1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОбразованиеГерманија

Англискиот јазик во подем во Германија

2 септември 2023

Од судовите преку училниците до високата политика - Германија го прифаќа англискиот јазик. Тоа е обид земјата да стане глобално поатрактивна, но лингвистичката промена има своја цена.

https://p.dw.com/p/4VsT1
Јазици германски англиски
Германија сака да им го олесни животот на квалификуваните работници кои не знаат германски јазикФотографија: Khosrow Rajab Kordi/Zoonar/picture alliance

Времињата кога германските политичари одбиваа да зборуваат англиски се минато. Во 2009 година тогашниот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, се најде на насловните страници затоа што одби на новинар на Би-Би-Си да му даде изјава на англиски јазик.

„Ние во Германија зборуваме германски”, рече Вестервеле на германски јазик.

Но, сега веќе многу од врвните претставници на власта се подготвени да ги покажат лингвистичките способности. Министерот за одбрана Борис Писториус и министерката за надворешни работи Аналена Бербок често зборуваат англиски при посети во странство, а министерот за финансии Кристијан Линднер се појави на „Блумберг” на дебата за состојбите во германската економија.

Поранешната канцеларка Ангела Меркел речиси никогаш не употребуваше англиски, па дури ни во 2019-тата, на обраќање на Харвард, ниту во интервјуто со Кристијане Аманпур за Си-Ен-Ен. Нејзиниот наследник Олаф Шолц, пак, при гостувањето на истата телевизија го користеше англискиот.

Кога британски новинар го замоли да одговори на англиски на постизборната прес-конференција, Шолц му одговори исто толку сувопарно како што тоа често го прави и на мајчиниот јазик.

Но, во денешно време партијата на чие чело некогаш беше Вестервеле, про-бизнис ориентираните, либерални демократи,се оние кои притискаат за поголема употреба на англискиот за официјални државни поводи.

German chancellor: Building good relations key

Економијата и судството

Со оглед на големината на германската економија, која е зависна од извозот и седиште на многу големи глобални компании, англискиот јазик се преферира во бизнис сферата.

Заменик-портпаролот на владата, Кристијане Хофман, на прес-конференција минатата недела изјави дека прекугранични трговски спорови може „често да се појават” и бараат „брзо и професионално решавање”. Па така, кабинетот во август даде зелено светло за текст на закон предложен од минисетрот за правда од редовите на Либералите, Марко Бушман, за зголемување на бројот на трговските судови во Германија кои би можеле да водат рочишта и на англиски јазик.

Една од целите на законот, кој мора да помине и во парламентот, е да ја „засили атрактивноста на Германија како правна и бизнис локација”, вели Хофман.

Еден од судовите за трговски спорови кој може да држи рочишта и на англиски јазик беше основан во германската бизнис метропола Франкфурт во 2018 година. Тој е дел од растечки број судови за трговски спорови ширум ЕУ основани по Брегзитот. Германија, Франција и Холандија се меѓу земјите кои сакаат да послужат како алтернатива за британскиот правен систем.

Но, таквата транзиција може да трае со години, затоа што во германските судови има „генерациски јаз”, вели за ДВ Мартин Вајгел, адвокат по трговско право.

„Како и кај секоја друга специјализација, на луѓето ќе им биде потребно време да ги совладаат таквите вештини, а тоа чини пари”, вели Вајгел.

Препорака за работа
Во Германија станува повообичаено поднесувањето на апликации и документи на англиски јазикФотографија: Zacharie Scheurer/dpa/picture alliance

Англиски во јавната администрација

Либералите минатата година ги обелоденија своите планови англискиот да се воведе како втор официјален јазик во јавната администрација.

Законот за стручна работна сила кој беше донесен неодамна, има за цел на странците да им олесни наоѓање работа во Германија, вклучително и побрзо признавање на странските дипломи.

Но, германскиот закон го предвидува исклучиво германскиот како официјален јазик, така што апликациите и документите поднесени до властите мора да бидат со превод.

Интегрирањето на англискиот како втор официјален јазик треба да биде одобрено од покраинските и сојузните власти, но досега реално само Либералите заговараат таква промена.

Од компаниите се очекува „да бидат отворени за апликанти кои зборуваат англиски”, рече генералниот секретар на Либералите, Бижан Џир-Сараи на брифинг за медиуми во февруари 2023 година. „Потоа може да очекувате нашите власти и администрација да бидат во состојба на тие луѓе да им понудат целосна услуга на англиски јазик”, вели тој.

Улрих Зилбербах, шеф на Здружението на германската администрација, вели дека англискиот веќе наголемо се користи во институциите. „Јазичните компетенции во администрацијата се пред сѐ прашање на пари“, вели тој за таблоидот „Билд” и додава дека многу повеќе луѓе на кои им се потребни административни услуги зборуваат француски, арапски или фарзи, а не англиски. „Потребни ни се обуки, алатки за превод и јазични медијатори, но сето тоа се инвестиции во персонал”, вели Зилбербах и додава дека „бланко барање за познавање на англискиот само по себе нема да е доволно”.

Германија настава по англиски јазик
До 2005 година англискиот јазик се изучуваше само во германските средни училиштаФотографија: Achim Scheidemann/dpa/picture-alliance

Англиски на училиште и во секојдневие

Од 2005 година англиски се предава во сите основни училишта, со исклучок на пограничните региони кон Франција. Околу 10% од високообразовните курикулуми сега се нудат и на англиски јазик, покажува дата-базата на Германскиот сервис за академска размена, со тоа што се вклучени и приватни институции кои работат надвор од јавниот образовен систем, каде школувањето е во најголем дел бесплатно.

Германија често има слаби резултати во т.н. анкети на иселеници, и покрај тоа што има голема доселеничка популација. Јазикот е клучен фактор за ниското рангирање на Германија во Инсајдер-анкетата 2023-та спроведена од „ИнтерНејшенс”, иселеничка мрежа со седиште во Минхен.

Берлине исклучок. Во 2017-тата тогашниот министер заздравство Јенс Шпан се жалеше дека е невозможно во главниот град да се функционира само со германски јазик. „Ми пречи што во некои ресторани во Берлин келнерките зборуваат само англиски. Сигурен сум дека тоа нема да Ви се случи во Париз”, рече тој.

За млади иселеници навистина стана сосема нормално да работат во „хип“-продавници без какво било познавање на германскиот јазик, додека нивните родители бегалци немаат пристап до германскиот пазар на трудот и покрај своите познавања на англискиот јазик само затоа што не знаат доволно добро германски.

Со модернизацијата на законите за доселување и ова веројатно ќе се смени.