1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шојбле заминува, но дури и Грција не е рамнодушна

Јанис Пападимитриу
10 октомври 2017

Германскиот министер за финансии за Грците е симбол на промашена политика на штедење. По осум години, Фолфганг Шојбле се повлекува од функцијата, но во Атина речиси и да нема славје, коментира Јанис Пападимитриу.

https://p.dw.com/p/2lYdk
Griechenland, Zeitung karikiert Wolfgang Schäuble
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Коментарот на грчките владини претставници по секоја средба на министрите за финансии од Еврозоната од 2015 е речиси стереотипен: „Одредени конзервативни кругови" во Европа сакаат Грција да ја напушти европската валута и да ги врати драхмите. Но, разбирливо тие ќе се борат против тоа, гласи цврстото убедување.

Но, кој им припаѓа на тие „кругови“, кои постојано се споменуваат конспиративно, но никогаш не се конкретно дефинирани и именувани? Од грчка страна еден е сигурен: Волфганг Шојбле, долгогодишен германски министер за финансии и тврдокорен застапник на здрава финансиска политика.

Човекот кој предложи Грексит

Грчките медиуми постојано потсетуваат на средбата во Вроцлав во 2011 година меѓу Шојбле и неговиот тогашен грчки колега Евангелос Венизелос. Германскиот министер во таа прилика отворено предложи повлекување на Грција од еврото по пат на заеднички договор и предложи план за имплементација. Венизелос беше шокиран. Не само поради тоа што се отвори несаканата табу тема Грексит, туку и поради фактот дека предлогот од Берлин беше подготвен до последен детал што во суштина носи една јасна порака: „Ние ова го мислиме сериозно!" Од овој момент Грците го сметаат Шојбле за мрачната сила која стои зад потенцијалната опасност од Грексит.

При тоа е погрешно сфатено, дека Шојбле мисли во стратешки димензии и неговите предлози се со конкретна политичка цел, и се остваруваат – дури и кога веројатно не сите се воодушевени од тоа.

Jannis Papadimitriou für App PROVISORISCH
Јанис Пападимитриу

Ќе беше добро ако од Атина дојдеа контрапредлози на идеите на Шојбле, или во најдобар случај и конкретни економски концепти. Тогаш грчката влада ќе можеше да ја координира дебатата којашто секако се случува – со или без Грција. Но, за жал во оваа земја персонификацијата на политиката, надвор од важните теми, има долга и неславна традиција.

Како болниот што се надева на чудесен лек, така често гласачите во Грција се врзуваат за „спасители“ кои им ветуваат „розева иднина".  Тие често ја казнуваат новоизбраната влада, бидејќи ѝ ја припишуваат целосната одговорност за политичките и меѓународните прилики.

Особено радо надвор се барат сите негативци и лоши луѓе, кои наводно коваат заговор против Грција. Под вакви околности не е чудо што еден министер за финансии од Берлин се смета за дежурен виновник за долгогодишната финансиска мизерија во која се наоѓа земјата.

Загриженост од иден либерален министер за финансии

Но, на повидок нема решенија за проблемите. Или сепак има? Дали ќе биде подобро со новиот министер за финансии од Берлин? За време на последната посета во Грција, првиот човек на еврогрупата Јерон Дејселблум сакаше да ги расчисти вавите недоразбирања: „Волфганг Шојбле не е ниту за, ниту против Грција, туку тој верува во Европа," појасни овој социјалдемократ во интервју за атинскиот весник „Катимерини“. И додаде недвосмислено: „Поради тоа тој секогаш се залага да се спроведе она што е договорено." Со Кристијан Линднер или Херман Ото Солм, може да се очекува дека со минстерството за финанансии ќе раководи економски полиберален министер што може ова барање уште појасно да го формулира од Шојбле или Дејселблум.

Дури и левонастроените политичари во Грција се чини дека претчувствуваат исто. Повремено даваат и изјави кои пред неколку месеци беа незамисливи. Така Стелиос Кулоглу, европарламентарец од атинската владејачка партија Сириза изјави: „Веројатно ќе дојде време кога ќе го бараме Шојбле назад".