„Југосите“ - специфичен европски феномен
6 март 2009Кога во средината на шеесетите години од минатиот век гастарбајтерите од подрачјето на поранешна Југославија засилено започнаа да доаѓаат во Германија, за нив беше пронајден називот „југоси“. Во меѓувреме таа земја веќе ја нема, а стотици илјади некогашни „југоси“ денес се Хрвати, Срби, Босанци или Македонци и, по правило, се горди на тоа.
Со ицчезнувањето на државата не исчезнаа сличностите и заедничките нешта на овие луѓе, се’ едно дали станува збор за јазикот, заедничкото културно наследство, гастрономските навики или едноставно балканскиот менталитет. Неодамна во Берлин беше објавена книгата „Екс-југос, помладите мигранти од Југославија во Германија“, во која станува збор токму за оваа специфична група странци.
За Германците постојат само „југоси“
„Моето име е Ридигер Росих, а ова се’ околу мене е црно-бел свет“. Германскиот новинар и музичар на овој начин го започнува разговорот и парафразирајќи го почетокот на легендарната песна „Црно-бјели свет“ од 1980 година на загрепската панк-група „Прљаво казалиште“, веднаш го покажува своето инсајдерско познавање на поранешната југословенска поп и рок сцена.
Во тие осумдесети години години Росих за прв пат летувал во тогашна Југославија и се заљубил во земјата, луѓето и културата. Кога се вратил во Берлин, тој открил дека и во Германија постои силна сцена на доселеници од таа земја на отворен и толерантен социјализам, кои беа нарекувани „југоси“.
Бројни разлики, ама и важни сличности
Како новинар и уредник во весникот „Тагесцајтунг“, Росих често патувал во Југославија - и пред, и по војната. Тој забележува дека иако државата веќе не постои, „југосите“ се и натаму тука, како конструкција на оние кои ги гледаат од страна, имено Германците.
„Од германска перспектива, таа популација и таа гастербајтерска група и натаму постои. Германците не говорат за Хрвати, Босанци, Срби, Македонци, туку говорат за ’југоси‘, и можеби токму тоа е најинтересно за оваа сцена. Имено, повеќето луѓе во мојата книга воопшто не би рекле за себе дека се ’југоси‘, но мнозинството Германци би го рекле тоа за нив“, вели Росих.
Во книгата се говори за доаѓањето на првите гастарбајтери, за бегалците од војните во 90-те години, за оние кои доаѓаат денес заради работа, студирање или за да научат германски јазик. Покрај бројните разлики, кои постојат меѓу нив, Росих препознава и неколку многу важни сличности.
„Пред се’ јазикот, а потоа, се разбира, ракијата, музиката, книжевноста. Кој е Иво Андриќ? Србин? Хрват? Југословен? Или, пак, Меша Селимовиќ...“, отворено се прашува Росих.
Југо-футурист или југо-носталгичар?
Тој југо-феномен претставува еден вид контрапункт на судбината на Германија. Додека овде и 20 години по повторното обединување тешко се премостуваат разликите меѓу источниот и западниот дел на земјата, кои четириесетина години живеаја разделено, Југославија, од друга страна, 40-ина години беше една земја и меѓу луѓето се видливи многу сличности, и покрај новонастанатите поделби.
„Внатре во просторите на поранешна Југославија тие се разликуваат, но штом ќе ја минат унгарската граница, во Будимпешта, Србите, Хрватите и Босанците се заедно. И тоа не важи само за генерациите кои живееја во заедничката држава, туку и за младите“, вели Росих.
Токму тие заеднички нешта, таа блискост, претставува голем потенцијал во Европа, која се повеќе се интегрира, смета Росих. Тоа нема да води кон обновување на заедничката држава, туку кон поголема соработка меѓу сегашните држави, цврсто е уверен Росих. Поради сево ова, тој себеси не се смета за југо-носталгичар, туку за југо-футурист.