1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе преживее ли Панама без офшор фирми?

Андреас Кноблох / ЕМФ13 април 2016

Деновиве многу се зборува за Панама како даночна оаза. Пружањето финансиски услуги досега беше една од клучните работи за благосостојба на земјата. Како економски би стоела Панама без офшор фирмите?

https://p.dw.com/p/1ITDk
Фотографија: DW/M. Soric

На крајот на 2014 година дојде до заладување на дипломатските односи меѓу Панама и Колумбија поради тоа што Богота ја прогласи соседната земја за „даночна оаза“. Но, спорот бешњ решен веќе по само околу една недела на тој начин што Колумбија ја симна Панама од таа листа.

Дека Колумбија била и тоа како во право, покажуваат откритијата во аферата „Панама документи“. Па сепак, панамските политичари и натаму тврдат дека се неправедно ставени на столбот на срамот. „Нашата земја не е даночна оаза“, истакнува директорот на Даночната служба Гидо Родригез. Тој дури во едно интервју за радиото МДЗ ги критикува новинарските откритија: „Поголемиот дел од офшор-фирмите не се наоѓаат во Панама, туку на други места, како Бахамите, Кајманските острови и градови во САД.“

Пружањето финансиски услуги во центарот

Тоа е можеби точно, но и натаму останува фактот дека финансискиот сектор е еден од главните темели за благосостојбата во Панама. Финансискиот сектор остварува 7,5% од брутодомашниот производ и управува со околу 90 милијарди американски долари. Панама во текот на изминатите години се разви во финансиски центар на Централна Америка. Но, сега многумина се плашат дека скандалот ќе има долгорочни последици по финансиското работење во Панама, затоа што во таа бранша довербата и угледот се многу важни.

Сѐ почна во 70-тите години на минатиот век, кога Јужна Америка беше преплавена со долари заработени од нафта. Тогаш Панама почна да управува со огромен имот во регионот. Но, тоа траеше кратко. Доларите веќе не пристигнуваа во толку големи количества, а Панама сѐ почесто мораше да се брани од обвинувањата дека станала центар за перење пари од колумбиската нарко-мафија. Во 1989 година многу банки ја напоштија земјата, но истовремено почна да цути работата на адвокатските фирми како „Мосак Фонсека“. Во Панама секојдневно се основаат повеќе од 100 офшор фирми со цел избегнување на палаќање данок, кои пптоа се продаваат на банки. Панама е земја со околу 4 милиони жители и без поголеми природни ресурси, но поради поволната географска положба на потегот меѓу Северна и Јужна Америка, како и Европа и Азија, стана финансиски центар на меѓународниот капитализам.

Тука своја улога има и правниот систем, кој гарантира доверливост на податоците, што на меѓуанродните фирми и физичките лица им овозможува речиси анонимни финансиски трансакции и со тоа избегнување на даночните обврски во нивните татковини. Во Панама се оданочуваат само приходите кои се остварени во земјата. Поради сите тие поволности, во таа држава доаѓаат пари кои инаку тука не би завршиле.

Бум отсо недвижности и Панамскиот канал

Модерните облакодери во главниот град на Панама го отсликуваат значењето на таа земја како финансиски центар. Па сепак, високиот економски пораст и стабилноста на банкарскиот сектор во Панама, кои неодамна беа пофалени и од страна на ММФ, не постојат само благодарение на офшор фирмите и сомнителните инвестиции.

Големи приходи во последните години носат туризмот и пазарот на недвижности, од што посебно профитираа градежните фирми. Но, додека добивката на тие претпријатија бележи огромен пораст (повеќе од 300 проценти во минатата деценија), платите на градежните работници во истиот тој период се зголемиле за само 18%.

Важен двигател на стопанството е и Панамскиот канал. Преземањето на целосната контрола над Каналот на 31.12.1999 година беше нешто како второ раѓање на панамската независна држава. Од наплатата на користењето на Каналот годишно се заработуваат милијарди американски долари. Панамскиот канал на државата ѝ донесе економски пораст од 9% во изминатите пет години, што е и најголем пораст во регионот. Истовремено, секој трет жител на Панама живее во сиромаштија.

Symbolbild - Panama Kanal
Панамскиот канал е важен извор на приходи за ПанамаФотографија: Getty Images/R. Arangua

Поматено свечено расположение

Тој социјален проблем, покрај корупцијата, е еден од најголемите предизвици за владата на претседателот Хуан Карлос Варела. „Нема да дозволам ниту еден цент од парите кои им припаѓаат на четири милиони Панамци да биде потрошен, а народот од тоа да нема полза“, изјави Варела, член на конзервативната католичка организација Опус Деи, за време на предизборната кампања во 2014 година. Но, оттогаш се промени многу малку. Варела, исто како неговите претходници, ја продолжува неолибералната економска политика која се темели на намалување на државните издатоци, слободна трговија и дерегулација, а која ја следат социјални репресии, кратење на правата на работничките синдикати, запоставување на ситните селани и средно големите аграрни претпријатија наспроти велепоседниците, како и гушење на студентските организации. Истовремено, се трошат милијарди долари за проширување и продлабочување на Панамскиот канал.

На 26 јуни Варела треба свечено да го отвори проширениот Канал. Но, откритијата од „Панама пејперс“ би можеле да го расипат славеничкото расположение. Меѓу другото и затоа што Рамон Фонсека, кој заедно со Јирген Мосак ја води адвокатската канцеларија „Мосак Фонсека“, до неодамна беше официјален советник на Варела. Тој до март годинава беше и вицепретседател на владеачката партија на Варела. Кога Фонсека дозна дека би можел да се најде во средиштето на аферата, го замоли Варела да го ослободи привремено од сите должности.

Во секој случај, скандалот околу „Панама документите“ му наштети значително на угледот на Панама како сериозен финансиски центар. А тоа нема да го променат ниту заострените закони за банките, осигурителните друштва и фирмите за недвижности кои се носат под притисок од странство.