1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Одговорноста на Европа

Ридигер Росиг
14 декември 2020

25 години по завршувањето на војната во Босна и Херцеговина, Европската унија треба да ја прогласи оваа земја за свој протекторат. Бидејќи проблемите на БиХ се европски проблеми што само Европа може да ги реши.

https://p.dw.com/p/3maPS
Frankreich Paris 1995 | Unterzeichnung Abkommen von Dayton
Фотографија: Gerard Julien/dpa/picture alliance

На 14 декември 1995 година, тоа беше еден четврток, беше потпишан Дејтонскиот договор во Париз, со што заврши крвавата војна во Босна и Херцеговина. Во исто време, еден офицер на американската армија влезе во редакцијата на ТВ-станицата на Мировните сили на ОН во Загреб, каде што работев во тоа време.

Тој сакаше да се распраша за едно место во БиХ каде требаше да биде прераспределен како дел од мировната мисија на НАТО. Мировната мисија на ОН се обидуваше да постигне мир во БиХ од 1992 година, а мисијата на НАТО требаше да го одржи тој мир договорен во Париз.

Американскиот офицер најсериозно нè праша: „Слушнав дека во БиХ живеат горди муслимани, горди Хрвати и горди Срби. Па, тогаш кои се тие Босанци?“, праша американскиот војник. Јас и моите колеги од ОНТВ, кои известувавме за војната во БиХ во тоа време веќе неколку години, пукнавме во смеа на ова наивно прашање. Босна веќе беше тема во европските медиуми со години.

Но, подоцна ми стана јасно дека овој американски офицер можеби несвесно со ова прашање ја погоди суштината на проблемот: премногу граѓани на БиХ и денес се горди граѓани, но не на својата земја. Никој не сака да биде Босанец. И тоа има свои причини.

Оставина од војната

До денес, зборот Босна потсетува на периодот од април 1992 година до декември 1995 година, во текот на кој вооружените сили на трите најголеми етничко-религиозни групи, муслимански Бошњаци, католички Хрвати и православни Срби, жестоко се бореа едни против други во оваа балканска држава. 100.000 луѓе ги загубија своите животи, милиони беа протерани од своите домови.

Bosnien und Herzegowina Srebrenica
Фотографија: DW/M. Sekulic

Со Дејтонскиот мировен договор и придружниот Устав, Босна и Херцеговина е додуша одржана како држава, но како компликувана конструкција составена од етнички „ентитети“ на чело со националистички политичари кои и ја водеа војната.                   

Лоши услови

Треба да се додаде и фактот дека Дејтонскиот устав во многу случаи бара едногласни одлуки така што политиката во БиХ функционира во интерес на граѓаните само кога политичарите покажуваат одредено ниво на подготвеност за компромис. А, токму тоа е многу ретко случај, бидејќи националистите кои се на власт добро се снајдоа во постоечкиот систем. Притоа, условите во БиХ не можат да се опишат на кој било друг начин освен како мизерни. Земјата повеќе или помалку е целосно деиндустријализирана, официјалната стапка на невработеност е околу 25 проценти, кај оние под 25 години дури 60 проценти. Стандардот на живеење е околу една третина од просекот во ЕУ. Секојдневието е обележано со сиромаштија, корупција и загадување на животната средина.

Гласање со заминување 

Со оглед на тоа дека сите овие години, и покрај сите избори, ништо не се смени, десетици илјади, пред се млади и добро образовани, емигрираат од земјата секоја година. Тоа е лошо за земјата, но е добро за националистите кои со право стравуваат дека гневот на овие млади луѓе може да експлодира во одреден момент.

Bosnien und Herzegowina Srebrenica
Фотографија: DW/M. Sekulic

Иселувањето ја стабилизира моќта на националистите. Тие сè уште ги контролираат оние малку работни места во земјата кои ги споделуваат со своите следбеници. Иселувањето на младите, освен тоа, го забрзува стареењето на општеството. По принципот - последниот да го исклучи светлото.

