1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џо Бајден е вистинскиот човек само во моментов

Инес Пол
21 јануари 2021

Со искуството и помирувачкиот политички стил Џо Бајден е вистинскиот претседател за сегашната вжештена атмосфера во САД. Но, дали ќе успее да ги пронајде вистинските одговори надвор од акутниот кризен менаџмент?

https://p.dw.com/p/3oDvQ
USA Washington | Amtseinführung: Joe Biden
Фотографија: Rob Carr/Getty Images

Сликите од 6 јануари 2021 година се потресен доказ за состојбата во која се наоѓаат САД по четири години Доналд Трамп. Тие ќе останат врежани во колективната меморија не само во САД. И светот нема да ги заборави денот кога поддржувачите на сега веќе поранешниот претседател, поттикнати од омраза и заслепени од теории на заговор, упаднаа во Капитол, срцето на американската демократија.

Точно две недели по тој ден, САД и официјално имаат нов претседател. И покрај сите обиди и лаги, Доналд Трамп не можеше да го спречи ова. Тоа е добра вест и сите можеме за момент да здивнеме.

Ерата на Трамп сѐ уште не е завршена

Доналд Трамп веќе не е претседател на САД, но тоа не значи дека со тоа завршува и неговата ера. Земјата ја остави поделена како што не била од времето на граѓанската војна пред 150 години. Политичките табори се непомирливо спротивставени. Оваа поделба се отсликува како во семејствата, така и во парламентот. Сѐ уште огромен дел од неговите поддржувачи се заробени во мрежата од лаги во која Трамп ги држеше со години.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол, авторка на коментаротФотографија: DW/P. Böll

И билансот на надворешнополитички план на Трамп е катастрофален. Долгогодишните сојузници се вознемирени, а авторитарните или диктаторски земји, како Русија или Кина, задоволно тријат раце по глетката од упадот во Капитол.

Џо Бајденнаследи пустош. Хаос. И брутален економски систем. Тој на овој 20 јануари 2021 година ја презеде Белата Куќа, во која ништо не е во ред. Всушност со недели никој не ја раководеше оваа атомска и економска велесила. Тоа е опасно за Америка, но и за меѓународните сојузници. Бидејќи еден ваков вакуум брзо се пополнува.

Компромиси со политичките противници

Досега немало претседател со толку големо политичко искуство како Џо Бајден. Над 50 години е политички активен, како парламентарец е познат по барање компромиси со политичките противници, а како потпретседател со Барак Обама осум години од прва рака ги искусуваше предизвиците кои ги носи претседателската функција.

И во неговиот прв говор како претседател Бајден ја нагласи оваа своја особина – се презентираше како помирувач. И покрај екстремните безбедносни мерки, поради кои народот не можеше да присуствува на оваа прослава на демократијата, тој успеа да му даде достоинство на моментот на инаугурацијата. Тој тоа го може. И овој квалитет не може да се цени доволно во оваа земја која последниве недели загуби многу од добриот имиџ. 

Враќање на довербата

Се враќа и довербата кај меѓународната заедница. Бајден е јасно посветен на НАТО како трансатлантски сојуз. Тој е мултилатералист кој знае дека во еден глобализиран свет Америка сама нема никакви шанси, иако тоа не значи декаЕвропа и во иднина ќе може да се крие зад големиот брат. И овој американски претседател ќе очекува поголем - и финансиски - ангажман од стариот континент.

Џо Бајден е вистинскиот човек за овој момент. Неговиот тим главно се состои од искусни професионалци кои уште од првиот ден можат да се фатат за конкретна работа. Има надеж дека новиот претседател ќе може да пронајде компромис со републиканците за да се активираат итни програми за справување со корона-пандемијата и да се спречи најлошото.

Да се пронајде нова нормалност

Најголемиот предизвик по иницијалниот кризен менаџмент ќе биде да се води земјата во нова нормалност. Кој е одржливиот концепт кој Бајден и новата администрација ќе им го понудат на луѓето, кои со право се чувствуваат извисени од големата политика? Која е неговата програма за борба против социјална неправда која станува сѐ повидлива и полоша? Што ќе им понуди на луѓето кои поради нивната боја на кожа се брутално третирани при полициски контроли?

Џо Бајден е претседател на транзиција. Тоа јасно го стави до знаење уште на почеток. Но, помирувачките зборови нема да бидат доволни за земјата да се води во заедничка иднина.

САД мора да се пронајдат одново. Потребен е одговор на прашањето како сакаат да живеат во иднина. Што всушност значи да се биде „Американец“ ? Каква улога треба да имаат мигрантите? И каде им е местото на САД на меѓународната сцена? Џо Бајден нема одговори на овие големи прашања, ниту сила да развие таква визија во блиска иднина.