Хрватска- убава, луда приказна
12 јули 2018Победник може да биде само еден- и тоа на синоќешниот натпревар не беше Англија. „Зиддојче цајтунг“ пишува дека „цела Англија плаче по полуфиналето против Хрватска“, со оценка оти „Хрватите се мајстори во продолжетоци“. „Шпигел“ во своето интернет издание, исто така, пишува за „драмата во продолжетоци“ во коja „Хрватите ги скротија (англиските) лавови“. Порталот на германскиот неделник особено ја истакнува улогата на Иван Перишиќ: „Поранешниот играч на Борусија од Дортмунд е сѐ уште потценет“.
Заклучок на германските медиуми по победата на Хрватска е сумиран во насловот на таблоидот „Билд“: „Оваа страст ѝ недостасуваше на германската репрезентација“, пишува коментаторот Валтер Штратен. „Франција против Хрватска! Оној кој се кладел пред Светското првенство на такво финале, би можел во обложувалница да собере многу пари. Пред неполни 4 недели да се кажеше дека оваа двојка ќе игра во финале би било сензација.“
„Но како се одвиваше турнирот, тоа не беше така. Малата Хрватска (4,2 милиони население), не многу поголема од Берлин, низ Светското првенство се бореше, гризеше, повлекуваше. Три продолжетоци по ред- тоа на ниту една друга екипа не ѝ има успеано досега. 'Коцкастите' играа со страст која можеше само да се посака од германскиот тим. Со Модриќ од Реал и Ракитиќ од Барселона- тоа е највештиот среден ред на Светското првенство. Со Перишиќ и Манџукиќ- брутално ефикасен напад“.
Повеќе:
-Фотографија на денот: Хрватска во финале!
-Фудбалска треска во Хрватска и Англија
-Хрватската летна бајка во сенка на фудбалскиот скандал
Сепак, заклучокот на коментаторот на „Билд“ нема да им се допадне на Хрватите, бидејќи Штратен пишува: „Честитаме, Хрватска! Но, светски првак ќе биде Франција. Никој не е на исто играчко ниво со Мбапе, Гризман, Канте, Погба. Тоа ќе направи разлика во недела.“
Хрватска или Франција?
И келнскиот таблоид „Експрес“, покрај текстот под наслов „Каков криминален филм! Манџукиќ ја бутна Хрватска во финале“, објавува уште два коментара. Првиот е на Тобијас Шрадер со наслов „Зошто сум за тоа Хрватска да биде светски првак?“: „Хрватска ќе биде светски првак. Да го кажеше некој ова пред Светското првенство, брзо ќе го прогласеа за луд. Но, на ова првенство сите работи се поинакви. Од големите фаворити во игра е само уште Франција. Белгија и Англија беа фаворити од сенка, Хрватска беше малку зад нив. Половина од стартната постава на Хрватите има врска со Бундеслигата: Манџукиќ, Ребиќ, Ракитиќ, Перишиќ, Крамариќ и други. Освен тоа, нивните најдобри играчи играат и во најдобрите екипи во Европа: Ракитиќ во Барселона, Модриќ во Реал, Манџукиќ во Јувентус и Ловрен во Ливерпул. Тие со својата игра можеби не беа целосно уверливи, но нивната страст и посветеност на играта за нивната земја, но и за луѓето пред екраните, вклучувајќи ме и мене, ги воодушевија сите. Би била убава, луда приказна кога најмалата земја меѓу полуфиналистите (4,2 милиони, рачиси 500.000 Хрвати живеат во Германија), за првпат во историјата би успеала да стигне на престолот во светот на фудбалот“, пишува Тобијас Шрадер во „Експрес“.
Повеќе:
-Франција е зрела за титулата светски првак
Во истовреме, тука е и коментарот на Јулијан Вицел „Зошто сакам Франција да стане светски првак?“: „Сосема е јасно: Франција ќе биде светски првак. Стабилна одбрана, грандиозен напад и притоа најврелото железо во целиот жар на Светското првенство- Килијан Мбапе, достоен наследник на Меси и Роналдо. Конечно еден за кого навивачите мислат: наредниот светски фудбалер е подготвен. Французите знаат да направат спектакл. На ова здoдевно првенство на гледачите со огнометот против Аргентина, им го дадоа сето тоа што фудбалот го прави убав и исклучителен: напнатост, темпо и чиста драматика“, пишува Јулијан Вицел во „Експрес“.