1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Џонсон и Џонсон: Сѐ уште без објаснување за ретките тромбози

Штефан Штикелман
21 април 2021

Нема веќе суспензија за вакцината на Џонсон и Џонсон. Европската агенција за лекови даде зелено светло со истото образложение како и за АстраЗенека - ползата е поголема од ризикот.

https://p.dw.com/p/3sJ6f
Weltspiegel 14.04.2021 | Corona | Impfstoff Johnson & Johnson
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Европската агенција за лекови (ЕМА) смета дека во случајот со вакцината на Џонсон и Џонсон „ползата е поголема од ризикот“. ЕМА ги проверуваше ретките случаи на згрутчување на крвта, поради што употребата на вакцината беше ставена извесно време „под мраз“. Беше направена анализа на податоците од САД, каде веќе седум милиони граѓани ја имаат добиено оваа вакцина. Американските здравствени власти утврдија осум случаи на невообичаени тромбози, поврзани со пореметување на тромбоцитите, од кои еден заврши со смрт. Тромбозите се појавиле главно кај жени помлади од 60 години, што е исто така паралела со вакцината на АстраЗенека, каде има слични појави.

„Постои поврзаност“ помеѓу вакцината и појавата на овие ретки случаи на тромбози, објасни експертката на ЕМА за безбедност на вакцината, Сабине Штраус. Затоа овие информации ќе бидат додадени на упатството за употреба на вакцината. Тие мора да укажат на проблемот, за лекарите да бидат подготвени на евентуални симптоми.

Лицата кои ќе примат вакцина Џонсон и Џонсон треба да внимаваат дали по вакцинирањето кај нив ќе се јават проблеми со дишењето, болки во градите, болки во пределот на стомакот, отоци на нозете или невролошки проблемии. Доколку е тоа случај, би требало итно да побараат лекарска помош.

За медицинарите ЕМА препорачува да се информираат за специјалните методи на лекување на вакви ретки случаи на тромбози. Експертите притоа препорачуваат да не се дава хепарин при проблеми со коагулацијата или имуноглобулини. Во секој случај, при вакви случаи во лекувањето треба да се вклучат хематолози.

USA | Coronavirus | Impstoff von Johnson & Johnson
ЕУ има нарачано вкупно 55 милиони дози од вакцината на Џонсон и ЏонсонФотографија: Mary Altaffer/AP Photo/picture alliance

Ползата поголема од опасноста

Шефицата на ЕМА, Емер Кук, повтори дека нуспојавите кои ја натераа и Американската агенција за лекови да запре со инјектирање на вакцината Џонсон и Џонсон, се екстремно ретки случаи. „Викендов бројот на смртни случаи поради корона во светот ќе надмине три милиони“, објасни Кук, додавајќи дека секојдневно умираат илјадници луѓе. „Овие вакцини играат одлучувачка улога во борбата“ против вирусот, нагласи таа.

Нејасно е зошто и како настануваат нуспојавите и кај кои групи на луѓе. АстраЗенека и Џонсон и Џонсон се во принцип слични вакцини, но во деталите се различни. „Немаме доволно информации за тоа по кои фактори на ризик треба да трагаме“, вели експертката Сабине Штраус. Според постоечките информации, се чини дека помладите жени се позагрозени, но не можеше да се воспостави врска помеѓу пиењето антибеби таблети и згрутчувањето на крвта по добиена вакцина. Стручњаците на ЕМА во тој дел сѐ уште анализираат и немаат конечен став.

Повеќе:

Тромбози по вакцинација со „Џонсон и Џонсон“ - ЕМА врши проверка

Спутник V под лупата на ЕМА

ЕМА и натаму дава зелено светло за АстраЗенека

ЕУ ја поздрави одлуката

ЕУ има нарачано вкупно 55 милиони дози од вакцината Џонсон и Џонсон. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по одлуката да се даде зелено светло за вакцината, рече: „Тоа се добри вести за кампањите на вакцинација во ЕУ“, а еврокомесарката Стела Киријакидес додаде: „Ги терам земјите членки да го следат мислењето на експертите. Вакцините спасуваат животи.“

По привременото запирање на вакцината Џонсон и Џонсон, беше голем стравот во Брисел дека дилемите на многу граѓани во врска со ваквиот вид вакцини ќе се зголеми. По вестите за нуспојави, меѓу другите земји и Холандија, Данска, Италија и Романија ги ставија во фрижидери веќе добиените дози Џонсон и Џонсон и не ги употребуваа.

Колку нивните дилеми ќе се разсчистат по зеленото светло од страна на ЕМА и дали граѓаните ќе го прифатат ова мислење на експертите, е отворено прашање. Земјите на ЕУ можат врз основа на својата ситуација, бројот на инфицирани и резервите на вакцини да одлучуваат за одредени препарати, нагласи шефицат на ЕМА, Емер Кук. Се покажа дека скепсата во северна Европа е поголема отколку во други делови во светот.

И вакцината Спутник функционира слично како векторските вакцини на АстраЗенека и Џонсон и Џонсон. Но, ЕМА вели дека анализата на информациите од рускиот производител сѐ уште ни оддалеку не е готова за да може да се даде мислење за можните нуспојави. Британските експерти како што е Елинор Рајли велат: „Расте сомнежот дека ретките случаи (на тромбози, н.з.) се предизвикани од аденовирус-делот во вакцината.“

ЕУ во иднина ќе стави акцент на технолошки понови вакцини, како онаа на Бионтек/Фајзер. ЕК се откажа од нарачка на АстраЗенека за 2022 година, меѓу другото и поради нарушениот однос со производителот и неговите проблеми со доставување на вакцината.