1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јужно-Балканска Трилатерала

27 ноември 2019

Наш заеднички интерес е да се шириме. Пазарно, образовно, културолошки, умствено. Да се отвориме и да му покажеме на светот дека Балканот веќе не е буре барут, туку синоним за квалитет и соработка. Пишува Никола Тодоров.

https://p.dw.com/p/3TmYb
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Ги гледав г-дин Борисов и г-дин Вучиќ како го пуштаат автопатот од Ниш до Димитровград и не знам зошто, но некако не ми беше право. Почувствував јад и неверување како може да сме толку самоуништувачки настроени и како не успеавме и сѐ уште не успеваме да направиме сериозна државна стратегија. Не сакам да бидам погрешно сфатен дека сум против тоа Србија и Бугарија да соработуваат и да се поврзуваат, но ми падна криво што ние наместо да креираме долгорочни стратегии базирани на соработка и отвореност, уште сме робови и жртви на старите „Информбиро“ стратегии од времето на Студената војна. Стратегија во смисла на долгорочно планирање, базирана на анализи на тековите и движењата во иднина, направени врз основа на квалитетни предвидувања, со цел поставување на среднорочни и долгорочни цели и активности на меѓународен и домашен план. Со други зборови, ако имавме усогласена државна стратегија, ќе предвидовме дека поврзувањето на Србија и Бугарија преку модерно автопатско решение пред тоа ние да го сториме, ќе нѐ направи геостратешки, регионално далеку поневажни, а економски ќе губиме и заради транспортот и заради затвореноста. Многу веројатно е дека причината за ова наше неповрзување и несоработка не е само материјална, односно финансиска, туку е подлабока и е резултат и на емотивна реакција или состојба. Основата на таа негативна емоција е тоа што долго време во Македонија нѐ учеа дека Бугарите ни се непријатели, дека комуникацијата треба да ја сведеме на минимум, дека не смее да сме блиски. Кажано низ поедноставен и разбирлив пример, тоа би значело дека ако пееш српски песни, тогаш тоа не е никакво прашање и нема ништо лошо во тоа (со што искрено се согласувам), ама ако запееш некоја бугарска песна, е тогаш си бугарофил. Згора на тоа, на оној одвратен „антички пат" (во смисла на тоа кога и како е изграден) од Ранковце до граница со Бугарија, непосредно покрај патот веројатно уште се поставени едни мали железни барикади за тенкови. Стојат ‘рѓосани и на готовс. Останале таму уште од времето на Југославија, ама и нашата одбранбена стратегија останала истата. Ова, за ако решат Бугарите да нѐ нападнат со тенкови, селаните да ги постават барикадите и да ги блокираат, за да ние добиеме во време да вртиме телефонски во Белград по помош.

