Шолц кај Путин - засега војната е избегната
16 февруари 2022Уште пред авионот на германскиот канцелар Олаф Шолц да слета во Берлин на враќање од Москва, од Киев стигна веста: украинското Министерство за одбрана и две најважни банки во земјата се жртви на сајбер напад. Сомнежот паѓа врз Русија. Арсеналот на сајбер оружје на Русија е многустран и не секогаш суптилен. И шефот на Кремљ, Владимир Путин, покажа многустраност, но од принцип, тој не е суптилен.
Добрата вест е: се чини дека воена инвазија на Русија врз Украина засега нема да има. Путин напротив јасно ја изрази својата желба за дијалог. Дипломатски позитивен бод за Олаф Шолц. Но, ако напредувањето во конфликтот можеме да го споредиме со полжав, мирот со Русија е лавиринт во кој таа живее. Од својата посета на Киев ден претходно, Шолц на Путин му донесе мал дипломатски успех: ветување од украинскиот претседател Володимир Зеленски прв да направи дипломатски чекор и да предложи три законски решенија, кои одамна требаше да бидат готови и спаѓаат во обврските од Минскиот процес.
Но Путин тоа не го интересираше. Иако тој често аргументира цврсто држејќи се до ситници, овој напредок, со кој украинскиот претседател на домашен план влезе во поприличен ризик, Путин го игнорираше. Тој беше насочен на друга страна. Кон историјата, која Западот премногу често ја смета за минато, а во која Путин гледа своја мисија. Може да се разговара, но НАТО пред 30 години кажа дека нема веќе да се проширува, а се случи спротивното. Фактички, не постеше воопшто ваква гаранција, но впечатокот на Путин, неговите алтернативни факти се она што го прави конфликтот толку опасен.
„Клета должност"
Олаф Шолц призна дека за многу прашања постојат разијдувања. Но, „наша клета должност е да се залагаме за мир“, апелираше канцеларот до Путин, а на некој начи и до себе си. Русија „се разбира исто така“ не сака војна, одговори Путин на прашањето дали ќе има војна или мир. Меѓутоа, него го мачи грижата дека „секој процес на разговори може многу да се развлекува". А тоа нема да се дозволи. Тоа звучеше како разговори со наполнето оружје на масата.
Шолц и неговите пратнери во НАТО и во ЕУ не сакаат во никој случај да дозволат поделување на Европа во зони на влијанија, слично на она од Студената војна. Од тоа профитира пред сѐ Украина, одамна поделена на сфери на влијанија од страна на олигарсите. Тие во неделата со 30 изнајмени авиони со своите кланови ја напуштија земјата.
И што сега? Битката за Украина, дипломатската квадратура на кругот, допрва се засилува. Не станува збор за ништо помалку отколку нова европска безбедносна архитектура, во која ниту НАТО, а ни Русија не сакаат да го загубат образот. Оптимистичка цел, која и од германската влада на чие чело е Олаф Шолц, уште многу ќе изискува.