1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најтажниот роденден на кралицата Елизабета Втора

ЖА
21 април 2021

Кралицата Елизабета Втора својот 95-ти роденден го слави во момент на огромна загуба – смртта на нејзиниот сопруг, принцот Филип

https://p.dw.com/p/3sJ2j
Queen Elizabeth mit Maske
Фотографија: Avalon/Photoshot/picture alliance

Прослава на роденденот, четири дена по погребот на принцот Филип, кој почина на 99 години, нема да има. Британската кралица е во длабока жалост, иако тоа не го манифестира јавно, поднесувајќи ги бремињата стоички, онака како што тоа се чини го прави веќе 70 години, барем однадвор гледано. 

Во 1952 година, со само 25 години, таа седна на престолот по чиста случајност. Ако нејзиниот чичко, кралот Едвард VIII не абдицирал поради љубов, нејзиниот татко немало да стане крал, ниту таа би ја добила големата одговорност, која ја извршува со најголема сериозност, патриотизам и истрајност.

За време на владеењето на Елизабета Втора, британското општество претрпе енормни промени. Монархијата во ерата на Елизабета преживеа добри и лоши времиња, венчавки од соништата и разводи, скандали, економски кризи и војни. Но, и покрај сите афери и дилеми околу смислата на постоењето на конституционалната монархија, најголем дел од Британците ја сакаат својата кралска фамилија и посебно кралицата.