1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иницијатива да се намалат платите на функционерите

ДТЗ
6 април 2023

„Не можеме да излеземе пред очи на граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситуација, кога замрзнуваме цени на основни производи, ние си ги зголемуваме платите“, порача повторно претседателот Стево Пендаровски

https://p.dw.com/p/4PlU3
Gligorie Kjatoski, Anwalt aus Struga, Nord-Mazedonien
Фотографија: privat

Струшкиот адвокат, Глигорие Ќатоски смета дека платите на функционерите треба да се намалат, а не да се зголемуваат. По бројните реакции во јавноста по најавите дека платите на функционерите би можеле да се зголемат за 78 проценти, Ќатоски со иницијатива до партиите во парламентот бара законски измени со кои ќе се спречи енормниот раст на функционерските плати. Иницијативата веќе е поднесена до дел од партиите, откако во медиумите се појави информација дека пратениците, наводно, за само осум дена од минатиот месец на своите сметки веќе добиле во просек по 16.000 денари плус. 

„Во услови на криза кога треба да се стегне ременот и да се штеди, политичарите треба да покажат доблест, морал и етичност и да не го дозволат зголемувањето на платите на функционерите“, вели Ќатоски во изјава за ДВ. 

Стево Пендаровски
„Не можеме да излеземе пред очи на граѓаните и да им кажеме дека си ги зголемуваме платите“, вели Пендаровски.Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Одлуката од правен аспект не е спорна, но дали е етичка?

Уставниот суд со одлука за укинување на два члена од Законот за  плата и надоместоци на функционерите, минатата недела овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Со одлуката се опфатени и уставните судии, но и платите на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Повисоки плати од идниот месец треба да „легнат“ и на сметките на заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

Иницијативата била поднесена од Бојан Стојевски, адвокат од Скопје, а Уставниот суд одлуката ја донел на 21 март, четири месеци по поднесувањето. Со одлуката на Уставниот суд основицата за пресметување на плата се зголемува од 26.000 на 47.700 денари. Според Одлуката на Уставен суд се укинуваат член 4 и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со кои досега се одредувал фиксен износ кој служел како основа за определување на платите на функционерите. Останува во сила член 11 од истиот закон според кој, како основица се зема просечната плата исплатена во минатата година според Државниот завод за статистика, а којашто е значително повисока од фиксниот износ. 

„Со одлуката на Уставниот суд со која се укинаа одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица значително се зголеми основицата за пресметување на плата на функционерите. Зборувајќи од номотехнички и правен аспект мое мислење е дека одлуката на Уставен суд е исправна, иако зачудува мотивацијата кај колегата адвокат за поднесување на оваа иницијатива, како и експедитивноста на Уставен суд да одлучи по иницијативата во рок од два месеци од поднесување на иницијативата“, вели Ќатоски, чија  иницијатива за оспорување на апанажата неодамна помина на Уставен суд, 

По оваа иницијативата за укинување на апанажата, Уставен суд одлучуваше повеќе од една година.

Собрание
На потег се парламентарните политички партии од опозицијата и власта кои треба да покажат солидарност со својот народ во време на кризаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

На потег се партиите 

Струшкиот адвокат вели дека на потег сега се парламентарните политички партии од опозицијата и власта кои треба да покажат солидарност со својот народ во време на криза. 

„Поради тоа до парламентарните партии ќе поднесам иницијатива за измена на чл.11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во која измена основицата за пресметка на платата на функционерите ќе се утврди како минималната исплатена месечна плата по вработен за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“, вели Ќатоски. 

Тој смета дека ваквата измена на законот е економски оправдана имајќи предвид дека во изминатиот период земјата се соочуваше со корона криза, економска криза, а сега и криза предизвикана од воениот конфликт во Украина.

„Од друга страна сметам дека на овој начин ќе се изврши усогласување на платите на избраните и именуваните лица согласно стандардот на граѓаните во државата, па така избраните и именуваните лица ќе имаат примања кои што ќе бидат еднакви па и во голем дел повисоки од оние на просечниот работник во државата. Оваа измена е неопходна од причина што финансискиот надоместок на функционери не треба да биде основен стимул за да се биде на висока државна функција. Стимулацијата за вршење на високи државни функции треба да се гледа низ призмата на одговорноста на секој поединец да придонесе за општото добро и јавниот интерес како прашање на чест а не како прашање поврзано со привилегии“, дециден е адвокатот. 

Повици

Претседателот Стево Пендаровски повторно ја повика Владата да направи се што е во нејзина моќ за да го спречи порастот на платите на функционерите во услови на криза. „Одлуката на Уставниот суд мора да се почитува, бидејќи непочитувањето е кривично дело, но Владата мора да направи се што е во нејзина моќ и надлежност, платите на функционерите почнувајќи од мене, па до локалната самоуправа, да останат на ова ниво на кое што се“, вели Пендаровски.

Тој во изјава за новинарите во Скопје потенцираше дека му е криво што  повеќе носители на функции не го делат неговиот став за покачувањето на платите. „Со измена на коефициенти, со измена на основица да останат платите исти, поинаку не можеме да излеземе пред очи на граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситуација, кога замрзнуваме цени на основни производи, ние си го зголемуваме платите“, вели претседателот. 

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на прес-конференција во Владата рече дека одлуката на Уставен суд со која се укинуваат одредби од законот за плата е конечна и треба да се почитува. „Тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица. Се работи за шпекулации во најголем дел“, порача Ковачевски. Одговарајќи на новинарско прашање, по повикот на претседателот Стево Пендаровски да не се покачуваат платите на функционерите во време на криза, Ковачевски вели дека одлуката на Владата е фер и праведно платена работа за сите. Според премиерот, ако Уставниот суд ги поништел- место да ги укине членовите од законот, на функционерите ќе требало да им бидат исплатени од буџетот разлики со камати во висина од 100 милиони евра.

Укинување на апанажата?