Шест нови случаи на коронавирус, угостителите под клуч
14 март 2020Пет нови случаи на Ковид-19 се регистрирани во Дебар и еден на аеродромот во Скопје, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Владата одлучи да ги заостри мерките за заштита од коронавирусот со одлука за затворање на поголемиот дел од граничните премини, аеродромот во Охрид, како и трговските центри и угостителските објекти. Владата формира главен кординативен кризен штаб кој ќе го предводи техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Вкупниот број на заболени од коронавирус во Северна Македонија со тоа се искачи на 18 луѓе од кои најголемиот дел се во изолираниот кризен регион во Дебар.
„Од тестирани 12 лица шест беа позитивни на коронавирус“, изјави Филипче на прес-конференција во владата.
Повеќе на темата:
Заболената пациентка која стигнала синоќа со лет од Барселона, била свесна дека има покачена температура и патувала со маска и ракавици, а потоа самата се пријавила кај надлежните органи. Останатите 51 патник во авионот се упатени на домашна изолација.
Од утре од земјава ќе се излегува и ќе се влегува само преку граничните премини Табановце, Деве Баир, Богородица и Блаце, како и аеродромот во Скопје. Се затвораат сите други гранични премини, како и аеродромот во Охрид. Се проширува и листата со забрана за влез на странски државјани во земјата која досега опфаќаше само земји со висок ризик. Таа отсега ќе ги опфаќа и лицата кои доаѓаат од земји со среден ризик соласно листа на Светската здравствена организација.
Од утре, недела 15.03.2020, се затвораат сите продавници во молови освен супермаркети, продавници за храна и аптеки. Забраната за работа целосно ќе важи за кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници.
„Сите останати правни лица можат да работат алтернативно преку интернет и да вршат достава“.
„Седење дома го чува јавното здравје и се става рампа на ширењето на овој вирус“, рече Филипче дополнувајќи дека е добро што има само едно место на локална трансмисија на коронавирусот, во Дебар.