Чадот од болничките оџаци - тивок „убиец“ на воздухот
27 ноември 2021Болничките оџаци и оваа зима продолжуваат да бидат тивки „убијци“ на воздухот. Облаци чад се издигаат над десетина општи болници и во главниот град Скопје, но и во внатрешноста на земјата, особено во утринските и во попладневните часови, кога забрзано се палат старите и дотраени котли. Мазутот злокобно се извива од оџаците и се шири над населбите каде што се лоцирани болниците, но навлегува и во секој дом, секојдневно земајќи дел од здравјето на граѓаните.
Дека ситуацијата со загадувањето е многу сериозна,покажува енормниот пораст на карциноми во Охрид. „Бројките се огромни, за една година оперираме случаи колку што порано сме имале за десетина години. Речиси секој ден имаме операција на карцином на тестиси, бешика, простата и бубрези“, алармира директорот на болницата, Горан Балев.
Од еколошкото здружение О2 Иницијатива алармираат дека за 5 години се гасифицираа само болници и тоа со големо задоцнување. Место во 2019, гинекологија во Чаир се префрли на гас во септември 2020 година, а општата болница во Струмица дури овој месец.
Директорите на болниците за ДВ велат дека проектите се изготвени и доставени до Министертовото за здравство. Иако надежите биле дека ќе се реши овој горлив пробелм кој се провлекува со години, пандемијата со Ковид-19, ги стави во сенка сите планови за гасификација и за исфрлање на мазутот од употреба. „За решавање на овој проблем се потребни големи вложувања, а ние средства немаме“, велат дел од директорите на болниците за Дојче веле.
Аларм
„Што е со болниците во Битола, Тетово, Прилеп, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Гевгелија, Велес, Штип, Струга, Кичево, Кочани, Негорци? Со Институтот по белодробни заболувања кај децата во Козле, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Капиштец, болницата за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров, психијатриската болница во Бардовци? Да не ги набројуваме здравствените домови. Сите се греат на мазут/нафта/лесно масло, иако Владата вети до 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење“, посетуваат од О2 Иницијатива.
Деновиве на социјалните мрежи беа споделувани видеа од густ час којшто се издигаше од Центарот за рехабилитација во Капиштец - граѓаните постојано испраќаат поплаки дека во зима буквално неможе да се дише, ниту да се отворат прозорците од становите за да се проветри. Слична е ситуацијата и во другите градови, а со проблемот се повеќе се соочува и Охрид, каде во текот на зимските месеци поради густата магла и чадот ниту езерото не може да се види од падините на Галичица.
„Ова е сериозен проблем за Охрид, кој станува исто така многу загаден град. Ние како болница немаме средства за да го решиме проблемот со мазутот, којшто го користиме за затоплување. Да можевме ќе реагиравме веднаш“, вели првиот човек на охридската болница, Горан Балев.
Решение, вели тој, се барало пред пандемијата со ковид, но во последниве две години никој повеќе не ја отвора оваа тема. „Откако се појави ковидот, мајстор не сака да ни дојде во болницата од страв, не можеме сијалици да смениме и чешмите да ги поправиме, а не пак да дојдат работници за посериозни зафати“, вели Балев.
Ветувања
Од Иницијативата О2 укажуваат дека министерот за здравство, Венко Филипче, пред три години изјави дека гасификацијата на општата болница во Куманово е приоритет, но и во 2022 таа ќе се грее на мазут. Болницата уште во 2017 има изготвено проект за гасификација, а изградена е и цевка за довод на гас до болницата. Проблемот со гасификацијаат се најде и во предизборните ветувања на неодамнешните локални избори. Тогаш еден од кандидатите за градоначалник на прес-конференција вети целосна гасификација на оваа јавна институција, потсетувајќи на тој начин дека проектот со години тапка во место.
