за време на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во Њу Делхи, аргентинскиот министер за надворешни работи Сантијаго Кафиеро објави дека неговата земја се повлекува од таканаречениот пакт Форадори-Данкан. Аргентинската влада сака повторно да преговара за суверенитетот на Фолкландските Острови и затоа предлага средба со британските претставници во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.

Клеверли веднаш возврати: „Фолкландските острови се британски“, напиша тој на Твитер. Локалните жители имаат право сами да одлучуваат за својата иднина, но избраа да останат британска прекуморска територија. 

Пактот Форадори-Данкан е заедничка изјава на двете земји од 2016 година со која се регулираат експлоатацијата на гас и на нафта, бродскиот сообраќај и рибарството околу Фолкландските Острови. Од гледна точка на сегашната аргентинска влада, претходната влада отишла предалеку за да ѝ излезе во пресрет на  Велика Британија.

Војници од резидентната пешадиска чета од Виндзор стационирани на Фолкландските Острови за време на вежба
Војници од резидентната пешадиска чета од Виндзор стационирани на Фолкландските Острови за време на вежбаФотографија: Sgt Nik Howe Raf/MoD/PA Media/picture alliance

Британска прекуморска територија речиси 200 години

Фолкландските Острови, на околу 400 километри од Аргентина, се под британска управа од 1833 година. Аргентина тврди дека Малвинските острови, како што ги нарекуваат во Јужна Америка, се нејзини. Во 1982 година, двете земји водеа кратка војна околу островите. Откако вооружените сили на Аргентина претрпеа серија порази за време на 72-дневната војна, двете страни потпишаа примирје. Повеќе од 900 луѓе ги загубија животите во кратката војна: 649 Аргентинци, 255 Британци и тројца островјани.

Во 2013 година, жителите на архипелагот на референдум во големо мнозинство гласаа за останување во Британија. По откривањето на наоѓалишта на нафта и гас околу островите, конфликтот повторно се заостри.