1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катастрофа по катастрофата

Миодраг Шориќ/бг11 септември 2015

Преживеаните од терористичкиот напад во САД од 11 септември сметаат дека најлошото е зад нив. Но, за жал не е така. Многумина од нив се‘ уште ги чувствуваат последиците, а државата сака да им ја укине помошта

https://p.dw.com/p/1GUrb
Фотографија: DW/M. Soric

Единаесетти септември 2001 година длабоко се врежа во сеќавањето на Гери Смајли. Тоа што се случи, до денес не му дава мир, не може да се ослободи од демоните на минатото. Смајли бил болничар во итната помош и токму тој ден работел прекувремено кога првиот авион удри во северната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк. Со колегите, пожарникари, полицајци и бројни волонтери, спасувал колку што е можно повеќе луѓе. „Кога беше погодена втората кула, се фрлив врз една жена за да ја заштитам. Двајцата преживеавме“, вели Смајли.
Подоцна повторно за влакно ја избегнал смртта. „Кога се урна северната кула бев оддалечен 75 метри и избегнав сигурна смрт бидејќи се фрлив под еден камион“. Часови подоцна го извлекле други спасувачи. Гери Смајли тој ден загубил блиски пријатели и колеги. Гледал како спасувачките екипи минуваат преку делови на човечки остатоци во потрага по преживеани.

Страдање по катастрофата

Него, родениот њујорчанец, тие слики не го напуштаат. Со месеци по катастрофата почнал повторно да работи и да го пренесува своето искуство на други. „Морав назад на работа за да можам да продолжам да живеам“. Во итната помош работел од својата 19. година. Вели дека за него тоа била работа од соништата. Но од пред неколку години, тоа повеќе не одело. Со 48 години заминал во предвремена пензија. Оттогаш најголемиот дел од своето време го минува кај лекари. Има пореметување на рамнотежата, постојани главоболки, проблеми со бубрезите. Вели дека имунолошкиот систем му заслабнал, и дека болува од депресија. За психичките тегоби молчи. „Сѐ е кошмар- телесно и духовно“.

USA Jahrestag der Anschläge vom 11. September
Гери СмајлиФотографија: DW/M. Soric

Како и илјадници други спасувачи и тој оди на редовни специјалистички прегледи. Високите медициски трошоци досега ги преземаше државата бидејќи американскиот Конгрес за преживеаните во трагедијата стави на располагање сума од 2,78 милијарди долари.

Волонтерите оставени на цедило

Но, таа програма истекува на крајот на оваа година. За Гери Смајли тоа е катастрофа. „Моето здравствено осигурување нема да ги плати трошоците за лечење“. Истото важи и за останатите преживеани, како оние заболени од карцином кои мораат да плаќаат астрономски високи сметки. „Без помош од државата, три-четвртини од спасувачите кои беа ангажирани на 11 септември прерано ќе умрат“, вели Смајли. Тоа се, додава, луѓе кои беа подготвени да дадат се од себе на денот кога Америка беше најтешко погодена во својата историја. „Не разбирам зошто воопшто се расправа за продолжување на помошта за преживеаните“, се прашува Смајли, видно потресен.
Она што на овој татко на две деца му дава надеж е следното: тој не е единствениот кој е соочен со тие проблеми. И други преживеани се упатени да бараат помош. Тие ги здружија силите, одржуваат конференции за печат, пишуваат писма до конгресмени и сенатори. Се чини дека тоа има ефект. Конгресмените од Њујорк и Њу Џерси почнаа исто така да бараат продолжување на финансиската помош. Претставничката на Демократската партија Керолин Малони за сето тоа вели: „Не е доволно само да се фали хероизмот на спасувачките екипи, за тие луѓе мора нешто и да се стори“.