Карневалскиот оптимизам контра коронавирусот
26 февруари 2020Така на годинешниот карневал во Рајнската област во Германија „на удар“ на карневалската сатира е новиот коронавирус, кој се чини незапирливо се шири ширум светот, сеејќи неизвесност и страв. На оваа #ФотографијаНаДенот карневалистите во Диселдорф на коронавирусот му го спротиставуваат „карневалскиот вирус“. Но, „петото годишно време“ на безгрижност и славје завршува денеска со т.н „Среда Пепелница“, и за жал настапува „освестувачкото“ секојдневие, кое нема обзири кон оптимизмот на карнавалистите. Имено, се чини оти и во Германија полека се шири новата белодробна болест Ковид-19 предизвикана од коронавирусот. Синоќа беа потврдени два нови случаи на заразени, еден 25- годишен маж во покраината Баден Виртемберг, а еден 47 годишен маж во „карневалската“ покраина Северна Рајна Вествалија, кој се наоѓа во животна опасност. Како што соопштија здравствените власти во двете покраини постојат и неколку други сомнителни случаи.