1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хесен е последната надеж за СПД

Петер Хиле
27 октомври 2018

Според анкетите СПД стојат лошо како никогаш досега. Но, во Хесен има зрак на надеж за СПД. Дали нивниот кандидат ќе стане премиер? Субинско гласање – не само за сопартијците, туку и за Ангела Меркел.

https://p.dw.com/p/37BYe
Thorsten Schäfer-Gümbel
Фотографија: DW/P. Hille

Денот не започна добро за автобусот со кој се вози Торстен Шефер-Гимбел, водечкиот кандидат на СПД во Хесен, во текот на кампањата. Виолетовиот десетметарски автобус тргна на пат во рана зора, но заглави во колона автомобили. Возачот сака да заврти, но не може да оди ниту напред ниту назад. Исто како и кај германските социјалдемократи, може слободно да се заклучи. Се чини дека СПД е блокирана. Ним не им успева веродостојно да ѝ се вратат на својата основна тема и заложба - социјална правда. Ниту им успева да се зафатат со нови теми. Исто така не успева да излезат од големата коалиција во Берлин – иако коалицијата со ЦДУ на Ангела Меркел и со ЦСУ сѐ повеќе ја губи популарноста кај граѓаните.

Опуштено во последната недела

Шефер-Гимбел, главниот човек на СПД за Хесен, води интензивна кампања. Овој 49-годишен политичар сака да стане премиер во покраината во која во центарот е финансиската метропола Франкфурт. „Само опуштено“, гласи неговата мантра. Ако погледнете како Шефер-Гимбел на патниците на железничката станица им дели кафе и кроасани, откако неговиот изборен тим по повеќе од неколку часа задоцнување конечно стигна на својата цел - гратчето Драјајх, јужно од Франкфурт, тогаш човек може да му верува дека ја достигнал оваа состојба. Тој не ги присилува луѓето, кои со темни подочници и костумосани брзаат да стасаат на работа, да го земат она што им го подава. Тој чека додека некој не сигнализира интерес. Како на пример, Јенс Таубер. Тој го успорува чекорот, додека Шефер-Гимбел го потсетува за изборниот термин на 28.10.2018, и си го става в џеп флаерот со информации. Таубер сѐ уште нема одлучено за кого ќе гласа, вели пред да се качи во возот. Но сепак може да си замисли да гласа за СПД. „Човек не мора секогаш да трча по победниците.“

Deutschland SPD-Wahlkampf in Hessen | Wahlkamps-Bus von Thorsten Schäfer-Gümbel
Многу термини во еден ден: Возачот на автобусот со кој се превезува Шефер-Гимбел во кампањата има многу работаФотографија: DW/P. Hille

Меркел под притисок

Партискиот пејсаж во Германија се менува со забрзано темпо како никогаш досега од основањето на сојузната држава во 1949 година. СПД е најголемиот губитник во овие промени. Според анкетите, поранешната народна партијана сојузно ниво има поддршка од само 15%. Тоа е катастрофа за „другарите“ кои уште во времето на царот се бореле за правата на работниците, и од чии редови низ историјата излегоа осум канцелари. Со Шефер-Гимбел тие сега се надеваат на премиерско место во Хесен, по 20 години владеење на ЦДУ во оваа покраина.

Во моментов СПД имаат речиси иста поддршка како и Зелените, од 20%. Актуелниот премиер Фолкер Буфие од ЦДУ има поддршка од 26%. Ако Шефер-Гимбел добие уште некој процент поддршка, тогаш може да биде шеф на една коалиција меѓу СПД, Зелените и Левицата или Либералите. По два неуспешни обида, со Шефер Гимбел СПД конечно ќе може да има позитивен резултат.

Повеќе: Поддршката за владата на Меркел на рекордно ниско ниво

Истовремено, тоа може да значи и крај на канцеларската позиција на Меркел. Ако ЦДУ изгуби во Хесен, тогаш противниците на Меркел веројатно ќе организираат пуч и ќе ѝ го одземат претседателското место во партијата. Ако СПД и понатаму продолжи со губење на поддршката во Хесен, тогаш силите ќе се соберат околу Тарек Ал-Вазир од Зелените, што може да значи и крај за големата коалиција во Берлин. Тоа исто така може да значи и политички крај за Меркел. А и Андреа Налес ќе треба да се откаже од лидерското место во СПД.

