Јужна Африка: што по Џејкоб Зума?
15 февруари 2018По дефинитивното заминување на Џејкоб Зума, Сирил Рамафоза ќе наследи длабоко поделена партија- Африканскиот национален конгрес (АНЦ), јавен сервис осакатен од системска корупција и економија во слободен пад.
Првиот предизвик на Рамафоза ќе биде да го одржи единството во АНЦ по заминувањето на Зума. Тоа нема да биде лесно. Рамафоза беше избран за претседател на АНЦ во декември 2017 година со тенко мнозинство од само 200 гласа наспроти ривалката Косазана Дламини-Зума, поранешната сопруга на Јакоб Зума која тој ја избра за свој наследник во партијата.
Доколу Зума и неговите сојузници предизвикаат револт поради неговото заминување, две сценарија се можни. Зума би можел да остане во АНЦ, а неговите поддржувачи ќе го поткопуваат владеењето на Рамафоза, ќе ја бпокираат програмата за реформи или едноставно ќе направат да биде невозможно да се владее со земјата.
Или, Зума би можел да замине и да формира сопствена партија која ќе му опонира на АНЦ, слично како што веќе направи поранешниот претседател Табо Мбеки, откако беше сменет во 2007 година. Таквата партија најверојатно би имала силна база во руралните провинции и во провинциите кои ги контролираат сојузниците на Зума. Доколку Зума успее да освои голем број гласови на изборите во 2019 година, тој и неговите приврзаници би можеле да ги блокираат напорите да му се суди за корупција нему и на неговите сојузници.
Рамафоза ќе мора да покаже дека е сериозен и со одобрување на обвиненија против водечките функционери на АНЦ вмешани во корупција, вклучително и Зума.
Тој исто така ќе мора да им застане на патот на корупцијата и неефикасноста во големите државни компании. Тоа ќе значи отпуштање на сите сојузници на Зума од раководствата на компаниите и внесување свежа крв, што повторно би можело да го поткопа неговиот обид да обезбеди единство во АНЦ.
Враќање на довербата
Јужноафриканската економија влезе во рецесија во првиот квартал минатата година, откако глобалните рејтинг агенции го спуштија нејзиниот рејтинг на најдолно ниво, а невработеноста достигна 30 проценти- највисоко ниво од крајот на апартхејдот.
Рамафоза веројатно ќе се обиде да изгради партнерство меѓу владата, бизнисот и синдикатите во кое секој одделно ќе се согласи на минимум обврски за да се врати довербата кај инвеститорите.
Рамафоза вети дека ќе ја врати довербата на народот во државните институции и да го врати кредибилитетот на оние кои служат во тие институции. Иако Рамафоза ќе сака да стави свои луѓе во новиот кабинет, веројатно ќе мора да задржи дел од лојалистите на Зума за да го одржи партиското единство.
Рамафоза е најискусниот политички фиксер на АНЦ и на Јужна Африка. Тој се справуваше со некои од најтешките кризи уште во времето на апартхејдот како лидер на синдикатот на рударите, а потоа и во демократизацијата на Јужна Африка во преговорите со Националистичката партија, а учествуваше и во изработката на новиот устав на земјата.
Тој е првиот лидер на АНЦ, кој не ја градел својата кариера преку партијата, туку се борел чекор по чекор за да стигне до високи позиции. Тој е првиот лидер на АНЦ кој има искуство во раководење со организации надвор од политиката. Сепак, Рамафоза ќе мора да го искористи својот целосен интелектуален капацитет и искуство за да обезбеди единство во АНЦ, да ги врати разочараните поддржувачи, да ја подобри довербата на јавноста и инвеститорите, да ја подигне економијата и да се справи со корупцијата. На хартија, тој е вистинскиот човек за вистинската функција во вистинско време.
Вилијам Гумеде е претседател на фондацијата „Демокраси Воркс“ и автор на книгата Немирна нација: разбирање на немирните времиња.