Ѕвездените денови на ФК Вардар само во сеќaвање
20 април 2010Драги Сетинов, некогашен истакнат фудбалер на Вардар, денес е во својство на спортски директор. Вака ја опишува моментната состојба во Вардар. „Во овој момент клубот се наоѓа во најголемата криза од своето постоење. Мислам дека десетина години наназад Вардар тоне се подлабоко и подлабоко и во моментов го допре дното.“
Методија Спасовски е едно од легендарните вардарови имиња. Тој е во спортска пензија, но тешко ги доживува случувањата во Вардар. „Многу ми е жал! Зошто Вардар се доведе во ваква ситуација, има повеќе причини. Една од нив е лошата организација. Полека си заминуваа сите спонзори, кои можеа да му помогнат на Вардар.“
Сурова реалност
Раководни луѓе со краток здив, спонзори со недоволни вложувања, задолженост, која е се’ поголема, одлив на најдобрите фудбалери... тоа е вардаровата сурова стварност во подолг период. Драги Сетинов образложува: „Вардар нема свои канцеларии, Вардар нема свои соблекувални, помошно игралиште, Вардар едноставно е во колапс.“
А, како беше некогаш? Спасовски вели дека нема споредба. „Мислам дека компарации не можат да се прават! Вардар порано имаше многу силна организираност. Градот стоеше зад Вардар. Имаше големи ентузијасти кои работеа во Вардар. Тие на клубот гледаа како на свое чедо. Беа загрижени за обичен пораз, да не зборуваме за ситуација за опстанок во лигата.“
Затоа Вардар беше шампион на поранешна Југославија, играше во Купот на шампионите и во Купот на УЕФА. Но, тоа се минати времиња, за кои можеме само да жалиме и да се сеќаваме на полните стадиони. Големо беше задоволството да се дојде на стадион и да се гледа Вардар.
Неуспешни иницијативи за спас на Вардар
Во изминатите години имаше повеќе иницијативи за спас на Вардар. Ниту една не успеа. Во една од тие беше вклучен и Спасовски заедно со повеќемина други истакнати вардарови имиња. „Штета е што таа акција не беше реализирана. Според мене вината е и кај навивачите Комити, кои на некој начин бараа премногу од клубот, па наместо да му помогнат му одмогнаа. Не би сакал да ги обвинам, тие го сакаат Вардар, но мислам дека навивачите беа заведени од ’покрупни риби’, им послужија на луѓе кои во Вардар гледаа свој профит.“
Во моментов Вардар е под патронат на две фирми: на „Мода и спорт“ на Јордан Камчев и „ЏН менаџмент“ на Јовица Николовски. Тимот е засилен со повеќемина играчи на Македонија Ѓорче Петров, клуб кој поради бојкот предизвикан од познатите превирања е дисквалификуван од Првата лига. Вардар е седми во лигата со 10 клубови, се бори за опстанок.
Нашите соговорници не гледаат во догледно време излез од тунелот во се наоѓа Вардар.
Автор: Златко Калински
Редактор: Александра Трајковска