1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шок со најава

Марсел Фирстенау / превод: ЕМФ5 септември 2016

Сите знаеја каков ќе биде исходот. Успехот на АфД во Мекленбург Предна Померанија можеше да се предвиди, исто како и загубите на етаблираните партии. Губитниците треба да реагираат суверено, оценува Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/1Jvjd
Фотографија: Reuters/S. Loos

Во време на постојани истражувања на јавното мислење, речиси и не останува простор за големи изненадувања или сензации. Со месеци беше јасно дека партијата Алтернатива за Германија, основана од протест во 2013 година, ќе има успех. Таму каде што од 2006 во парламентот свои претставници има десноекстремната НПД, а која сега не успеа да го мине цензусот. Тоа е добра вест, затоа што сега во ниту еден од покраинските или во сојузниот парламент нема вистински нацисти.

Тоа што сега на нивното место како претставници на народот на опозиционитек лупи седат десни популисти, за многумина е слаба, односно никаква утеха. Но, колку и да е оправдана критиката поради сеењето страв од АфД, не би било фер и би било израз на беспомошност таа да се става во ист лонец со НПД. Меѓу популизмот и екстремизмот сепак има неколку разлики.

Несуштински дебати ѝ се од полза само на АфД

Точно е дека новите десничари реторички се движат на работ на расизам, а понекогаш и го пречекоруваат тој праг. За тоа мора и ќе бидат запрени и опоменати. Тоа понекогаш предизвикува спорови дури и во сопствените редови. Тоа беше случај во Баден Виртемберг, каде пратеничката група се подели по антисемтистичките испади на еден пратеник.

Фактот што АфД и покрај внатрешните судири и огорчените борби за моќ и натаму едри на бранот на успехот, ги вознемирува пред сѐ етаблираните партии. Тие од тоа не би требало да извлекуваат заклучоци и на АфД да ѝ оставаат да доминира кога станува збор за теми како бегалци и ислам. Но, токму тоа се случува, особено кога партиите на Унијата бараат ставање крај на двојното државјанство или забрана за носење бурка. Такви провидни маневри непосредно пред избори му се од полза само на политичкиот противник. Тој восхитено кликнува дека другите ги прифаќаат позициите на АфД.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

Хаосот во Берлин остави траги

Точно е дека ЦДУ, СПД, Зелените, Левицата и ФДП во Мекленбург Предна Померанија имаа загубени позиции, на ваков или онаков начин. Атмосферата, една година по почетокот на бегалската криза - која претставува и шанса - сѐ уште е премногу жешка за да може да се води помирлива општествена дебата. За тоа вина имаат и протагонистите кои владеат во Берлин, како и иритаторот од Минхен: канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ), вицеканцеларот Зигмар Габриел (СПД) и баварскиот премиер Хорст Зехофер (ЦСУ). Нивниот постојан судир околу вистинското решение во една историски исклучителна ситуација, кај населението со право е сфатен како неодговорна лидерска слабост.

Каде води тоа е познато: неизлегување на избори или гласање од протест. Во Мекленбург Предна Померанија одзивот на изборите беше одвај нешто над 50%. Овојпат околу 60% од избирачите излегоа на гласање. Очигледно е дека АфД го исцрпе оптимално резервоарот на незадоволство. Ако другите партии сакаат да го запрат високиот лет на новајлијата, би морале веднаш да ја променат својата стратегија. Треба да се наведат јасно слабостите и дрскоста на АфД, тука нема дилема. Но, треба и да се нагласат сопствените силни страни - самоуверено и офанзивно.

За една година може многу да се случи

До изборите за Бундестагот 2017 има уште една година. Што сѐ е можно да се случи во овој период, покажа подемот на АфД. Дека партијата исто толку бргу може да потоне е исклучено, веќе поради самиот факт дека сега е застапена во девет од 16 покраински парламенти. Останатите партии ќе треба да се подготват за една упорна, непријатна и постојано невкусна опозиција. Тотална изолација би бил погрешен пат. Довербата би можела да се врати со веродостојна политика, која на долги патеки е поуверлива отколку чистиот „анти“-став на десните популисти.

За тоа, на две недели пред покраинските избори во Берлин, се залага и евангелистичкиот бискуп Маркус Дреге. Тој во едно интервју за „Тагесшпигел“ се заложи за суштинска полемика, со факти, „иако тоа на политичарите тешко им паѓа, зашто тие многу 'играат' на емоции“. Односот кон АфД е многу повеќе од прашање на вера и надеж. Мора да се има и трпение.