Затворен ум

Страхотно, што би рекле Бугарите. Така и после 30 години ние си останавме непријатели со Бугарите, па сѐ уште е голем бројот на оние што онака, понекогаш и без никаква причина, немаат баш позитивни чувства за Бугарите. Ако тоа и малку се промени и се релаксираат односите помеѓу двете држави и народи и работите во тој поглед тргнат кон подобро, веднаш во Бугарија ќе се јави некој поранешен КГБ-оперативец стациониран во Бугарија, нормално денес преоблечен во бугарски патриот, и ќе почне да блада нешто во стилот дека Македонците не постојат, дека сме некаква вештачка творба, дека имаме вештачки јазик и дека сите што сметаат дека се Македонци се србокомунисти. И веднаш ние ќе се запалиме и ќе почнеме наместо по кутриот патриот по професија, што сѐ уште ревносно одработува за старите газди, да плукаме по сите Бугари. Тоа што најголем дел од Бугарите, тој што така изјавил го сметаат за маргиналец, не е важно. Тоа што најголем дел од Бугарите нема ни да го прочитаат тоа, а и да го видат ќе го скокнат како неинтересен текст, и тоа нема врска. Важно е да опстане туѓата стратегија да не се сакаме. Епа, драги „бугаромрсци“, да ве известам дека „србокомунистите" и „бугариштата", како што некои злобници ги ословуваат, ја споија Европа. Да, направија модерен автопат и нѐ заобиколија. Пополека нѐ претвораат во слепо црево. Г-дин Борисов му рече на Г-дин Вучиќ, дека е сигурен оти над 50.000 Бугари ќе дојдат во Белград за Нова година. Нормално. Како господа, без многу напор и за значително пократко време, наместо во Скопје, ќе си отидат во Белград. Секој од нив да потроши по 200 евра, тоа ти се 10 милиони евра приход за белградската економија, само од Бугарите за Нова година. Е, толку нѐ чини несоработката со Бугарите. 10 милиони евра за Нова година. Нека ни е среќна новата 2020 година, со ум и стратегија од 1970 година. Го паметите оној замислен мудар премиер предавник за кој пишував во првата колумна на ДВ? Епа, ако имавме таков премиер и ако имавме таква напредна стратегија ориентирана кон иднината, наместо стратегија базирана на минатото и стереотипите наметнати како резултат на туѓи пропагандни интереси, немаше ова да ни се случува. Ако бевме малку попаметни и не паѓавме на ниски провокации, и наместо емотивно, делувавме рационално, одамна ќе имавме автопат и пруга до Софија. Ама немаме. Сѐ уште заглавени во минатото робуваме на туѓи интереси, заслепени од омразата од која полза има некој трет, доволно паметен да нѐ искористува во своја полза. Резултатот од тоа за нас се загубени децении. Доцниме 20 години, ако не и повеќе. Затворениот ум и подложноста на туѓи пропаганди нѐ донесе дотука. Сѐ уште сме жртви на туѓи стратегии и на неможноста да погледнеме објективно и нанапред.

Други колумни од авторот:

Ни треба херој (We need a hero)

Југославија

Македонија 1991

Еквиблизина

Претседателот Киро Глигоров промовираше и се придржуваше кон стратегијата на еквидистанца. Можеби во тоа време и не била лоша како пристап, но само ако е фаза кон она што сега мора да биде наша нова државна стратегија. Предлагам да развиеме нова стратегија базирана на принципот на „Екви-близина“, како следна фаза на претходната стратегија на еквидистанца. Ова би значело дека треба да сме еднакво блиски и отворени кон сите соседи. Ние мораме да бидеме мостот кон сите и помеѓу сите. Проектот за мал Шенген може да биде почеток во тој контекст. Но, доколку останеме само на таа политика, повторно го нарушуваме балансот и градиме блиски односи само со дел од нашите соседи. Затоа, покрај оваа регионална соработка, треба да се обидеме да покренеме иницијатива за нова регионална соработка меѓу нас, Бугарија и Грција. Сѐ што предвидува малиот Шенген како соработка меѓу земјите учеснички во овој процес, да предвидува и новата балканска иницијатива меѓу Македонија, Бугарија и Грција. Знам тие се ЕУ-членки и од тој аспект има определени ограничувања за ваков тип на соработка, но ЕУ би требало да биде заинтересирана, преку овозможување на еден ваков специјален однос, да овозможи градење на трајно пријателство и соработка меѓу овие три земји. За ова има историски, културолошки, безбедносни и економски причини. Регионот Македонија е регион кој историски предизвикувал многу проблеми, балкански војни и политичка нестабилност. Ова е начин регионот Македонија, кој е дел од три држави, наместо причина за проблем, да стане причина за соработка. Ова на долг рок ќе го стабилизира Балканот и ќе ја стабилизира Европа. Звучи можеби нереално или футуристички, но што мислите, како изгледала идејата да се направи заедница за јаглен и челик кога на 9 мај 1950 година била обелоденета од тогашниот француски министер за надворешни работи г-дин Роберт Шуман. Тој тогаш изјавил дека неговата цел била „војната да се направи не само незамислива, туку и материјално невозможна“. Една година подоцна, со договорот од Париз тоа се овозможило, станало реалност, и фундамент на денешната модерна и просперитетна Европска Унија. Мислите ли дека во 1950 година Франција и тогашната Западна Германија се „сакале” повеќе од тоа што денес се „сакаат” Македонија, Бугарија и Грција? Јас мислам не, и прилично сум сигурен дека антагонизмот и непријателството и тогаш, и низ претходната нивна историја, бил значително поголем помеѓу Франција и Германија од разликите и антагонизмот кој денес постои помеѓу овие три балкански држави. Ништо не е невозможно, треба лидерство, визија, храброст, но треба и да ги потиснеме националистичките радикали и популистите во трите земји, да им одбиваме на глупостите кои од лукративни лични причини ги кажуваат или прават и заеднички да претставиме нова политика на умерен патриотизам, базирана на соработка и благосостојба на народите на овие три држави. Ајде да почнеме заедно да работиме на ваква јужно-балканска трилатерала. Да почнеме најнапред со тоа што царината и полицијата помеѓу овие земји на граничните премини ќе бидат сместени во една куќарка, со што чекањето на граничните премини, особено за време на летните и зимските одмори ќе се преполови. Да продолжиме со заеднички инфраструктурни проекти на патно и железничко поврзување.