Општата болница Куманово опслужува повеќе од 200.000 жители од регионот или 10% од вкупната популација во државата, а воедно се грее на мазут и фосилни горива и е еден од поголемите загадувачи.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски за ДВ вели дека општината заедно со јавното претпријатие Куманово Гас испорачале дотур на гас до главната точка на напојување во Опшатата болница во Куманово. „Очекуваме дека Министерството за здравство во соработка со Општата болница Куманово ќе успее да ја адаптира постоечката инсталација и системот за затоплување и да инвестира средства за да преминат на користење на гас и дополнително да се намали загадувањето“, вели Димитриевски.
Тој е дециден дека нивната обврска за дотур на гас е во целост исполнета, но дека е потребно да се направи приклучок на нивно барање кога ќе бидат технички подготвени за тоа.
Парите се главна пречка
Според еколошките здруженија, изминативе години буџетите се движат над 4 милијарди евра, а државата одвоила само 276 илјади евра за болницата во Чаир и 114 илјади евра за болницата во Струмица. За Куманово се потребни околу 200 илјади евра.
Исто толку средства се потребни и за решавање на проблемот со затоплувањето на болницата во Гевгелија. Директорот на болницата, Митко Крџев за ДВ вели дека станува збир за сериозен проблем за кој се бара решение изминативе години. „Јас сум доктор и свесен сум за штетноста на мазутот, но проблем и е самата котрала којашто ја имаме - дотарена е и за неа се потребни често поправки. Се има рок на траење, а таа е сигурно стара веќе 30 или 40 години“, вели тој.
Крџев објаснува дека болницата изготвила проект за поставување на современа котлара со топлотни пумпи, а овој современ систем на греење на струја ќе биде и штедлив и еколошки. Проектот е доставен до Министерството за здравство, а проценките се дека за него ќе бидат потребни 200 илјади евра, со оглед на тоа дека се потребни и градежни зафати. Овие планови биле разгледувани пред почетокот на пандемјата. Изминативе две години буквално се е запрено на овој план.
„Болницата е во градско подрачје, а сите знаеме дека мазутот е еден од најголемите загадувачи. Ако добиеме зелено светло од Министерството за здравство, подготвени сме да го имплементираме поектот“, вели Крџев.
Обемно истражување на меѓународниот Известувачки проект за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) и македонската Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) насловено „Заговор против воздухот или како Македонија остана последна европска депонија“, пред неколку месеци ги посочи корените на загадувањето и раскажа шокантна приказна за увозот на „валкана“ нафта во земјата во бизнис кој носел милионски профити на поединци за сметка на здравјето на граѓаните. Заедничкото истражување на ОЦЦРП, ИРЛ и Investigace.cz откри дека облаците црн чад се производ на отпадно гориво полно со хемикалии кое било извезувано од ЕУ држави и продавано како мазут низ Северна Македонија.
Енергетска ефикасност на болниците
Од Министерството за здравство за ДВ информираат дека како дел од Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, направена е номинација на 28 објекти од здравствениот сектор, во кои ќе се унапредува инфраструктурата. Номинацијата е врз основа на состојбата во којашто се наоѓаат установите и преку рамката за партнерство со Светска банка, ќе се спроведе Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор со целосно нова инфраструктура, односно енергетски ефикасни кровови, фасади, нови прозорци, врати и делумно уредување на внатрешноста, велат надлежните од МЗ.
Во проектот се опфатени Клиниката за физикална медицина во Козле, а овој проект ќе се имплементира и во здравствените домови во Валандово, Кратово, Крива Паланка, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Поликлиника Идадија во Здравствен дом во Скопје, на терциерно ниво Клиниката за психијатрија, во Здравствениот дом во Штип, како и во повеќе здравствени институции, станици коишто се дел од здравствените домови, во село Карбинци, село Пештани, село Белчишта, село Бучин, село Герман, село Ранковце, село Зрновци, село Блатец и село Извор. „Целта е да имама еден дисперзиран систем во којшто што поголем број граѓани ќе добиваат здравствена услуга во осовременети здравствени објекти“, велат од министерството.
Комплетно гасифицирани установи низ државата се Клиничкиот Центар Мајка Тереза, ГОБ 8 Септември, ГАК во Чаир, Здравствен дом „Пробиштип“ и во моментов се работи на гасификација на болницата во Куманово.