Хан: Политичките лидери да се држат до она што го потпишале
6 јуни 2016Во интервјуто за порталот ЕурАктив, кој се занимава со теми поврзани со европската политика и ЕУ, еврокомесарот Јоханес Хан, денеска во врска со состојбата во Македонија, протестите и блокадите на политичкиот процес, оценува дека е потребно целосно спроведување на Договорот од Пржино.
На прашањето - како натаму по одложувањето на изборите во земјата, тој одговара:
„Постојано подвлекував што очекуваме од политичките лидери во земјата: целосно спроведување на Договорот од Пржино, кој го постигнаа политичките лидери минатото лето, и кој и натаму е во сила. Сериозно работење на реформите за правна држава. Целосно повлекување на амнестијата од страна на претседателот Иванов, и не како последно - неограничена поддршка на работата на специјалната обвинителка, што е дел од Договорот од Пржино.“
За надминување на блокадите во земјата, според еврокомесарот Хан, интересите на Македонија и нејзините граѓани треба да се стават пред партиско-политичките интереси:
„Во основа, се работи за тоа интересите на земјата и нејзините граѓани да се стават пред партиско-политичките интереси. Европската унија и меѓународната заедница дадоа што е можно од себе за да му дадат поддршка на демократскиот реформски процес. Но, спроведувањето може да успее само ако политичките лидери се држат до договорите кои ги потпишале и до своите обврски и ако за тоа преземат одговорност“, вели во врска со ситуацијата во Македонија еврокомесарот Хан во интервјуто за порталот ЕурАктив, кој себеси се декларира како водечки медиум за европска политика.