Амнести: Српската тајна служба шпионира новинари и активисти
16 декември 2024Српските служби наводно инсталирале шпионски софтвер на телефоните на најмалку 13 новинари и активисти во Србија, тврди Амнести Интернешнал повикувајќи се на активисти во извештај кој е објавен денеска (16.12.).
Во два случаи софтверот, кој потекнува од израелската компанија Селебрит, бил користен за „отклучување“ на телефоните пред да бидат заразени со шпионскиот софтвер, се наведува во извештајот на Амнести Интернешнал (АИ).
Наодите откриваат рутинска употреба на инвазивен шпионски софтвер, вклучително и Пегасус, заедно со новиот домашен шпионски софтвер НовиСпај за уредите кои користат Андроид и кој првпат е откриен во наведениот извештај.
Според Амнести Интернешнал, српскиот шпионски софтвер НовиСпај потоа правел скриншотови (снимки) од екранот на телефоните, ги копирал контактите и ги уфрлал на сервер под контрола на властите.
„Во повеќе случаи, активисти и новинари пријавиле сомнителна активност на нивните мобилни телефони веднаш по испрашувањето од страна на српската полиција или безбедносните служби“, велат од Амнести.
Израелците ги испитуваат наводите
Новинската агенција Ројтерс пренесува дека ниту српските министерства за внатрешни и за надворешни работи, ниту Безбедносно-информативната агенција (БИА) не одговориле на нивните прашања на оваа тема.
Производите на израелската компанија Селебрит наголемо се користат ширум светот. И американската ФБИ ги користи за отклучување на телефони.
Шефот за маркетинг на израелската фирма, Давид Ги, изјави дека ги истражуваат наводите изнесени во извештајот на Амнести. „Ако наводите се вистинити, тоа потенцијално може да биде прекршување на договорот за крајниот корисник“, вели Ги и додава дека во тој случај компанијата би можела на српските власти да им го ускрати користењето на софтверот.
Тој наведува дека компанијата веќе се обидела да стапи во контакт со српските власти, но не открива детали. „Ние апсолутно не се занимаваме“ со инсталирање на софтвер за прислушување на телефони, тврди Ги.
Сè оди на серверот на БИА
Еден од активистите во извештајот на Амнести вели дека сите негови телефонски контакти биле копирани веднаш по разговорот во БИА. Тој за Ројтерс изјавил дека го однел телефонот кај експерти за дигитална форензика кои го докажале присуството на софтверот НовиСпај, кој копирал контакти и испраќал приватни фотографии на сервер контролиран од страна на БИА.
Според Амнести, Србија добила „клуч“ за телефоните од Селебрит како дел од поширок пакет кој требало да помогне во исполнувањето на некои стандарди за прием во Европската унија во однос на борбата против организираниот криминал.
Норвешки критики
Пакетот е финансиран од страна на владата на Норвешка, а со него управувала канцеларија на Обединетите нации. Во Србија е доставен во периодот помеѓу 2017 и 2021 година. „Тврдењата во извештајот (на Амнести) се вознемирувачки и доколку се вистинити, тоа е неприфатливо“, изјави Марија Вартересијан, заменик-министер за надворешни работи на Норвешка. Таа изјави дека очекува Агенцијата за набавки на ОН (УНОПС) да го истражи случајот.
УНОПС го поздрави извештајот на Амнести и наведува дека од 2017 година има имплементирано механизми за спречување на злоупотреба на софтверот, но не изнесува детали.