„Таинствените води“ на Охридското Езеро
27 јуни 2015Охридското Езеро, најстарото во Европа во своите сини длабочини крие многу тајни. За дел од нив се знаело, а други се откриваат постепено. Јавноста од двата брега на езерото, од македонска и албанска страна, со интерес го следеше подвигот на охридскиот меѓународен нуркачки инструктор Милутин Секулоски, кој неодамна со нуркање помина 80 километри - целото крајбрежје и сподели нови сознанија кои се документирани за научни цели, а ќе бидат дел и од документарен филм.
Англиски авион и брод – влекач, што друго крие езерото?!
Кај Поградец Секулоски ги направи првите фотографии од авион кој паднал во езерските води за време на Втората светска војна. ,,Приказната за авионот датира одамна, ние не го откривме, бидејќи се знаеше дека во езерото има остатоци од летало. Во Албанија кажуваа дека тој е германски, но потврдувам дека се работи за англиски авион, вели Секулоски.“ На околу 400 метри од брегот кај Струга потврдени се сознанијата стари половина век дека езерото „крие“ потонат брод. „Документиравме брод-влекач и неколку корита- чамци со кои најверојатно за време на Првата светска војна со нив се вршела трговија.“ По „Заливот на коските“ кај Градиште трајно се документирани праисториските населби Надол кај Трпејца, Врбник - Струга и Букезе во Албанија-населба која до сега воопшто не била документирана. „Слушнав уште приказни за потонати пловни објекти, но тие најверојатно се на поголема длабочина. Секако дека ќе бараме начин со друг пообемен проект да продолжиме со пребарување на подлабоки локации“, додава Секулоски. Скоро две децении пред документирањето на овие пронајдоци, нив во својот роман за деца и млади „Таинствени води“ ги навести познатиот писател Видое Видически од Охрид. Напишаното за тајните на длабочините сега излегува на површина.
Сараиште – подводно депо на оружје
Од 2007 година во три наврати Нуркачкиот клуб „Амфора“ во соработка со Завод и Музеј од Охрид спроведоа проект за подводни истражувања и вадење на старо оружје од езерото. Во музејското депо конзервација очекуваат над 100 најразлични видови пушки и друг вид оружје и предмети. „Досега имаме пронајдено пушки и кубури од крајот на 18 и почетокот на 19 век кои припаѓале на османлиската војска. Има бајонети и шлемови од Првата и Втората светска војна и два минофрлачи,“ вели Секулоски кој не ги открива точните локации од каде е извадено оружјето за тоа да не биде поттик за дивите трагачи да стигнат по ова скриено богатство. Дел од пронајденото веќе е во музејските витрини, а дел ќе биде презентирано наскоро, потврдува историчарот – кустос Горан Митрески од Заводот и Музеј во Охрид.
Француски коњак и злато се верува дека е се’ уште скриено на Галичица
Во периодот од 1908 до 1918 година Македонија е во ср‘жта на интересот на големите сили и не случајно војни се водат на најинтересните географски места, посебно во Охрид и неговата околина, вели историчарот Павле Митрески: „На потегот од Трпејца кон Свети Наум минувал македонскиот фронт, некои го викаат Солунски фронт. Тоа е периодот од Првата светска војна и судирот на две големи воени сили. Од една страна Австро - Унгарија и Германија и од друга страна Франција, Русија и Англија. На планината Галичица минувал фронтот. И денес се прераскажуваат приказни кои одат во стилот ’верувале или не’ дека француските војници при повлекувањето криеле цели буриња коњак, а останатите војски закопувале и злато. Оттука на Галичица со години на ред се појавуваат диви копачи кои трагаат по златото и коњакот. Но никој јавно не кажал дека нешто и навистина пронашол.“ Според Митрески, парите кои биле собирани по бројните грабежи на населението при повлекувањето окупаторските војски, не можејќи да ги носат со себе, ги закопувале особено во црковните имоти крај езерото, сметајќи дека поради побожноста, населението нема да се осуди таму да трага, па тие еден ден ќе се вратат по него.
Семејни богатства и мноштво документи со векови „лежат“ на дното на езерото
Томислав Тунтев, автор на романот „Светиот завет“, дело кое одгатнува многу тајни поврзани со историјата на Охрид вели: „Повеќе од 8 илјади години луѓето што живеат тука ги врзуваат своите животни судбини со езерото. Рибарски тегови, фрагменти од бокали и други метални садови, железни врвови од копја, орудија и предмети за украс, делови од накит, обетки, керамички садови - се само мал дел од пронајдените или лоцираните археолошки артефакти“. Според Тунтев со езерото е поврзана и местоположбата на голем број цркви и манастири, чии карактеристични инфраструктурни елементи образувале тајни, скриени и митски геометриски форми и симболи. „Дното на Охридското Езеро со години претставувало најсигурниот и најбезбедниот ’природен сеф’ за чување на моштите на Патронот и заштитникот на градот, Св. Климент Охридски. Се верува дека во езерото има семејни богатства, накит, црковни крстови, обредни садови, пехари, книги, тајни документи, жезла, круни. Дури и споменикот на кралот на југословенското кралство, Александар Караѓорѓевиќ, кој бил подигнат помеѓу двете светски војни на охридскиот плоштад и во 1943 година бил фрлен во езерото и денес се наоѓа негде на езерското дно“, вели Тунтев.
Сите се согласни дека приказните и претпоставките заедно со материјалните докази треба да се основа на еден нов музеј во Охрид, кој по својата необичност би бил интересен за туристите и патоказ интердисциплинарно во иднина да се проучува езерото.