1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сивата економија ја чини државата 450 милиони евра годишно

ДТЗ
5 јули 2023

Само државниот буџет секоја година губи околу половина милијарда евра коишто би можеле да се инвестираат во здравството, образованието или инфраструктурата, покажува анализата на Стопанската комора

https://p.dw.com/p/4TSBr
сива економија
Поради сивата економија државата губи милиони евра годишноФотографија: picture-alliance/dpa

Поради сивата економија државата губи милиони евра годишно. Само државниот буџет секоја година губи околу половина милијарда евра коишто би можеле да се инвестираат во здравството, образованието или инфраструктурата. Ова го покажува анализата на Стопанската комора за сивиот дел на македонската економија која што беше презентирана денеска. 

Вкупно 33,2 отсто од бруто домашниот производ годишно во државата отпаѓа на сивата економија. Процентот е на исто ниво со земјите од Западен Балкан, но е речиси двојно повисок од просекот на земјите членки на Европската Унија, кој изнесува 19,4 отсто од бруто домашниот производ.

„Низ бројки „сивиот дел“ на македонската економија изнесува 4,282 милијарди евра, односно 1,280 милијарди евра изгубени приходи во државниот буџет. Ако како земја би успеале да се сведеме на просекот од ЕУ, со толкава сива економија би имале 450 милиони евра поголеми приходи во буџетот годишно“, вели потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски. 

Негативни последици

Последиците од сивата економија негативно се одразуваат на финансиската кондиција на компаниите што работат согласно законите.

„Сивата економија го поткопува и владеењето на правото, затоа што кога таа се толерира, практично воведувате неказнивост во системот и намалување на довербата на сите во земјата во владеењето на правото“, вели Јовановски.

денари
Вкупно 33,2 отсто од БДП годишно во државата отпаѓа на сивата економија, покажува анализата на Стопанската комораФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Сивата економија не е само економско, туку и длабоко општествено прашање. Даночниот експерт Павле Гацов, смета дека е потребна силна политичка волја и бескомпромисен пристап за внесување во системот на оние што не плаќаат данок и уредно да си ги плаќаат своите давачки. Тоа е битно, бидејќи тие иако не плаќаат даноци, имаат право да ги користат сите државни услуги еднакво како и оние што плаќаат.

„Македонија е во ситуација кога треба да се впушти во бескомпромисна борба со сивата економија и да се заборави на политичката толеранција од типот - сивата економија го обезбедува социјалниот мир, се работи за наши гласачи и слично“, вели Гацов.

Претходно, Институтот за економски истражувања и  политики „Фајнанс тинк“ измери дека сивата економија во 2020 година опфаќа 23,2 проценти од БДП.  Според нивното истражување, недовербата во системот, односно нискиот даночен морал на населението, високата корупција и неефикасните институции, се главните причини граѓаните место легално, да се обидуваат да заработат заобиколувајќи го системот.