190509 65 Jahre Landung der Alliierten
6 јуни 200965 години подоцна, во Нормандија има безброј места кои потсетуваат на најголемиот истовар на војници во историјата. Голем број гробишта долж брегот сведочат за судбината на стотици илјади војници кои ги загубија животите на страната на сојузниците и на германска страна. Наскоро, меѓу живите ќе ги нема и последните живи сведоци. Дотолку поитно се поставува прашањето - како да се одржи сеќавањето. Место кое има особено значење во германско-француското помирување се најголемите гробишта на германски војници на Нормандија, во местенцето „Ла Камб“.
На гробиштата „Ла Камб“ почиваат 21 илјада војници
Тие се најголемите, од вкупно шест гробишта, во Нормандија. На гробовите се напишани името, датумот на раѓање и датумот на смртта, како и чинот што го имал војникот. 80% од нив немале ни 20 години кога загинале, објаснува управникот на гробиштата Лусиен Тисеран од Народниот сојуз за грижа за германските воени гробишта.
„Плочите во форма на круг се од глина. Земјата е германска. Во тоа време тоа било средство за да се донесе нешто од татковината, да не почиваат сосема во туѓа земја. Дел од посетителите и роднините на војниците дошле со земја од селото од кое потекнувале војниците и ја просеале земјата околу гробот со цел да кажат ’гледаш, не си сосема во туѓина’.“
Насекаде има надгорбни плочи со чинови ЕсЕс. Лусиен Тисеран вели дека не сите загинати ЕсЕс војници биле воени злосторници. Но, тука почива и офицерот Адолф Дикман, кој наредил масакр во француското село Орадор-сур-Глан, во кој биле убиени 600 луѓе.
„Тоа е жежок костен. За Народниот сојуз нема лоши и добри мртовци. На оние што биле криминалци, а што е и докажано, не им оддаваме посебна почест, но ги згрижуваме. Секој човек смее да има гроб, дури и ако не се однесувал добро во текот на животот“, вели Тисеран.
„Никој не молел да умре токму овде“
На неколку километри оддалеченост се наоѓа селото „Ла Камб“ кое брои 600 жители. По селото името го добиле и гробиштата. Аугуст Валет, 84 годишен градинар, кани на попладневно кафе.
Аугуст Валет помогнал за градење на гробиштата во педесетите години на минатиот век и за погребување на загинатите германски војници. Раскажува дека гробиштата се создале на местото каде Американците, во текот на војната, додека траеле инвазионите борби, ги погребувале загинатите германски и своите војници: „Американците ги закопувале германските војници на една, а своите војници на другата страна на полето за погребување. Така било 6-7 години, се‘ додека Американците не ги направиле големите воени гробишта во Колевил-сур-Мер, кај Омаха Бич. Цела Нормандија била гробишта. Насекаде имало мртви кои морале да бидат идентификувани. Тоа не била убава работа, но морала да биде завршено коректно.“
За време на окупацијата Шарлоте Дубост морала да им ги пере алиштата на Германците. Денес, се навраќа на окупацијата без гнев: „Имаше еден германски брачен пар, кој овде, во Нормандија загуби два сина. Секоја година доаѓаа на гробовите на синовите. Еднаш не прашаа дали можеби би можеле да се грижиме за уреденоста на гробовите и потоа ние тоа го правевме со години. Не ни‘ беше лесно, но и ние имаме деца, а младите војници не молеле да умрат токму овде.“
Гробиштата во „Ла Камб“ денес ги посетуваат само некои германски ветерани
83 годишниот Јоханес Бернер, роден во Лајпциг, по војната останал во Нормандија. Од јуни до крајот на јули 1944 година тој се борел во уништувачката битка за градот Сан Ло. Ги доживеал бомбардирањата, уличните борби и смртта на илјадници војници. Многу од неговите соборци кои загинале, не се никогаш најдени: „Во Сан Ло бевме со 120 луѓе, а по еден месец останаа само 9. Потоа дојде засилување од Германија, многу млади момчиња, 16 годишници. Се плашеа, некогаш и плачеа кога ќе почнеа борбите. Викаа ’мама, мама’.“
Јоханес Бернер, многу години подоцна се оженил за Французинка. Неговата сопруга никогаш не заборавила што и‘ рекол дедо и‘, ветеран во Првата светска војна, кога дома го претставила својот свршеник: „Да не нема доволно Французи, па мораше да земеш Германец?“
Никогаш да не се повтори
Денес, брачниот пар Бернер се смее на ваквиот коментар. Оттогаш многу работи се сменети. Во 1963 година, во Елисејската палата е потпишан германско-францускиот Договор за пријателство. Има збратимени градови, а на големите прослави во знак на сеќавање на 50 годишнината и 60 годишнината од ослободувањето, присуствуваа и германски ветерани. Со времето му станало јасно колку бил заслепен како млад човек, вели Јоханес Бернер: „Кога сега се размислува за тоа, тоа е страшно. Такво нешто не смее да се повтори никогаш. Што се преживеав. Тогаш бевме млади, не размислувавме за тоа. Се пукаше, овде, таму. Не размислувавме како тоа на крајот ќе заврши и што ќе се случи потоа. Тоа е срамота.“
Автор: Клаудија Хенен / Елизабета Милошевска Фиданоска