70 години поделба, 70 години омраза
14 август 2017Поделбата беше тешка. Како последица од неа загинаа околу еден милион луѓе, а повеќе милиони се протерани. Индискиот субконтинент, некогаш татковина на луѓе од различни вери, беше поделен и осакатен. На северот се создаде нова држава врз основа на религија, отуѓеност и недоверба. Таа држава се вика Пакистан.
Породилните болки, хаосот, телесните и емоционалните страдања никогаш не ја напуштија поранешната британска колонија. Индија и Пакистан сега ја слават 70-годишнината од својата независност од британското колонијално владеење во духот на поделба. Тој е исто толку силен како што беше и во ноќта меѓу 14 и 15 август 1947 година.
Веќе во првите месеци по поделбата се поставени основите за идните индиско-пакистански односи. Двете држави се вплеткаа во територијален конфликт за регионот на Кашмир. Основачот на Пакистан, Мухамад Али Џина испрати племенски борци кои требаше да го ослободат Кашмир од владеењето на еден Хинду-махараџа. Индија реагираше со испраќање свои трупи во регионот и зазеде голем дел од земјата. Пакистан, пак, ја презеде контролата врз остатокот на Кашмир.
Двете земји три пати војуваа за Кашмир, а конфликтот е и натаму најголема пречка за пријателски односи меѓу двете држави. Кога Пакистан во оваа војна почна да се потпира врз исламски сепаратисти, судирот кој беше секуларен и етнички се претвори во битка долж конфесионалните линии.
Култура на недоверба
Уште во 1948 година двете држави се обидоа да добијат што поголемо влијание во Авганистан - регион кој никогаш не сакал да им се потчини на британските владетели. Пакистан стравуваше дека проиндиска влада во Авганистан би претставувала закана за неговата егзистенција.
Освен тоа, многу Паштуни беа несреќни поради владеењето на основачот на Пакистан, Мухамад Али Џина, и стремеа кон обединување со Авганистан, каде Паштуните исто така беа мнозинство. Тоа беше почеток на бескрајниот конфликт во Авганистан, кој својот врв го доживеа за време на руската инвазија во 1979 година. Кога Индија им се доближи на Русите, Пакистан им понуди поддршка на САД. Регионот беше втурнат во смртоносна граѓанска војна која трае до денес.
Надворешнополитичките одлуки на Пакистан и Индија влијаеја и врз нивната внатрешна политика. Меѓусебната недоверба се одрази во нивната официјална пропаганда, во учебниците по историја, во безбедносните апарати и уште подлабоко - во психата.
Втора поделба
Кога Бенгалците во тогашниот источен дел на Пакистан (сега Бангладеш) побараа права и автономија, првата реакција на властите во тогашен западен Пакистан се состоеше во дискредитирање на „индиските агенти“. Ироничен е фактот дека Сеиндиската Муслиманска Лига, која се залагаше за индиските муслимани во својата земја, беше основана во Бенгал.
Но, наследниците на Џина ја предадоа неговата идеја за поголеми политички и законски права за малцинставата во Индија. Пакистанските властодржци не сакаа да ги прифатат барањата на Бенгалците. Наместо тоа, тие употребуваа насилство, што доведе од основање на движењето за независност во источен Пакистан и основањето на Бангладеш во 1971 година.
Тоа беше втората поделба за само 24 години. Исто како и во првата, жртви беа милиони Бенгалци. Илјадници бенгалски жени беа силувани, интелектуалците беа измачувани, куќите палени. Исламабад никогаш не се извини за масакрот од 1971 година. Наместо тоа, официјално го „оправда“ конфликтот со тврдењето дека Индија сакала да го поткопа Пакистан.
Самобендисани елити
Најголемиот дел од меѓусебните проблеми кои Индија и Пакистан ги имаат денес почиваат врз поделбата од 1947 година. Научните студии инспирирани од постколонијалната теорија се употребуваат при споредби со слични состојби во други делови на светот - како на Блиски Исток, во Латинска Америка или Африка.
Во Индија сѐ уште се води дебата за поделбата и последиците. Во Пакистан, пак, владее железен молк и тоа и покрај тоа што дискусијата за поделбата би бил значаен и итно неопходен чекор за да се издиференцираат специфичностите на политичкото и економското владеење во земјата.
Општествените елити и големопоседниците поддржани од Британците, кои во 1947 година го презедоа Пакистан, владеат и денес. Тие го контролираа ресурсите на новата независна земја и ја презедоа политичката моќ. Остана и прогонот на верските малцинства, кој се базира врз т.н. „теорија на две нации“, која е идеолошка основа на Пакистан.
Археологија на екстремизмот
Поделбата на Индија помага и за да се разбере настанувањето на исламистичкиот екстремизам во Пакистан. Таа помага и за да се објасни зошто државното раководство го злоупотребува исламот како странски и безбедносно-политчки инструмент. Со оглед на тоа што индискиот премиер Нарендра Моди се залага за повторно оживување на „Хиндутва“ - една навидум надмоќна Хинду-идеологија - денес е дотолку поважно да се погледне кон настаните од 1947 година.
Индија и Пакистан 70-годишнината од поделбата ја прославуваат со националистичка страст. Но, за луѓето од двете нации нема причина за славје. Двете држави поседуваат нуклеарно оружје и модерни воени и одбранбени системи. Истовремено, повеќето Индијци и Пакистанци немаат пристап до институции за основно згрижување. Тоа не ги допира двете држави кои продолжуваат со своите воени крици и ги хранат своите потчинети со фалсификувана историја за индиската поделба. Тоа се приказни за лажна слава и празни гестови за наводна надмоќ.
14 август 2017 година не е 70-ти роденден на независен Пакистан, туку е 70-годишнина на меѓусебното непријателство. Поделбата не може да се врати назад. Но, ѕидовите на омраза може да се урнат. Урнете ги!