Јужните народи ја доживуваат Меркел како Хитлер
18 април 2013Се’ започна во Грција. Пред околу три години, гневните Атињани излегоа на улиците на протести, а на еден од транспарентите германската канцеларка Ангела Меркел беше насликана во СС-униформа. Оттогаш, на нацистичките споредби им нема крај. Острите мерки за штедење наметнати од Меркел врз еврозоната ја зацементираа германската моќ во Европа во очите на многу незадоволници, потсетувајќи ги на окупацијата за време на Втората светска војна.
Речиси 70 години по Втората светска војна многу Грци се‘ уште се гледаат себеси како жртви. Бројот на самоубиствата во земјата се зголемени за една третина, повеќе од половина од младите немаат работа. Голем дел од населението може само немоќно да гледа како им се распаѓа животот. Не е никакво изненадување што паралелно со протестите, и грчките медиуми тргнаа во дивјачки напад против Германците. Најгледаните ТВ програми се оние во кои се полемизира за нацистите.
Нацистичка Германија е се‘ уште жива
И други европски земји, со почетокот на кризата, ги извадија од заборав нацистичките симболи. Во Кипар, демонстранти против мерките за штедење носеа маски на Меркел со мустаќите на Хитлер. На нивните транспаренти пишуваше: „Нацистичка Германија е се‘ уште жива“. Во Шпанија, еден од водечките весници доби колумна од професор по економија кој оценува дека Меркел „како и Хитлер и објавила војна на остатокот на Европа, но овојпат за да го обезбеди германскиот економски простор“. И покрај тоа што текстот беше повлечен, тој ја отсликува затруената клима.
Притоа, малку е важно тоа што нацистичките обвинувања се историски неодржливи. Поранешниот европратеник Олаф Швенке, кој е претседател на Германската асоцијација на Европската културна фондација, ги опишува ваквите споредби како „целосно неодржливи, но во одредена мерка, психолошки разбирливи“. Тој објаснува дека ваквите настани ја предизвикуваат колективната меморија на нациите кои биле окупирани.
Но, тој е исто така критичен и кон начинот на кој Германците се справуваат со ситуацијата. „Требаше јасно да се стави до знаење последниве месеци дека актот на давање помош е дел од европската солидарност, а не акт на некој кој знае се’ најдобро од сите“. Ставот „ние работиме како што треба, правете како што ќе ви кажеме“, беше погрешен.
Синдромот на жртва
Според грчкиот писател Петрос Маркарис, на Германците се гледа како на учители, не само во Грција. Но, проблемот тој го лоцира и во земјите како неговата.
„Речиси сите балкански народи се гледаат себеси како невини жртви. Од друга страна, Германците се горди на своите остварувања и сакаат и остатокот од Европа, особено јужните народи, да ги имитираат. Но тие не сфаќаат дека во југот постои многу различна култура“.
Германците не само што се културолошки кусогледи, туку и тие самите сакаат да се претставуваат како жртви. На пример како „благајници на ЕУ кои им ги плаќаат луксузните пензии на Грците“ како што тоа го претставува најтиражниот германски весник „Билд“.
„Овој имиџ на жртва е многу само-праведнички. Но никаде не можете да најдете волја за признавање на каков било елемент на одговорност на германската страна за целата ситуација“, вели Улрике Герот, директор на берлинската канцеларија на Европскиот совет за надворешна политика.
Арогантните слогани како „Европа говори Германски“ се еднакво опасни. Таква изјава даде шефот на парламентарната група на ЦДУ Фолкер Каудер во 2011, и таа не беше заборавена - напротив.
Културен дискурс
Но има ли некаква најава за еден нов, умерен пристап на едните кон другите? Не баш!
„Ова покажува колку е кршлива културната основа која се градеше во изминатите 50 години интеграција“, вели Герот. Таа смета дека димензиите на кризата биле толку широки што успеале да ги уништат и ефектите од германските обиди во изминатите децении, преку меѓународни културни активности, да се креира нов имиџ на земјата.
„Ова не е само криза на еврото, или високиот долг на Југот. Се работи за криза на капитализмот, банкарска криза, криза на сувереноста и криза на системот“, вели Герот.
Во суштина се работи за многу комплексна ситуација на која и‘ недостасува сериозна дебата за културните аспекти. „Кога нештата се премногу комплицирани, победуваат лесните одговори. Во Германија, одговорот на луѓето на кризата беше: ’мрзеливи Грци’. Одговорот на другата страна беше ’Меркел е Хитлер’“, вели Герот.
Но, од друга страна, проблемот не е само во недостатокот на комуникација.
„Се работи и за сериозно политички прашање. Можеше да се предвиди дека ќе се јави агресија кон Германците и дека ќе излезат овие нацистички споредби. Доколку размислувавме за тоа во добрите времиња, можевме да развиеме конфликтна програма на културно ниво“, смета Швенке. На пример, германското МНР можеше да одвои повеќе фондови за германскиот културен институт Гете, но се случи токму спротивното, и буџетот на оваа и на други културни организации беше намален.
„Европа инвестираше многу во економијата, но премалку во културата и заедничките вредности“, напиша Маркарис во 2012 година. „Ќе биде многу добро за обете страни, доколку Грците дозволат малку разум да се провлече меѓу нивните чувства, а Германците да додадат малку сочуство во нивната рационалност“.
„Наместо да покажуваме со прст едни кон други, можеби треба да се обидеме со културен дискурс. Тоа би било вредно за Европа“, заклучува Герот.