Заштитено подрачје „Македонија“

Да направиме едно заедничко заштитено земјоделско географско подрачје „Македонија”. Така ќе постојат производи кои се произведени во географското подрачје Македонија од страна на Грција, Бугарија и Северна Македонија. Заедно ќе го промовираме ова географско подрачје, заедно ќе го рекламираме, ќе си помагаме во извозот кон трети држави. Ќе овозможиме брендот Македонија да донесе економска полза на трите држави. Наместо да биде синоним за нерешени билатерални или мултилатерални прашања, да стане симбол на соработка и квалитет. Јаболката ќе бидат од географскиот регион Македонија, без разлика дали се од Ресен, Солун или Банско. Така ќе бидеме подобро преставени на светските пазари, поконкурентни и ќе можеме заедно да го рекламираме овој знак за квалитет, со оваа географска ознака.

Следниот и многу важен столб на иницијална соработка треба да биде образованието и науката. Да овозможиме на младите да можат под привилегирани услови, бесплатно, да се запишат на универзитетите во која било од трите земји на соработка, на додипломски, постдипломски или докторски студии на англиски јазик или на јазикот на земјата каде е универзитетот. Така ќе овозможиме поголема интернационализација на универзитетите, што ќе ни овозможи да бидат подобро рангирани на т.н. Шангајска листа на најдобри универзитети. Но, тоа што е уште позначајно, ќе почнеме да креираме трајни врски на пријателство и почитување помеѓу трите народа. Потоа да направиме и еден заеднички научен фонд, каде ќе може да аплицираат научници од трите земји само со заеднички проекти. Така ќе овозможиме силна научна соработка и силно поврзување и на најголемите умови на овие три земји. Да се поврзат младите и сите прогресивни и умерени сили во овие три држави, а истовремено со заеднички сили да ги изолираме националистичките радикали, популистите и патриотите по професија како ретроградни сили од минатото.

Наш заеднички интерес е да се шириме. Пазарно, образовно, културолошки, умствено. Да се отвориме и да покажеме на светот дека Балканот веќе не е буре барут, туку дека е синоним за квалитет и соработка. Заедно треба да се избориме за таа позиција. Поинаку не може. Таа позиција можеме да ја оствариме само со отвореност. Со отвореност на границите, на економијата, на образованието, на инфраструктурата, науката, умот. Да ги тргнеме стегите од младите. Да не бидат заробеници на застарените туѓи стратегии. Да не бидат и тие заробена генерација оптоварена со лажни патриотизми и омраза.