Ѓубрење на нивите преку интернет?
18 јули 2011Малиот октокоптер може да лета на висина до двесте метри. Опремен е со специјална камера, која прави снимки секои две секунди. За еден час тоа се вкупно две илјади фотографии. На нив се гледа во каква состојба се наоѓаат полињата, дали посевите добро се развиваат, каде недостасува ѓубриво. На тој начин земјоделците точно знаат каде и уште колку треба да наѓубрат.
Земјоделскиот инженер Лудвиг Шренк вели дека така можат да се заштедат и до десет илјади евра годишно. Освен тоа, и околината помалку се загадува. „Не мораме секаде подеднакво да наѓубруваме и без потреба да ги загадуваме подземната вода и реките. Се наѓубрува само онаму, каде што има потреба од тоа“, нагласува Шенк.
Уште за време на акцијата снимените фотографии од октокоптерот компјутерски се обработуваат и преку интернет се програмира наѓубрувањето на нивите.
Технологија што многу ветува
Постапката е развиена на универзитетот во Росток. Управувањето со целиот систем се` уште е релативно комплицирано. Затоа научниците напорно работат на негово усовршување. Нивна цел е земјоделците да можат сами да го купат системот за надгледување на нивите и да управуваат со него. Вкупната цена изнесува шест илјади евра, што го прави октокоптерот многу поевтин, отколку користењето сателит или авион.
Герез Гренцдерфер од универзитетот Росток истакнува: „Ние сме првите што го нудат овој систем во Германија и Европа. Инаку тој веќе масовно се користи во Австралија, САД и Јужна Америка, каде површините се навистина огромни.“
Новата технологија навистина многу ветува. За жал, во моментов е исплатлива само за големите земјоделски претпријатија и фарми.
Автор: Хаген Тобер/ Бисера Огњановска Митров
Редактор: Александра Трајковска