Албанија подготвена за следен чекор, ќе се одвои ли од РСМ?
30 август 2024Албанија се подготвува за Втората меѓувладина конференција со Европската унија во септември годинава. Ова е веста што доаѓа од Тирана по завршувањето на тридневната конференција на амбасадорите, чиј домаќин беше министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани. Во разговор со новинарите по конференцијата, тој најавил дека ги започнале подготовките за втората Меѓувладината конференција што ќе се одржи на крајот на септември.
„Преговорите на албанската влада со грчката влада, како и притисокот што Брисел го изврши врз Атина да се откаже од блокирањето на интегративниот процес по апсењето на градоначалникот Фреди Белери, се чини дадоа резултати“, објави ТВ Клан Албанија.
Случајот со градоначалникот на албанската општина Химара осуден заради купување гласови, кој пак е припадник на грчкото малцинство во Албанија, во еден период се чинеше непремостлива пречка за напредокот на Тирана. Но, работите омекнаа откако Белери (кој има двојно државјанство) беше предложен за европратеник од владејачката партија во Грција, Нова демократија, и доби место во Европскиот парламент.
Тогаш од албанските власти тој доби дозвола да замине во Стразбур, да ја преземе функцијата пратеник и да гласа за избор на претседател на Европската Комисија.
Рама ќе лобира
Шефот на албанската дипломатија потврдил дека крајот на септември е реален рок за одржување на Втората меѓувладина конференција, која ќе го означи отворањето на првото поглавје од преговорите за членство во ЕУ. Напредокот бил резултат на дискретни разговори со Атина.
„Ангажманот беше дискретен, не јавен. Јас сум голем оптимист дека оваа есен многу работи ќе придвижат напред“, изјавил Хасани,
Тој навел дека Албанија и Грција се на добар пат во дипломатските односи и дека политичките дебати не треба да станат пречка за интеграцијата на земјата.
„Ние високо ги цениме нашите директни соседи“, потенцирал шефот на албанската дипломатија, наведувајќи дека „патувањето на Албанија (кон ЕУ - н.з.) дефинитивно го гледаат со поддршка на Грција".
Но, дипломатските напори по тоа прашање очигледно и натаму траат.
„Премиерот Еди Рама викендов ќе престојува во Прага на Конференцијата на европските лидери во следен обид да лобира за почеток врз прегледот на поглавјата од преговорите со ЕУ“, наведува ТВ Клан. Притоа се повикува на добро упатени дипломатски извори во Брисел кои зборувале за релаксација на односите со Атина, која досега ја блокирала таа одлука.
„Постои очекување дека Албанија ‘де факто' ќе започне пристапни преговори оваа есен, одвојувајќи се од Северна Македонија, бидејќи Скопје допрва треба да го промени својот устав за да ги одрази барањата наметнати од земјата-членка Бугарија. Малкумина очекуваат Северна Македонија да се справи со таков успех оваа година“, се вели во анализата.
Неотворена врата
Македонската влада во моментов нема партнер (редовна политичка влада) во Софија за разговори со цел да се најде заедничко решение со кое конечно ќе се тргне блокада за РСМ во евроинтегративниот процес, како што очекуваат од Илинденска број 2.
Од бугарското МНР завчера ја повторија претходната порака – дека „без разлика дали е техничка или редовна бугарската влада, дијалогот не вклучува повторно преговарање на веќе преземените обврски од Скопје“.
Тоа значи дека во моментов меѓу Скопје и Софија нема ни дискретни разговори, ниту пак напор од Брисел, каков што се спомнува во случајот со Тирана и Атина. Досега РСМ добива само пријателски признанија дека иако исполнила многу услови, не добила отворени врати кон ЕУ.
Таква порака вчера стигна од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по средбата со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој беше во официјална посета на Загреб.
„Европската унија е нечесна кон Северна Македонија. Македонците досега исполнија бројни услови кои се бараа од нив за да ги забрзаат преговорите и влезот во ЕУ, но и покрај тоа се уште се далеку од членство. Сето тоа покажува дека ЕУ нема искрен чесен пристап кон Северна Македонија“, рекол Милановиќ, се наведува во соопштението од кабинетот на хрватскиот претседател.
Милановиќ му потврдил на Мицкоски дека Хрватска ќе продолжи цврсто да поддржува и да се залага за влез на Северна Македонија во ЕУ.
Претходно слична изјава даде и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега.
„Темата која го оптоварува европскиот пат на Северна Македонија е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку отстапки се направени од македонска страна, што ретко кој народ и држава би прифатил да направи толку исчекори од своја страна, за да го забрза својот пат кон членството во ЕУ“, рече Пленковиќ, потенцирајќи дека е созреано времето кога сето тоа треба да се респектира.