Што ќе биде важно во надворешната политика на САД во 2020.?
25 декември 2019Импичментот и наредната година ќе ги преокупира и американскиот претседател Доналд Трамп и целата политичка елита. Но, 2020 година и на надворешнополитичко ниво ќе биде напната година за САД. Трамп сака пред изборите, во секој случај, да постигне уште успеси за да ги придобие симпатиите од неодлучните избирачи. Ова е преглед на некои партнери (и противници) кои ќе ја одредат надворешната политика на САД во 2020 година.
Русија: Страв од можни изборни манипулации
Тоа што Москва во 2016 година се вмеша во изборната кампања во САД, повторно беше на тапет за време на сослушувањето во процесот за импичментот - исто како и конфликтот меѓу Русија и Украина. Со овие две теми ќе биде засегната владата и наредната година. „Има голема загриженост и во владата и во конгресот дека мешањето на Русија во изборите во 2016 година нема да биде единствен случај“, анализира Марк Симаковски од тинк-тенкот „Атлантик Кансл“ во интервју за ДВ. „Дури можеби и Москва ќе остане воздржана, ако бидат добри изгледите за Трамп. Бидејќи, тој е нејзин фаворит.“
Тоа е обострано, смета Симаковски, бидејќи Трамп го цени претседателот Путин. Но, во последно време е воздржан, бидејќи врските меѓу Вашингтон и Москва поради процесот за импичментот се исполитизирани. „Тој Русија не ја гледа како закана и во тој смисол не се согласува со своите советници за безбедност“, вели овој експерт за Русија. Втора тема ќе бидат санкциите кои се воведени за Русија поради интервенциите во конфликтот во Украина. Конгресот сака да ги заостри, Трамп да ги ублажи. „Да се ублажат санкциите без ништо вистински да се промени, би имало негативни последици за американската политика во тој регион“, смета Симаковски.
Кина: Се заканува ли трговска војна?
Втората голема нација, која во 2020 година ќе биде на самиот врв на агендата на Трамп е - Кина. Уште од 2018 година Пекинг и Вашингтон се во трговски спор. Народната републија, според САД, со ниските плати на вработените и со трговската пракса им штети на американските компании.
Двете нации меѓусебно ги зголемија казнените царини на продуктите - во вредност која во меѓувреме изнесува повеќе стотици милијарди долари. Американската влада во ноември 2019 година најави важни приближувања во разговорите со Кина во врска со трговскиот договор. Но, откако САД воведоа нови закони со кои се поддржува демократското движење во Хонгконг, Кина се заканува со консеквенции. Така сега договорот е на мраз. Тоа е критично за Трамп со оглед на тоа дека му е неопходна поддршката од селаните од средниот запад за да ги добие изборите. А, токму тие ги трпат последиците од царините кои за време на овој спор ги воведе Кина на нивните производи. Можеби поради тоа американските лидери во декември ја променија насоката на преговорите и најавија прв нацрт за трговски договор. САД се подготвени да ги редуцираат царините на кинеска стока за 375 милијарди долари. Изледа дека игрите со економската сила Кина уште долго нема да бидат завршени.
Авганистан: Цел е да се повлечат трупите
Американската влада на почетокот на декември започна преговори со талибанците. Овие паравоени сили би требало да го положат оружјето и да објават подготвеност за преговори со Владата на Авганистан. САД се надеваат дека безбедносната ситуација во Авганистан на тој начин ќе се подобри, а тие би можеле, освен еден мал контигент, да ги повлечат своите трупи од земјата. „Има голем притисок од јавноста и од Конгресот што е можно побрзо да се повлечат трупите од Авганистан“, смета Марвин Вајнбаум, од тинк-тенкот „Мидл ист институт“ во разговорот за ДВ. Трамп од почетокот на својот мандат работи на тоа драстично да го намали бројот американски војници на Хиндукуш. Особено би му било важно да постигне еден таков успех наредната година. „Не знаеме колку точно би траело повлекувањето, но мислам дека најголемиот број војници би морал да биде повлечен (од Авганстан) пред изборите, смета Вајнбаум.
Северна Кореја: речиси без напредок
Еден ден Трамп и севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун го слават нивното политичко пријателство, а веќе наредниот разменуваат навреди и закани. „Со овој состанок САД направија таква глупост што ќе им се врати како бумеранг“, соопштија од Министерството за надворешни работи на Северна Кореја во среднината на декември, откако САД во Советот за безбедност на ОН остро ги критикуваат ракетните проби на Северна Кореја. Затегнатоста ќе продолжи и наредната година. Трамп во повеќе наврати се сретнуваше со Ким со надеж дека Северна Кореја ќе ја запре својата атомска програма. Но, на тој пат САД и наредната година ќе се соочуваат со препреки. Пјонгјанг даде рок до крајот на 2019 година американската влада да покаже поголема флексибилност, инаку ќе се „тргне по нов пат“.