1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас се коцка во спорот за името со Македонија

БГ
23 мај 2018

Грчкиот премиер Алексис Ципрас одлучи да преземе голем ризик во обид да го реши деценискиот спор за името со соседна Македонија, кој би можел да му се врати како бумеранг во предизборната година, анализира Ројтерс

https://p.dw.com/p/2yCJM
Griechenland Alexis Tsipras beim Präsidenten
Фотографија: Reuters/C. Baltas

На 15 месеци до следните парламентарни избори, левичарскиот грчки премиер веќе го програмираше излезот од третиот пакет за спас на економијата за ова лето во надеж дека тоа би можело да му го подобри слабиот рејтинг. И покрај тоа што во анкетите заостанува за речиси 20 проценти зад опозициската Нова Демократија, Ципрас сега реши да го стори она во што сите негови претходници не успеаја, лично да ги предводи напорите за решавање на спорот за името со Македонија.
„Тој е одлучен да го реши (спорот, н.з.)“, вели висок владин функционер за агенцијата Ројтерс.
Атина со децении не и дозволува на Македонија да го користи нејзиното уставно име со тврдење дека тоа претставува територијална закана за нејзината северна провинција, и претставува обид на поранешната југословенска република да ги присвои грчката историја и култура.

Во февруари годинава, стотици илјади Грци излегоа на улиците на протести против користењето на терминот Македонија во името на соседот, што беше поголема излезност дури и од протестите против болните мерки за штедење кои меѓународните кредитори и ги наметнаа на владата на Ципрас.

„Доколку се постигне договор, тоа ќе биде бонус. Тој ќе рече 'Ве извлеков од мерките за штедење, го решив прашањето со Скопје'. На тој начин може да го надокнади заостанувањето (во анкетите, н.з.)“, вели претставник на Сириза за Ројтерс под услов да остане анонимен.

Притисок од Западот

Отплеткувањето на македонскиот јазол ќе му донесе на Ципрас пофалби од ЕУ и САД, кои веќе подолго се нетрпеливи кон она што го гледаат како грчко одолговлекување околу спорот за името, кое го сметаат за дестабилизирачки фактор на Балканот. Расчистувањето на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ, ќе помогне и во запирање на растечкото руско влијание во регионот.

Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
Ципрас и Заев во СофијаФотографија: DW/B. Georgievski

Часовникот отчукува во пресрет на самитот на ЕУ на крајот на јуни каде повеќето земји-членки сакаат да и дадат на Македонија датум за почеток на преговори, како и за НАТО самитот во јули, каде грчките сојузници исто така поддржуваат членство на Македонија.
Политичките аналитичари предупредуваат дека, сепак, тоа ќе биде голем ризик за Ципрас.
„Меѓу Грците се уште постои тој менталитет на сѐ или ништо кога е во прашање спорот за името“, вели Костас Ифантис, професор по меѓународни односи на Универзитетот Пантеон во Атина.
„Се работи за проблем кој вклучува историја и симболи, и компромис е многу тежок во таков случај“, вели тој.
На маса се повеќе сложени имиња како Нова, Вардарска, Горна, и од неодамна Илинденска Македонија, но повеќето грчки политички партии отфрлаат било каква употреба на името Македонија, дури и со описни придавки. Меѓу нив се и актуелниот коалициски партнер на Ципрас, Независните Грци, како и најголемата опозициска партија Нова Демократија.

Игра на поделби

Нова Демократија веќе се изгоре на проблемот со Македонија додека беше на власт во средината на 1990-те години. Расцепот меѓу умерените и тврдокордните струи ја урна владата на тогашниот премиер Константин Мицотакис, а многу од оние кои тогаш си заминаа од партијата, денес се повторно во неа.

Konstantinos Mitsotakis
Владата на Константин Мицотакис падна поради спорот за името. Сега на сцена е неговиот син Кирјакос МицотакисФотографија: picture-alliance/dpa/Muhlhauser

Партијата сега предводена од синот на Мицотакис, Кирјакос во јавноста зазема бескомпромисен став во врска со името, но набљудувачите велат дека и натаму се активни истите поделби како и во 1990-те.
Некои аналитичари дури сугерираат дека главната мотивација на Ципрас за дипломатските напори околу името е токму желбата да ја подели Нова Демократија.

„Тој презема ризик чија цел не е да го затвори отворениот дипломатски проблем, туку да го користи како алатка за поделба, во најмала рака, на опозицијата“, вели Ифантис.

За време на викендот, Ципрас не успеа да обезбеди поддршка од опозициските партии за името Илинденска Македонија.

Но, и покрај големите ризици, евентуалното решение на спорот за името би можело да му помогне на рејтингот на Ципрас, смета Костас Панајопулос, прв човек на агенцијата за истражување на јавното мислење Алко.

„Ќе има реакции од опозицијата, без оглед на името, тоа е јасно“, вели Панајопулос. „Но долгорочно, решение, без оглед на спротивставувањето и првичните протести... не може да му наштети на Ципрас“.