Агелер: Од Софија слушнавме агресивен јазик без факти
19 мај 2023Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека има многу историја меѓу Северна Македонија и Бугарија, многу заеднички интереси, но нагласува дека има и луѓе, кои би биле многу среќни да креираат дополнителен хаос, оние кои имаат политички придобивки од обидите да креираат наративи околу македонскиот јазик, македонскиот идентитет.
Алегер во интервју за МИА во однос на стравувањата на граѓаните дека бугарските барања нема да запрат со внесувањето на Бугарите во Уставот, но и во однос на пораките од Софија, вели дека е точно оти од соседот на Северна Македонија, но и од други „слушнавме многу агресивен јазик, кој не е заснован на факти“:
Агресивен јазик
„Мислам дека оние кои продолжуваат со тој наратив, да, апсолутно е точно дека од Софија и од други слушнавме многу агресивен јазик што, искрено не е заснован на факти за ситуацијата овде, во Северна Македонија. Имам голема среќа што сум амбасадор на САД во Северна Македонија и што сум овде, во Скопје, и не сум во Софија, но важно е и навистина верувам во ова, дека лидерите и граѓаните, не оние кои се најгласните во моментов, народот на оваа земја, а и народот на Бугарија, ги препознава придобивките од тоа да се има сосед, многу близок сосед кој е исто така во ЕУ, со кој можете да ја подобрите вашата трговија, со кого можете да работите заедно на безбедносните прашања, за регионалната интеграција и сите овие активности, што е најголемата придобивка за оваа земја, а според мене, тоа е и во најдобар интерес и на Бугарија и на другите соседи од Западен Балкан“, нагласува Агелер во интервјуто за МИА.
Вето, говор на омраза, релации...
За целиот пакет на бугарското вето, за говорот на омраза, за сите релации меѓу двете општества, но и за тоа колку овој проблем е меѓусоседски или геополитички, Агелер вели дека таа имала бројни контакти со новиот амбасадор во Софија, Кенет Мертен за тоа како може заедно да работат за да ги информираат, оние со кои комуницираат околу различните прашања и предизвици.
„Во крајна линија, минатото лето беше постигнат договор во поглед на промена на Уставот и тоа е следниот чекор кон членство во ЕУ.Така, според мене, оние кои ги користат тензиите помеѓу двете земји им прават штета на двете земји, бидејќи Бугарија ќе има придобивки колку и Северна Македонија од нејзиното членство во Европската Унија. Тоа ќе им помогне во однос на безбедноста, во однос на нивната економија и во однос на регионалните можности и интеграција“, вели американската амбасадорка.