1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаРусија

400 години на царското семејство Романови

М. Рехер / Ж.Ацеска3 ноември 2013

Царската лоза Романови годинава слави четири века постоење. Тоа е повод за посета на Кострома, еден од најстарите и најубави руски градови, кој привлекува гости и млади уметници од цел свет.

https://p.dw.com/p/19xCr
Фотографија: Landesmuseum Stuttgart

Украсното Фаберже-јајце царот Николај Втори и‘ го подарил на својата сопруга пред сто години на 300. годишнината на Романови. Фаберже-јајцето е дел од царската ризница, обележја на фамилијата која ја издигна Русија и над 300 години учествуваше во кроењето на европската историја, до Октомвриската револуција во Русија.

Пол Едвард Куликовски е потомок на династијата Романови, пра-правнук на царот Александар Трети. Тој е менаџер, роден во Канада, а од 2008 живее во Москва и е одушевен од изложбата на семејното царско наследство поставена во Кремљ:

„Многу сум горд и среќен. Фантастично е да се гледаат сите овие прекрасни уметнички дела. Тие се толку убави првенствено поради своето духовно и емоционално значење. Сите се поврзани со мојата семејна историја. Разгледувањето на изложбава ми причинува многу радост“.

Царовите секогаш биле крунисувани во Москва. Но, приказната на Романови почнала во Кострома, неколку стотици километри на север. Тука Евгениј Кулагин секоја година организира фестивал. На посетителите од Швајцарија им ја раскажува историјата на Романови.

Во Ипатиевскиот манастир, за цар бил избран Михаил Фјодорович, првиот од Романови.

Земјата тогаш била потресувана од граѓанска војна и од непријатели од странство. Со умешност и честопати со сила Романови на Русија и‘ обезбедиле моќ и влијание. Подемот започнал во одаите во Кострома, каде во посета се Надине Фукс и Марко Делгадо, танчери од Швајцарија:

„Се чувствува дека овде се случувале многу нешта“

„Да, се чувствува долгата семејна историја на династијата, дека овде биле донесени многу важни одлуки“.

Младото царство цутело. А, Кострома, лулката на Романови, бргу прераснала во важен трговски и културен центар. Но, во Кострома нема само историја. Евгениј Кулагин, танчер од Кострома, со пријателите го основа уметничкиот проект „Станција“, односно „Постојка“, во една стара фабричка зграда. Еднаш годишно тој кани уметници од цела Европа на фестивал на танцот.

„Романови, било Катерина Велика или Петар Велики, секогаш имале отворен, европски поглед за нешто ново, прогресивно. А модерната уметност секогаш е прогресивна. Мислам дека ова што го правиме би им се допаднало на царовите“, вели тој.

Наследството на царовите денес речиси не игра некаква улога во Кострома. И во Москва јубилејот не се слави со голема помпа. Ризницата на Кремљ зборува, пак, сама за себе. Пол Едвард Куликовски, потомок на династијата Романови, истакнува:

„Би можело да се прикажат уште толку многу уметнички дела, на пример оние од дијамантската соба во Кремљ, тие всушност исто така треба да се видат. Би било убаво ако можат да се видат сите царски круни наредени една до друга“.

Пол Едвард Куликовски се радува што воопшто толку многу скапоцености од царовите ја преживеале Октомвриската револуција и советското време. Тие ќе бидат изложени во Кремљ во Москва до крајот на јануари.