Повеќе: Со Налес кон сонцето, кон слободата?

Чорба од грашок и стопирање на растот на станарините

Кандидатот на СПД не сака да зборува за судбински избори. „Јас во основа не верувам во вакви преувеличувања", вели Шефер-Гимбел за ДВ. Исто е и кога добива барања за интервју од „Вашингтон пост" или други странски медиуми - тој во предизборната кампања се обидува да се концентрира на што е најважно за Хесен: „Тоа е пред сѐ темата домување, најголемото социјално прашање на нашето време“, вели Шефер-Гимбел.

Тој бара „запирање на растот на станарините“- пет години тие може да се зголемуваат на исто ниво со инфлацијата, што значи до 2% годишно. Со оваа идеја Шефер-Гимбел сака да ја придобие поддршката на гласачите во околината на Франкфурт. Офенбах и Милхајм на Мајна се неговите следни станици кои ќе ги посети со изборниот автобус. Но повторно се соочува со една пречка. Еден полицаец се заканува дека ќе пише казна поради запирање во зона во која е забрнето паркирање. Тимот на Шефер-Гимбел реагира брзо и тргнува од забранетата зона. На плоштадот кај пешачката зона во Офенбах својот кандидат веќе го чекаат партиски членови и поддржувачи. Во педесетлитарски казани има чорба од грашок и гулаш, а црвени балони се веат на ветрот меѓу станбените згради и неколкуте стари градби, кои ги преживеале бомбардирањата од Втората светска војна.

SPD Wahlkampf Ballon
Фотографија: DW/P. Hille

Работничка партија без работници

Торстен Шефе -Гимбел и неговата сопруга Анете со врзани престилки делат чорба. „Со малку зелен зачин, ама не многу“, се шегува Шефер-Гимбел и додава малку магдонос во пластичните чинии. Дел од новинарите и неколку бездомници земаат од чорбата, а потоа тој им подава и на минувачите кои во истовреме дискутираат со Шефер-Гимбел за зголемувањето на станарините, недостатокот на учители, лошите автобуски линии. Тој одговара и на прашања поврзани со детални околу право на градба или зелени покриви.

Долги години градови како Офенбах беа цврсто во рацете на СПД. Многу работници во металната, хемиската или кожната индустрија гласаа за нив. Но тоа беше пред 40 години. Офенбах доживеа преродба како локација за услужни дејности, додека СПД и натаму е заглавена во структурната преобразба. Повеќето минувачи кои не ги привлекува штандот со супи, се критични спрема партијата.

Deutschland SPD-Wahlkampf in Hessen | Thorsten Schäfer-Gümbel und seine Frau
Чорба со малку зелен зачин, се шегува Шефер-Гимбел додека дели хранаФотографија: DW/P. Hille

Исправени пред отпорот

„Тие се за жалење, им недостига жар, немаат нови идеи“, вели Волфганг Мелер. Тој порано бил силен поддржувач на СПД. Пензионираниот информатичар веќе не им е наклонет, исто како и повеќе од 10 милиони избирачи кои во минатите 20 години престанале да гласаат за ова опција. Милер вели дека му недостасуваат политичари со харизма како поранешниот канцелар од редовите на СПД, Вили Брант. За Шефер-Гимбел едноставно нема што да каже.

Врвниот кандидат на СПД во Хесен пак, и покрај контраветрот од Берлин, се обидува достоинствено да ја тера кампањата. „Мора да се занимаваме со темите кои ги засегаат луѓето во секојдневието“, вели Шефер-Гимбел. Партијата тоа би можела да го научи од сопартијците во Хесен. „Само така може да има оправдување за постоење на партија како СПД“, вели тој во разговор за ДВ.

Deutschland SPD-Wahlkampf in Hessen | Wolfgang Meller
Волфганг Мелер, поранешен силен поддржувач на СПД, во меѓувреме има кренато раце од оваа партијаФотографија: DW/P. Hille

Во истиот ден од предизборната кампања Шефер-Гимбел планира и тура по киосци, средба со претприемачи и дебата на тема „Родова рамноправност". Напорно барање паркинг за неговиот возач. И напорна работа да се убедат граѓаните од страна на човекот кој на СПД сака да ѝ покаже дека сѐ уште не е се изгубено.