Аларм за загадување во Кичево, во Струмица протести
22 јануари 2025Министерството за животна средина и просторно планирање го вклучи алармот за енормно загадување во Кичево, каде се на сила десетина мерки со цел да се намали аерозагадувањето. Главниот град Скопје и понатаму е на листата на најзагадени градови во светот, а жителите на Струмица се подготвуваат за протест на 1 февруари, откако загаденоста во градот оваа зима почна да руши рекорди.
Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место во Кичево.
Поради тоа се препорачува да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А и Б-Интегрирана еколошка дозвола, да зачестат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила, како и да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата. Забрането е горење на отворено, се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Исто така се препорачува на сите работодавци да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Пожелно е да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Вакви мерки неодамна беа на сила и во Струмица, со цел да се намали загадувањето. Но, овој град и понатаму е прв на листата на македонски градови, кадешто жителите се соочуваат со многу загаден воздух (262 mg /m3).
„Струмица дише сулфур диоксид“
Еколошката организација „Здрава котлина“ најавува протест во Струмица на 1 февруари, поради граѓанското незадоволство со воздушното загадување во Струмичката котлина, како и нефункционирањето на системот што законски требаше да го држи под контрола загадувањето.
„Наместо заштита и контрола од загадувањето, Струмица е седми најзагаден град во Европа и нивоата на сулфур диоксид веќе подолг период кумулативно се поголеми од сите останати градови во Македонија ставени на едно место“, истакнуваат од „Здрава котлина“.
Според нив, сулфур диоксид не е од огревно дрво од домаќинствата, туку „отпечаток на индустриско загадување во присуство на метастазирана висока корупција и мрсни профити што го јаде здравјето и животот на сите Струмичани без исклучок“.
„Зимата полека поминува, но како и до сега проблемите остануваат, а без акција и јавен притисок само ќе оставиме повторно и повторно да има алиби за во иднина да нема решение на наталожените проблеми“, велат од невладината организација.
Загадувањето на воздухот е една од најголемите закани по здравјето на децата. Регионалниот извештај на УНИЦЕФ - „Почетоци без здив“ покажува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува нивоата што СЗО ги смета за безбедни, чинејќи го водечки еколошки здравствен ризик за децата од целиот регион.
Во Северна Македонија, ризиците од загаден воздух се особено големи. Скопје често се наоѓа високо на листата на најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 го надминуваат безбедниот праг повеќе од 100 дена во годината. Другите градови како Тетово, Битола, Кавадарци, Струмица и Кочани исто така имаат висока аерозагаденост, посебно во зимските месеци.
Во Северна Македонија 11,6 отсто од сите смртни случаи на доенчиња се должат на загадениот воздух, што е секој 9-ти смртен случај на деца под една година.