Погреб на Алексеј Навални во Москва
1 март 2024Погребот на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални ќе се одржи денеска во Москва. Со оглед на голготата низ која помина неговото семејство пред да дојде до неговото тело, а потоа и да го организира погребот, вдовицата и соработниците на Навални се убедени дека властите во Русија нема да дозволат тој да помине мирно.
Тимот на Алексеј Навални објави дека погребот на најголемиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи во петок на гробиштата Борисовски во Москва по прошталната церемонија во црквата Икона на Богородица во московската населба Марино, каде што живееше Навални.
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, рече дека тимот се мачел да најде место за одржување на церемонијата, бидејќи некои погребални домови тврделе дека се пополнети, додека други одбиле кога слушнале дека станува збор за погребот на Навални.
Вдовицата на лидерот на опозицијата, Јулија Навалнаја, изјави дека не е сигурна дали погребот ќе помине во најдобар ред или дали полицијата ќе почне да апси граѓаните и поддржувачите кои ќе дојдат да се простат од Алексеј.
Имено, веднаш по смртта на Навални, неговите поддржувачи и граѓани излегоа на улиците да положат цвеќе за починатиот политичар и да запалат свеќи. Медиумите соошпштија дека тогаш биле уапсени околу 400 лица.
Поради мистериозните околности околу неговата смрт, руските власти првично одбија да го предадат телото на Алексеј Навални на неговата мајка Људмила. Телото по осум дена конечно беше предадено на семејството, и тоа по обраќањето на Јулија Навални.
Алексеј Навални почина во затвор на 16 февруари годинава. Со години беше најистакнатиот критичар на Владимир Путин. Неговата сопруга Јулија го обвини рускиот претседател за смртта на Алексеј, како и многу светски лидери.