На демократијата ѝ е потребна благосостојба

Историјата на сите успешни демократии покажува дека слободните општества функционираат само таму каде што владее некаков вид просперитет. Притоа, со години беше јасно што треба да преземе политиката во Босна и Херцеговина: да создаде услови за инвестирање и повторна реиндустријализација на земјата со цел да се подигне стандардот.

Повеќе:

-25 години Дејтонски договор: Правда за Босна и Херцеговина

-25 години од хоророт во Сребреница национализмот и негационизмот не спласнуваат

-Збогум Босна, добредојде РС-егзит

Но, повеќе од јасно е зошто националистите не го прават ова - тоа би значело крај на нивното владеење. Партиите кои не се засноваат на националистички идеи истовремено не се во состојба да создадат услови за благосостојба затоа што тие никогаш не биле на власт доволно долго. Така, процесот на промена не може да започне од самата Босна и Херцеговина. Мора, исто како Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, да биде инициран однадвор.

Bosnien und Herzegowina Jugendzentrum in Srebrenica
Фотографија: DW/M. Sekulic

Водечка сила во мировните разговори во 1995 година беа Американците. По повеќегодишни неуспешни обиди на европските земји да ја прекинат војната во Босна и Херцеговина, тогашниот претседател Бил Клинтон во воздухопловната база Рајт-Патерсон близу Дејтон, Охајо, ги доведе до договор завојуваните страни со мешавина од ултиматуми и ветувања.

Но, оттогаш, улогата на Европа во БиХ стануваше сè поважна. Таму, сега, наместо мировната мисија на НАТО, е стационирана европска. Тоа има смисла. На крајот од краиштата, БиХ се наоѓа на стариот континент. Со доаѓањето на Џо Бајден на власт, ЕУ доби сигурен американски партнер во балканската политика. Ова е вистинско време Европа поактивно да ја сфати својата одговорност во Босна и Херцеговина.

Противници на БиХ и на Европа

Но, актуелната состојба на Европската унија покажува тешкотии при донесувањето одлуки. Ова се виде и во кавгата околу буџетот, што ја покажува целата бескомпромисност на некои актери. Ова не само што влијае на политиката кон Балканот, туку укажува и на потребата да се напушти принципот на донесување едногласни одлуки. На Европската унија ѝ треба повеќе демократија, како и на Босна и Херцеговина.

Мултинационалната Европа и мултиконфесионалната Босна и Херцеговина не само што се соочуваат со слични потешкотии, туку и со истите противници: автократски држави како Русија или Турција, тоталитарна Кина, фундаменталистичка Саудиска Арабија, како и десничарските популисти и верските фанатици. Сите тие отфрлаат единствена демократска ЕУ, како и обединета и демократска БиХ.

Малку веројатно, но не и невозможно

По многу години европска контрола, Босна и Херцеговина конечно и официјално треба да стане протекторат на ЕУ, за ограничено време и со јасно дефинирана цел: да ја направи оваа мала балканска земја подготвена за членство во ЕУ. И, на луѓето во оваа земја конечно да им се даде причина да бидат среќни што се граѓани на Босна и Херцеговина.

Дејтонскиот мировен договор, младите и „идентитетите со етикети“

За волја на вистината, ваков развој, имајќи ги предвид условите што владеат таму и сегашните проблеми со кои се соочува Европската унија, се чини неверојатен. Но, тој не е невозможен. Во секој случај, тоа би било подобро и за БиХ и за Европа отколку моменталната агонија.

Германскиот писател Курт Тухолски во 1932 година напиша: „Еден Евреин еднаш рече: Горд сум што сум Евреин. Но, дури и да не сум горд, повторно сум Евреин. Затоа е најдобро да сум горд од самиот почеток! "  Ваквиот став би им бил сторил добро на многу граѓани на Босна и Херцеговина. Но и на останатите Европејци.

Ридигер Росиг е уредник во ДВ. Во 1995/96 година. работел како репортер во УНТВ. Неговиот документарец „Босна и Косово - заборавени европски протекторати“ беше прикажан во 2017 година на телевизиите ЗДФ / Арте.