Шарени јајца - преку цела година
15 април 2017Јустина Затуска со молскавична брзина ги сортира јајцата врз палетите. Ниедно не и‘ паѓа на брзата пакерка од раце. Полската сезонска работничка веќе четврта година работи во фабриката за боење јајца, сопственост на Удо Баумајстер во Брекерфелд. Претпријатието пред Велигден вари, обојува и пакува до 600.000 јајца дневно. Шарени јајца, во различни бои: црвени, сини, зелени, портокалови, розови па дури и во златна боја.
„Шарката виножито е најомилената“, ни открива Фолкер Ригенберг. Т.н. мајстор за бои овде е од пред 35 години. Пред него белите јајца исчезнуваат во машината за на другата страна да се појават како обоени. Шприцевите испуштаат различни бои за да постигнат соодветни шари. „Ги употребуваме истите ’пиштоли’ кои се користат и при лакирањето автомобили“, објаснува Ригенберг: „само што овде користиме лак за прехранбени производи.“
Ригенберг е веќе пензионер, но во временските шпицеви доаѓа да помогне. Еден месец пред Велигден погоните работата во три смени, а Баумајстер ангажира сезонски работници, дневно и до 60 луѓе. Со тоа ова претпријатие спаѓа меѓу најголемите во браншата.
Развивање на бизнисот
Пред повеќе од 40 години, таткото на денешниот сопственик на фирмата почнал да работи со бои и заедно со машинопроизводителот Бергмајер ја создале првата машина за оваа намена. Дотогаш луѓето сами ги боеле јајцата дома или ги потопувале во садови со хемиски или растителни екстракти. Баумајстер сениор презентирал обоени јајца пред стоковната куќа во Хаген, соседниот поголем град. „Така се развил бизнисот“, вели неговиот син Удо.
Според Здружението германски јајца, постојат 10 поголеми и 20 помали фабрики за боење јајца во Германија, при што и некои други претендираат на титулата најстари во браншата. Ниедна од средноголемите фирми не може да живее само од оваа работа: тие одгледуваат сопствени кокошки, имаат погони за пакување или произведуваат тестенини и слично. Боење на јајца се врши и во Австрија, Швајцарија и Холандија. Одвреме-навреме Баумајстер добива порачки и од Бугарија, од азиските земји или дури и од Абу Даби. „Странците се одушевени, но не можат да го пренесат ова и кај нив, зашто не постои таква традиција, па нема ни пазар“, смета тој.
Црно-црвено-златни јајца за Европското фудбалско првенство
Од другастрана, германскиот пазар во меѓувреме „се откачи“ од обичајот: по празникот Велигден Баумајстер продолжува со боењето јајца, навистина само во една смена, но преку целата година. Поводи има доволно: карневал, натпревари на германската фудбалска лига, деловни прослави, партиски собири. Со помош на модерната техника за шприцање, јајцата може да се обојат во соодветен дизајн. Само за Европското фудбалско првенство Баумајстер ќе украси стотици илјади, ако не и милиони јајца со црно-црвено-златни пруги или во „фудбалски дизајн“ со црни петтоаголници врз бела основа.
Германците радо лупат понекое шарено јајце преку цела година. Имено, сосем практично е наместо човек сам да вари јајца, да купи готови варени. Секое 18 продадено јајце во Германија, значи 474 милиони, во 2015 година, било обоено, констатира Маркт инфо. Притоа, бојата не и‘ служи само на традицијата или на естетиката: таа ги запечатува порите и ја продолжува употребливоста за повеќе недели.
Жиг за квалитет за шарените јајца
За обојување се погодни само перфектните јајца со цврста и мазна површина. Процесот е непогоден за кршливите јајца: прво тие 20 минути се тркалаат низ врела пареа, зашто загревањето спречува пукање на лушпата. Потоа јајцата поминуваат низ зовриена вода. Сензорите сигнализираат аларм при пад на температирата за 2 степена Целзиусови или ако нивото на водата падне за половина сантиметар.
Валјаци за боење има практично секое претпријатие. Јајцата се движат преку подвижните, со боја натопени прачки и добиваат типична мермерна шарка. Машината за лакирање со шприц-пиштоли е веќе нешто посебно, таа може да произведе повеќе мустри.
Критичарите се сомневаат дека зад индустриското боење јајца се крие метода за на потрошувачите да им се подметнат јајца од кокошки кои се чуваат во тесно збиени кафези, зашто со бојата исчезнува задолжителниот жиг со кој се идентификува потеклото на јајцето. Жигот на Здружението за контролирани алтернативни форми на одгледување животни КАТ гарантира потекло на јајцата од живина одгледувана на земја, во слободен простор или биолошки услови. За оваа цел Организацијата за квалитет на шарените јајца КуБЕ со производителите разработи стандарди, па ознаките за рокот на употреба на боените јајца и составот на боите се ставени на амбалажата.