1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

060510 D Kriegsbewältigung

8 мај 2010

На 8 мај пред 65 години капитулира германскиот Вермахт. По самоубиството на фирерот и падот на Берлин, германските генерали Јодл и Фридебург го потпишаа документот за безусловна капитулација во францускиот град Ремс.

https://p.dw.com/p/NJD8
Црвената армија пред Брандебуршката порта во април 1945 годинаФотографија: dpa/DW

На изрична желба на Сталин, потпишувањето на капитулацијата беше повторено ноќта меѓу 8 и 9 мај во советскиот главен штаб во Берлин.

Втората светска војна, што ја предизвика Хитлер во 1939, е најголемата катастрофа на човештвото: однесе 55 милиони жртви, остави пустош во Европа и други делови од светот, и особено во самата Германија. Највисок данок во крв плати тогашниот Советски сојуз со 27 милиони жртви, но воената победа ја зацементира и прошири власта на Сталин, под која во наредните децении страдаа источно- и централно европските држави. Со крајот на војната на виделина излегоа и несфатливите размери на геноцидот врз Евреите во германските концентрациони логори.

Со победата на сојузниците Германците беа ослободени од нацистичкиот режим. Но многумина, барем во западниот дел на тогаш поделената земја, со децении имаа проблем поразот да го сфатат не како катастрофа, туку и како акт на ослободување. Израз на новото гледање на историјата беше говорот на сојузниот претседател Рихард фон Вајцзекер на 8 март 1985 година.

Говорот на фон Вајцзекер

Рихард фон Вајцзекер во Бундестагот на 40-годишнината од крајот на војната рече дека за Германците 8 мај всушност „не е ден за славење“. Времето непосредно по војната тој го опиша како поглед во „темна бездна на минатото и кон неизвесна мрачна иднина“, за потоа да констатира:

„А сепак ден за ден стануваше се’ појасно, она што денес треба да се каже за сите нас заедно: 8 мај беше ден на ослободувањето. Тој сите нас не ослободи од нечовечкиот систем на националсоцијалистичката насилна власт“.

Flash-Galerie Richard von Weizsäcker wird 90 Bundestagsrede 1985
Говорот на претседателот Рихард фон Вајцзекер во Бундестагот надмина многу табуаФотографија: picture alliance/dpa

Дотогаш ниеден висок по ранг западногермански политичар не го изрази тоа толку јасно и недвосмислено. „Тоа беше кршење на едно табу“, вели Јерг Море’, историчар, директор на Германско-рускиот музеј во Берлин.

„Во секој случај тоа беше ден на ослободувањето. Тоа гледиште постојано се повторува и сите се повикуваат на Вајцзекер. Тој говор и годинава насекаде се цитира, што сметам дека е на место. Историски погледнато, за учесниците 8 мај секако е ден на пораз, што произлегува и од самиот акт на безусловна капитулација“.

Разлики меѓу Западот и Истокот

Море’, експерт за Источна Европа, укажува на различните сфаќања на 8 мај во поделената Германија: западниот дел долго имаше проблем крајот на војната да го признае и како акт на ослободување, додека источниот од самиот почеток го застапуваше тој став, изгради антифашистичко себесфаќање, што и не му падна тешко на тамошниот комунистички режим, кој беше стратегиски најважен партнер на Советскиот Сојуз.

Во Музејот на капитулацијата, кој во повторно обединетата Германија беше преименуван во Германско-руски музеј, победникот и победениот заеднички потсетуваат на историскиот настан од 8 мај 1945 со трајна изложба за крајот на војната, дискусии, музички приредби, литературни читања, сериски проекции на филмови и научни собири. Во Русија зборот на ветераните и натаму е најважо сведоштво, но ќе дојде до голем засек кога таа генерација веќе ќе ја нема, вели Море’.

Flash-Galerie Ende 2. Weltkrieg Kapitulation Wilhelm Keitel in Berlin Karlshorst
Потпишувањето на германската капитулацијаФотографија: picture-alliance/akg

„Таму се веќе преземени мерки да се ублажи тоа, настануваат многу собрани дела. Потоа, млади луѓе, најчесто студенти по историја, се поврзуваат со ветераните, за во тој спој да се направи еден вид генетичко паметење, кое ќе ги конзервира сеќавањата. Тие студенти потоа ќе ги пренесуваат сеќавањата на наредната генерација“.

Во Германија и централна и западна Европа е поинаку: сликата за истроријата се базира врз извори што потекнуваат од историчари. Со поглед врз 8 мај 1945 денес владее консензус дека тоа беше ден на ослободувањето, смета историчарот Јерг Море’.

Aвтор: Марсел Фирстенау / Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски