1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрајбург: омразата потоа

Хелена Кашел
10 декември 2016

Силувањето и убиството на една студентка во Фрајбург се претвори во политичко прашање. На интернет пак ескалира омраза.

https://p.dw.com/p/2Txln
Gewaltverbrechen in Freiburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Овој насилен чин од регионален стана проблем во целата земја најдоцна во саботата вечер. Во централната информативна емисија на Првата програма на германската телевизија (АРД) ниту со еден збор не се спомена тоа дека по истрагата, која траеше една недела, е пронајден осомничениот за убиство, и оти станува збор за малолетен бегалец кој во Геманија стигна од Авганистан, без родителска придружба. Следеше бура од критики поради тоа. Редакцијата се огласи на својата Фејсбук страница наведувајќи го следното: Случајот има само „регионално значење“. На социјалните мрежи ова објаснување наиде на многу неразбирање. Под хаштагот #RegionaleBedeutung (РегионалноЗначење) корисниците на Твитер на своето незадоволство му дадоа оддишка.

„Дното на Фејсбук“

Сега во дискусијата се вклучија и други, како Маркус Ланц, водител на Втората програма на германската телевизија (ЦДФ). А социјалните мрежи од саботата станаа бина за горки дискусии за бегалската политика, културата на добредојде и извештаите за веројатен криминал на бегалците.

Бројни корисници за случајот се изјаснуваат објективно, но далеку повеќе се распространети коментарите исполнети со омраза. Кога „Бадише Цајтунг“ од Фрајбург за време на викендот објави текст за осомничениот за убиство корисниците на Фејсбук страницата на овој весник поставија неколку коментари полни со омраза, по што редакцијата одлучи да објави листа која јасно ги покажува размерите на омраза. Одговорните во „Бадише Цајтунг“ биле вчудоневидени наведувајќи дека станува збор за „бездна на Фејсбук“ и „документиран дел кој изненадува“.

Убиената Мариа Л. се ангажирала за пружање помош на бегалците во Фрајбург. Според наводите на медиумите организацијата, во која таа била ангажирана (Фрајбуршка бегалска помош) во меѓуврме морала привремено да го затвори својот профил на Фејсбук поради бројни расиситички постови. На Твитер пак некои корисници целиот случај го искористија колективно да ги оцрнат бегалците и мигрантите.

Deutschland Freiburg nach Mord an Studentin
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Селективно собирање податоци

За мигрантите наклонети кон криминал медиумите свесно известуваат еднострано- на овој начин во овој случај, како што тоа е и генерално случај, се жалат бројни корисници на социјалните мрежи. Против таквото изобличување се бори, на пример, проектот „XY Посебен случај“ кој сега на себе привлече многу внимание. Операторите на овој проект од почетокот на 2016. година на картата на Германија бележат кривични дела кои ги сториле мигранти и бегалци. Според сопствените наводи тие користат податоци од полиција и вести. Оваа т.н. „Мапа на одделен случај“ може да се најде и на карта на Гугл. Тука има случаи на напад сортирани според категории, како на пример, „немири, закани, разно“, „сексуални напади“ и „силувања (меѓу кои е и обид за силување)“. Кога станува збор за Мариа Л. одговорните за оваа страница на Твитер напишаа дека Фрајбург не е „одделен случај, оваа година веќе известивме за над 195 силувања и 300 убиства“.

„XY Посебе случај“ ги отфрла обвинувањата дека сите доселеници ги става под генерално сомневање. Одговорните на овој проект истотака се дистанцираат и од деснорадикалните и другите дискриминирачки коментари. И страницата Rapefugees.net со својата „карта на силувања“ го привлекува вниманието на кривични дела за кои се осомничени мигранти. Јавните медиуми се обидуват да го „намалат проблемот“, се наведува на оваа веб станица. Одговорните на оваа страница според сопствените наводи не сакаат да го „препуштат полето на десничарските радикали“, а истовремено пишуваат за „азиланти, бегалци и мигранти како силувачи (rapefugees)“.

„... кога би бил американски турист?“

Колку дискусијата излезе од контрола покажуваат реакциите на политичарите. „Тоа е толку горко: такви одвратни убиства имаше и порано пред да стигнат првите бегалци од Авганистан или Сирија“, напиша шефот на СПД, Зигмар Габриел, на Фејсбук. „По таквите насилни дела- без разлика кој ги сторил- нема да биде дозволено поттикнување/подбуцнување на народот“, рече Габриел. Градоначалникот на Фрајбург, Дитер Саломон, во разговорот за „Дојчландфунк“ рече дека се бесмислени паушалните осуди: „Замислете тоа беше американски турист. Дали тогаш ќе речевме: Кога не би имало американски туристи такво нешто не би се случило? Или тоа да беше млад Пољак или Чех дали тогаш би се рекло: Ја доведуваме во прашање слободата на движење во ЕУ?“

Стореното кривично дело и поттикнувањето на социјалните мрежи кое следше по него беше тема и во Берлин. Гласноговорникот на германската Влада, Штефен Зајбер, рече дека силувањето и убиството на студентката во Фрајбург е „страшно злосторство“. Но, не смее да се заборави оти веројатно станува збор за одделено дело на еден авганистански бегалец, а не на цела група кои се од Авганистан или се бегалци.