1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоРусија

25 години затвор за рускиот опозиционер Кара-Мурза

ЖА / агенции
17 април 2023

Владимир Кара-Мурза, еден од најпознатите критичари на Кремљ, е прогласен за виновен за предавство и осуден на 25 години затвор во Русија. 41-годишникот ја критикуваше руската инвазија вра Украина

https://p.dw.com/p/4QBba
Владимир Кара-Мурза Русија
Владимир Кара-Мурза, критичар на КремљФотографија: Anton Novoderezhkin/Tass/picture alliance

Познатиот руски противник на претседателот Владимир Путин и критичар на војната во Украина, Владимир Кара-Мурза, е осуден на 25- годишна затворска казна која треба да ја издржува во казнен логор поради предавство, гласи пресудата во судски процес во Москва воден зад затворени врати.

Ова е највисоката казна која досега ја добил некој руски опозиционер и е во согласност со барањето кое Државното обвинителство го изрече во април.

Здравствената состојба на 41-годишниот Кара-Мурза е исклучително лоша, соопшти неговата адвокатка Марија Еисмонт, илустрирајќи го тоа со фактот што нејзиниот клиент во истражен затвор ослабел 17 килограми.

Кара-Мурза, освен за предавство, е прогласен за виновен и за дискредитација на руската армија. Повикувајќи се на извори од истрагата, државните руски медиуми тврдеа дека поранешниот новинар за сума од 30.000 евра месечно им помагал на организации од земјите на НАТО да ја поткопуваат националната безбедност на Русија.

Познатиот критичар на Путин во два наврати за влакно преживеа загадочни труења. Кара-Мурза бил следен од истите агенти на руската тајна служба ФСБ кои беа инволвирани и во труењето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, покажуваат истражувањата на инвестигативната група Белингкет.

Кара-Мурза лани го доби престижното признание Вацлав-Хавел од Советот на Европа. Потребна е неверојатна храброст за човек денес да контрира на власта во Русија, изјави претседателот на Парламентарното собрание Тину Кокс кога во октомври и` ја врачи наградата за човекови права на сопругата на Кара-Мурза, која ја прочита неговата посвета дека наградата е за сите оние кои ја отфрлаат војната на Русија во Украина.

Парламентарното собрание на Советот на Европа со наградата Вацлав Хавел, именувана по поранешниот претседател на Чешката Република, од 2013 година одликува поединци за посебен ангажман за зачувување на човековите права, а таа е дотирана со 60.000 евра.