1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓул очекува укинување на блокадата на Твитер

АТ/ афпе/апе/дпа23 март 2014

Турскиот претседател Абдула Ѓул, кој од време на време се обраќа до јавноста преку Твитер, смета дека наскоро ќе биде укината блокадата за оваа платформа во Турција. Имено тоа било несоодветно за една развиена земја.

https://p.dw.com/p/1BUYm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со оглед на жестоката критика и сарказмот во земјата и во странство за цензурата на интернетот, шефот на турската држава смета дека неговата земја се наоѓа во чувствителна ситуација. Блокадата на социјалната мрежа Твитер наскоро ќе биде укината од страна на владата, беше уверен Абдула Ѓул пред новинарите во Анкара.

Правно не било можно да се затвораат интернетот или такви платформи (како Твитер), појасни тој уште еднаш пред да замине на самитот за атомска енергија во Холандија: „Уверен сум дека овој проблем наскоро ќе биде решен“, изјави претседателот и дополни: „Ова се разбира е непријатна ситуација за една развиена земја како Турција, која има тежина во регионот и која преговара (за пристап) со Европската унија.“

Ѓул потврди дека американскиот онлајн-гигант Твитер ангажирал адвокат во Турција, за да започне преговори со властите. Тој лично веќе јавно се произнесе против блокадата на Твитер од страна на неговиот исламско-конзервативен партиски пријател, премиерот Реџеп Таип Ердоган и притоа го користеше токму сервисот на Твитер.

Der türkische Präsident Abdullah Gül
Турскиот претседател Абдула ЃулФотографија: A.Kisbenede/AFP/GettyImages

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ја означи блокадата на Твитер во Турција како проблем за преговорите за пристап на земјата со ЕУ. „За слободата на изразување и за правната држава не може да се преговара“, рече Шулц. Секоја земја која сака да пристапи во ЕУ би морала да ги гарантира двете работи.

Интернетот како оружје против корупцијата

Владата во Анкара под раководство на Ердоган ја бранеше забраната како „превентивна“ мерка. Твитер бил злоупотребуван како „средство за систематско нанесување штета на угледот“, со тоа што преку платформата биле ширени „нелегално стекнати снимки“ и „фалсификувани исечоци од прислушкувани телефонски разговори“. Блокадата воведена ноќта кон петокот (21.03.) беше реакција на сѐ повеќе обелоденувања на интернет за корупциски скандали на министри и лица од опкружувањето на премиерот и растечкото незадоволство за тоа.

Официјално блокадата се образложи со тоа што концернот се противел да ги избрише прилозите на кои приговарале турските судови.