1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хелмут Кол - голем државник

Александер Кудашеф
16 јуни 2017

Смртта на Хелмут Кол, кој најдолго време беше канцелар на Германија, ја коментира Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1Fap3
Altbundeskanzler Helmut Kohl
Фотографија: picture-alliance/augenklick/J. Fromme

Хелмут Кол беше канцелар на германското и европското обединување. Фактите дека 16 години беше канцелар на Германија и четвртина век претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) зборуваат за неговата неверојатна истрајност, за фрапантна енергичност и пробивност, за челична волја за власт. Хелмут Кол на избори беше четири пати реизбран за канцелар. Импозантно животно постигнување.

Како навидум вечен партиски претседател на ЦДУ, легендарен е неговиот осет за развојот на нештата во сопствените редови, неговата недоверба кон критичките струења. Но, кога во 1989. година се бореше за опстанок на функцијата претседател на партијата на конгресот во Бремен, му помогна падот на „железната завеса“. Кол ја искористи шансата што со падот на комунистичките диктатури им се укажа нему и на Германија. Тој ја креираше историјата. Го искористи моментот, таа историска можност. Во тие моменти Кол стана државник.

Несомнено, Кол е канцелар на германското единство. Тој беше политичарот што се издигна над колебањата, стравовите, задршките дома и во странство и од ноември 1989 година самоуверено се стремеше кон повторното германско обединување - и конечно го оствари на 3. октомври 1990 година. Во клучниот момент, кога беше најпотребно, тој покажа политички, дури и историски инстинкт. Со тоа за некои Кол стана Бизмарк на 20. век.

Но, Хелмут Кол не беше само германски патриот, кој го зграпчи подарокот од историскиот пресврт на истокот на Европа. Канцеларот-рекордер беше и убеден Европеец. Политичар кој во 16-те канцеларски години и на безбројните европски самити секогаш беше подготвен да го унапредува европското обединување. Тоа се однесува на старата ЕЗ (Европска заедница - н.з.), на проширената зеадница на ЕУ, на перспективите за пристапување на земјите од централна и источна Европа, кое се случи дури во 2004 година.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф

Хелмут Кол беше и соосновач на заедничката европска валута - еврото, што исто така го сочинува неговиот ранг како европски државник. Размислувајќи во големи историски линии, тој сфати дека само една заедничка валута и откажувањето од силната германска марка ќе помогне да се надминат можните задршки во Франција, Велика Британија и други земји на ЕУ. Тоа беше вистинско решение, кое го направи неповратно обединувањето на Стариот континент.

Хелмут Кол беше државник. Тој беше политичар кој истовремено беше поим како за повторното германско обединување, исто така и за европското усогласување. Човек со голема лична цврстина и доследност, кој го препозна и се избори за вистинското. Тоа него го направи особено во странство почитуван и ценет политичар од ранг, независно од разновидните критики токму во Германија.