1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

Како еден повик го промени светот

Петер Мике | АРД
3 април 2023

Во 1973 година инженерот во Моторола, Мартин Купер, за првпат употребува мобилен телефон на улица. Апаратот е гломазен и долг 25 сантиметри, но сепак е сензација.

https://p.dw.com/p/4Pd1i
Мартин Купер Моторола
Инженерот Мартин Купер со мобилен телефон од Моторола од типот ДинаТАК 8000Фотографија: picture-alliance/dpa

Утрото на 3 април 1973 година Мартин Купер всушност требало да настапи во утринска емисија на телевизија. Инженерот на „Моторола“ долетал во Њујорк за да го претстави најновиот производ што го развила неговата компанија:

„Очигледно телевизијата не сметаше дека тоа е толку важно и тие ја повлекоа поканата за гостување, но потоа најдовме радио канал кој имаше интерес за темата. Реков океј, ќе им дадам интервју, ама од улица, за да покажам каква слобода е да можеш да разговараш преку мобилен телефон, без кабел.“

Разговор со конкурент

Така Купер, на денешен ден пред 50 години, стоел пред хотелот Хилтон на шестата авенија во Њујорк и на репортерот му ја покажувал сивата, 25 сантиметри долга кутија со антена. „Телефонот тежеше повеќе од еден килограм. Можеше да се разговара одвај 25 минути, бидејќи батеријата имаше само толкав капацитет“, раскажува Купер. Но, тоа и не било проблем, бидејќи апаратот и онака не би можел да се држи подолго в рака затоа што бил многу тежок.

Купер денес има 94 години и точно се сеќава на повикот што тогаш го имал од таквиот монструм од телефон.

„Го извадив телефонскиот именик од џебот и го свртев бројот на Џоел Енџел. Тоа беше мој колега кај нашите конкуренти ‘Бел Лебс’, кои исто така работеа на развој на оваа технологија. За чудо, лично тој крена слушалка, а не неговата секретарка. Му реков: 'Здраво Џоел! Јас сум, Марти Купер. Ти се јавувам од мобилен телефон, вистински мобилен телефон - личен и пренослив телефон.'"

Мартин Купер мобилен телефон Моторола
Ако секој има мобилен телефон, сиромаштијата ќе биде поразена, смета КуперФотографија: J._L._Cereijido/dpa/picture-alliance

Мобилната сензација

Компанијата „Бел“ и натаму се фокусирала на развојот на телефони во автомобил кои во тоа време веќе ги имало и за кои во одредени поголеми американски грдови веќе имало и мобилна мрежа.

На таквата мрежа се потпирал и апаратот на Моторола - првиот мобилен апарат. Тоа било сензација - дури и во Њујорк. „Не знам колку знаете за луѓето во Њујорк, ама тие навистина се надуени”, вели Купер. „Тие гледаат низ тебе, не перципираат никого. Но, во тоа време немаа видено никого со телефон без кабел. Дури и арогантните њујорчани беа фасцинирани исто како и сите други на кои им го покажавме телефонот”, вели Купер.

Сепак, ќе поминат уште десет години додека технологијата и де факто да се најде на пазарот. Претходно морало да се работи на убедување на политичките чинители, како и на договор во рамки на индустријата за хомоген стандард за мобилна телефонија, кој на почеток функционирал само во одделни метрополи.

Во септември 1983 година првиот систем е комплетно поставен во Чикаго, потоа во Вашингтон. Дури отпосле мобилните телефони и де факто стануваат достапни за купување. На почетокот се ограничени на мрежата во еден град. „Апаратите тогаш и не функционираа посебно добро", смета Купер.

ДинаТАК 8000Икс  Моторола
Mоделот ДинаТАК 8000Икс на Моторола чинел 4 илјади долариФотографија: picture-alliance / dpa

Од куриозитет до масовен феномен

„Моторола“ тогаш на пазарот го претставила моделот ДинаТАК 8000Икс за 4 илјади долари, кој практично изгледал исто како и прототипот со кој Купер десет години порано го направил историскиот повик. Концернот започнал и голема кампања за рекламирање на „мобилната револуција“ со зборовите „сега мобилната телефонија ја користат бизнисмени, но наскоро бројот на корисници ќе се зголеми. Мобилната телефонија ќе стане нешто нормално како да погледаш на дигитален часовник, да сметаш со дигитрон или да работиш на компјутер.”

Денес мобилните телефони се сето тоа во еден апарат - и многу повеќе. Телефоните сѐ помалку се користат само за телефонирање.Се сурфа на интернет, се праќаат пораки и слики. А, нивната приказна ни одблизу не е завршена, вели сега веќе 94-годишниот Купер.

„Највисокото достигнување на вмрежувањето преку мобилна телефонијаќе биде зголемување на продуктивноста на човекот. Ако секој има мобилен телефон, сиромаштијата ќе биде поразена. И нема веќе изговори зошто некој на светов би требало да страда од глад”, заклучува Купер.